Достапни линкови

Бидете толку добри што нема да може да ве одбијат


Александар Темелкоски, средношколец
Александар Темелкоски, средношколец

Да престанеме со досегашните практики и меѓусебни обвинувања и да се обидеме конечно нешто ново кое може да ни донесе голем успех и перспектива за нашата држава, а особено за нас младите, пишува средношколецот Александар Темелкоски во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

После само неколку изминати недели од „тоталниот“ општествен хаос којшто настана поради недобивањето на датум за преговори со Европската унија, како и безброј пати досега, нашиот фокус премногу брзо се насочи на сосема друга страна, односно на новите предвремени избори кои треба да се одржат на 12 април наредната година. Несомнено недобивањето на датум предизвика една широка дебата за кој е навистина виновен и кој би требало да ја сноси најголемата одговорност за тоа. За некои тоа е францускиот претседател Емануел Макрон, за други тоа е премиерот Зоран Заев, за некои пак тоа се неуспешните реформи. Но, сепак, во овој момент се соочуваме со многу поголем предизвик. Со самото распишување на вонредни парламентарни избори секоја од политичките партии ќе се фокусира на својата изборна кампања и претставување во најдобро можно светло пред граѓаните. Со самото тоа најголем дел од предвидените реформи би биле замрзнати и би тапкале во место. Дури најголемиот дел од нив би се враќале и назад.

Па се запрашувам: Во чија корист е тоа? Корисно ли е тоа за народот? Го посакува ли тоа нашиот граѓанин? Одговорот е секако едно големо НЕ!

Без разлика колку и да сме гневни во овој момент на големата Европска заедница, разочарани и потиштени не смееме да се откажеме. Иако можеби се согласувам со ставот дека Европската унија не го заврши својот дел, сепак ќе потенцирам дека голем дел од вината е кај нас. Мораме да бидеме самокритични. Не е тоа поради некои неисполнети реформи и ветувања. Далеку од тоа. Навистина бевме добри и вложивме многу напор и сили, но сепак не успеавме. Самите сме свесни дека можевме повеќе бидејќи го имаме потенцијалот за тоа. Тргнете од една доста моќна мисла која навистина вреди да ја запомнете. Таа гласи: БИДЕТЕ ТОЛКУ ДОБРИ ШТО НЕМА ДА МОЖАТ ДА ВЕ ОДБИЈАТ! Да, токму така. Не оставајте простор да бидете одбиени. Сакате да бидете најдобри во вашата група на училиште? – Учете двојно повеќе од останатите, читајте двојно повеќе, работете на себе двојно повеќе од останатите. И тоа не е доволно? Учете тројно повеќе! Сè до моментот кога ќе го добиете тоа што го посакувате. Никогаш немојте да се откажувате. Оваа изрека важи за сите останати сегменти во нашите животи. Па така и за оваа наша ситуација. Навистина ние работевме многу. Не било доволно? Во ред, нема да очајуваме! Од утре ќе ги засукаме ракавите и ќе работиме двојно повеќе отколку досега. Ќе ги разгледаме нашите недостатоци, ќе ги забрзаме реформските процеси, ќе ги опфатиме сите сегменти. Бидејќи секогаш може да биде подобро.

Тоа е едната наша опција. Од другата страна имаме една сосема различна опција. Неа би ја означил со фразата „Другите се криви“. Ова на сите нам ни е добро познато. Тоа е таа добро позната човечка психологија „другите се криви“. Речиси секој од нас, кога и да се најде во малку потешка ситуација во сопствениот живот, во која било сфера, веднаш започнува со користење на овој метод. Започнуваме со обвинување на другите, на пријателите, на државата, на родителите, на познаниците и на сите останати, а никогаш не ја бараме одговорноста во себе. Токму и затоа тапкаме во место. Не може вечно другите да се криви, а ние вечно да сме тие совршените коишто сè знаат и секогаш се во право. Тоа е така и во нашата ситуација. Во овој момент ние можеме да се определиме за оваа опција, како што и впрочем сме правеле безброј пати во минатото и да започнеме со константно обвинување на другите, да користиме говор на омраза и постојано да ги навредуваме останатите додека остатокот од светот ќе продолжи да се движи напред, а ние, нашите реформи и европскиот сон ќе тапкаме во место, а впрочем ќе се враќаме и назад.

Од едната страна ја имаме опцијата „Бидете толку добри што нема да може да ве одбијат“, од другата страна ја имаме опцијата „Другите се криви“. Мислам дека е сосема јасно што би одбрале мнозинството од нас. Да престанеме со досегашните практики и меѓусебни обвинувања и да се обидеме конечно нешто ново кое може да ни донесе голем успех и перспектива за нашата држава, а особено за нас младите чија задача е постојано да се бориме, да бидеме активни и критични спрема некои лоши одлуки во нашето општество, но и спрема себе, сè со цел сите заедно постојано да се подобруваме и изградиме како вистински личности кои би биле гордост за оваа наша земја.

Затоа уште еднаш апелирам до сите да го избереме вистинскиот пат и да не се откажуваме. Бидејќи премногу брзо ќе дојде и следниот ЕУ самит којшто треба да се одржи во Загреб веќе во мај наредната година, а ние таму треба да се покажеме во вистинско светло, подобри и посилни од кога било, а не разочарани, со празни раце и сосема демотивирани и со самото тоа останатите да речат: Навистина бевме во право со тоа што не дадовме датум за Република Северна Македонија. Затоа треба веднаш да продолжиме таму каде што застанавме! Citius, altius, fortius! – Побрзо, повеќе, посилно!

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG