Достапни линкови

Навала за лиценци за фотоволтаици


Работник, соларни панели. Илустрација.
Работник, соларни панели. Илустрација.

Во земјава лани фотонапонските централи учествувале со 3 отсто во производството на струја од обновливи извори. Годинава на адресата на РКЕ пристигнале рекордни над 180 лиценци за фотоволтаици. Цената на продаден мегаватчас во просек е околу 100 евра.

Македонија важи за земја на сонцето, а овој природен ресурс доби на цена како резултат на енергетската криза која ја погоди цела Европа. Ако во минатото Регулаторната комисија за енергетика-РКЕ на годишно ниво издавала по максимум 20 лиценци за поставување на фотоволтаици, сега бројката е зголемена за 9 пати. Во последниот извештај на РКЕ за 2021 година е наведено дека во земјата имало вкупно 220 фотонапонски електроцентрали.

„За прв пат кај фотонапонските електроцентрали доминира бројот на електроцентрали коишто произведената електрична енергија ја продаваат на пазарот на електрична енергија“, се наведува во извештајот на РКЕ.

Фотонапонски електроцентрали лани учествувале со 3,1 отсто во производството на електрична енергија од обновливи извори. За разлика од 2020 година кога учеството било под еден процент.

Годинава, како што информираат од РКЕ се издадени околу 180 лиценци. Процедурата за издавање на една лиценца трае околу 27 дена.

Кои се најголемите производители

Од повластените производители кои го користат сонцето како ресурс најмногу струја лани и годинава произвеле фирмите Мега Солар, Текома, Торпедо Солар ГТ, Лагово, Фец Дуброво, Еси Солар, Еуро Солар, Соларни Македонски Системи, Солар Енерџи Систем, Солар Парк Лисолај, според податоците на Националниот оператор на пазар на електрична енергија- МЕМО.

Сите централи се со инсталирана моќност до еден мегават. Заедно во 2021 година произвеле 13.342 мегаватчасови. Од продажбата на струја, според пресметките на РСЕ брз основа на просечната цена на месечно ниво овие десет фирми инкасирале речиси 1 милион и 456 илјади евра.

Цената на струјата по мегават час се движела од 5600 до околу 8000 денари. Просечната цена изнесувала 6280 денари.

Најмногу струја се продала во јули. Најскапа струјата била наредниот месец во август или 8016 денари по мегаватчас, кога и најмногу пари биле наплатени од продажбата.

Според податоците на МЕМО за оваа година до октомври просечната цена на струјата по мегават час е пониска од лани и изнесува 6110 денари.
Вкупно фирмите за девет месеци од продажбата инкасирале нешто над 1 милион и 191 илјада евра. Повторно најмногу струја била продадена во јули, а најскапа била во август или 7117 денари по мегаватчас.

РСЕ при крајот на минатата година анализираше колкава е искористеноста на сонцето како извор на енергија. Тогаш разговаравме со Зоран Балевски, главниот менаџер на Мега солар, која е првата фотонапонска централа во земјата.

Централата се наоѓа во близина на селото Гермијан, на подрачјето на Општина Новаци, а за нејзината изградба пред 11 години биле вложени 3 милиони евра.

„Фотонапонските централи се профитабилен бизнис и се работи за бизнис кој ќе вроди со плод после неколку години“, рече тогаш Балевски.

Повластената тарифа, како мерка за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија, беше воведена во 2007 година, додека првите електроцентрали кои произведената електрична енергија ја продаваат по повластени тарифи започнува со работа во 2010 година.

Со Законот за енергетика од 2018 година, покрај повластената тарифа се воведе и премијата како мерка за поддршка. Повластениот производител кој користи премија се избира преку тендерска постапка со аукција, која ја спроведува Министерството за економија.

Во бизнисот влегоа и Заеви

Еден месец откако поранешниот премиер Зоран Заев си замина од функцијата, во февруари годинава неговиот син, Душко влезе во бизнисот со струја, во ек на енергетска криза.

Заев потоа во април изјави дека фирмата „Тотал енерџи“ на неговиот син ќе изгради фотоволтаична централа од 470 kW во близина на Струмица, родното место на поранешниот премиер.

Освен синот, неодамна во бизнисот со струја влезе и таткото на Зоран Заев, Панче, покажуваат податоците од Централен регистер. Управител на новата фирма Солар Грин Енерџи која е формирана во септември е братот на Зоран Заев, Вице.

За да почнат со работа на фирмите им е потребна лиценца од РКЕ за која се уште не аплицирале.

„Ниту една од посочените две фирми нема доставено барање за лиценца“, велат од РКЕ за РСЕ.

Анѓушев сопственик на централа

Поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев одамна е во бизнисот со струја. Фирмите „Централ Инвест“ и „Феро Инвест“ кои се во негова сопственост произведуваат струја преку електрани од обновливи извори. Неодамна „во близина на Кочани со работа започна новата фотоволтаична електро централа ФЕЦ Тркање со инсталирана моќност од осум мегавати.

Анѓушев претходно го најави отворањето на ФЕЦ Тркање и изјави дека во делот на фотоволтаици се отворил сериозен простор за инвестиции.

„Но, и таму не смее да се оди до недоглед, бидејќи фотоволтаиците произведуваат 80 отсто од енергијата од април до септември од 9 часот наутро до 5 часот попладне. Ако премногу се изградат ќе настане поголемо производство од потребите во тој период“, изјави Анѓушев за телевизија Сител на почетокот на октомври.

Тој притоа додаде дека „Сега настана едно Елдорадо на некој начин кој побрзо ќе направи фотоволтаици“.

Од РКЕ велат дека очекуваат и годинава да продолжи трендот на зголемување на производството на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали со оглед на интересот за издавање на лиценци. Колку конкретно струја ќе се произведе од овие извори на енергија ќе биде објавено во годишниот извештај на РКЕ, велат оттаму.

Интересот за поставување на фотоволтаици порасна и кај граѓаните и кај фирмите за производство на струја за сопствени потреби, а со новите законски измени кои стапија на сила се поедноставени условите за нивно поставување. Со измените, граѓаните и стопанството ќе можат побрзо да постават фотоволтаици до 6 киловати за домаќинство и до 40 киловати за фирмите, без административни постапки и без да се чека одобрение за градба од локалната самоуправа.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG