Со татко ми отсекогаш сме имале различни политички ставови. Јас прогресивен либерал и демократ, а тој строг традиционалист и конзервативен десничар. На сите избори сме гласале за спротивни кандидати и отворено сме зборувале за тоа. И ден денес постојано се расправаме кои политички вредности се позначајни кога е во прашање нашата земја. Секој од нас ја сака Македонија, ама на свој начин. Јас како земја во која сакам да има владеење на правото, европски стандарди и услови за живот, а тој како земја за која е најважно да си ги зачува идентитетот, јазикот и историјата. Веќе две децении се обидуваме јас и тој да се убедиме кој е во право, и во тие кавги јас гледам кон иднината, а тој во минатото, но се сложуваме само околу едно. Дека оваа земја досега не ја водеа луѓе кои вистински ја сакаа. За мене тоа е како да не си го сакаш сопствениот дом, а не сретнав семејство кое свесно си го уништува домот, освен неколку дисфункционални семејства кои ги познавам. Зошто Македонија толку мала никогаш не успеа да стане место т.е дом, во кој сите ќе се грижат во рамки на своите можности, секогаш да има вода, храна, чист воздух и растенија?
Од друга страна, сите сме загрижени поради недобивањето датум за преговори за членство за ЕУ, обвинувања секојдневно за тоа кој е виновен и дали вложивме премногу, а не добивме ништо. За жал, ретко кој е загрижен дали и оваа зима повторно ќе сме први во светот по нездрав воздух за дишење, дека плаќаме здравствено осигурување, а не добиваме соодветни третмани, дека образованието е тотално уништено од катастрофални политики и несоодветна програма и учебници. И зошто сета оваа голема жртва за иднина во ЕУ, кога на оваа тажна земја соголена од криминал, пожари, суши и уништена природа, наскоро нема да ѝ останат ниту млади на кои ЕУ треба да им биде идниот дом.
Во оваа насока на овонеделната Собраниска комисија за надворешна политика една од пратеничките го постави токму тоа прашање кое ниеден од медиумите не го пренесе и отприлика гласеше некако вака: Ние тука зборуваме дека немаме друга опција за Европската интеграција која не знаеме колку ќе трае, а не размислуваме дека во таа Европа ќе стасаат, ако стасаат, само младите, кои за жал сè помалку ги има во оваа земја, нив никој не ги спомeнува.
Универзитетските професори на трибина оваа недела велат: за 11 години на УКИМ нема да има професори. Исто така гледаме дека болниците веќе се целосно без персонал, бизнисмените очајно бараат работници, а само политичарите смирено договараат зделки, поделба на високи функции, и секако веднаш се согласија за датум за нови избори. А знаеме дека генерално политичарите се секогаш во трка САМО за гласови, и имајќи предвид дека младите помалку гласаат, па не се ни во нивниот фокус. Никој во Македонија не води статистика колку млади гласаат. Замислете, сите зборуваат за иднината и колку младите им биле важни, но никој не знае дали таа публика воопшто слуша?
Во потрагата на прашањето зошто младите помалку гласаат го најдов Рик Едвардс, кој во своето прекрасно TEDx обраќање од поодамна, но се уште актуелно и денес, вели: Замислете на избирачките списоци покрај наведените партиски кандидати да има и опција за заокружување: никој од наведените. И “никој од наведените” да си има свој освоен процент на места во Парламентот. Колку тогаш празни столчиња ќе има таму, сигурно многу повеќе од која било политичка партија. Дали тогаш политичарите нема од петни жили да се борат да добијат повеќе од тие празни столчиња? Слушајќи го неговиот говор од пред 5 години си велам, кога само некоја од партиите, особено тие кои се на власт, би се обиделе да ги привлечат младите со некое од петте негови предлози за следните избори напролет, па освен променет изборен модел, да се промени и начинот на гласање, па да се гласа и преку интернет. Сигурна сум дека тогаш излезноста ќе биде многу поголема. Но, тоа ми звучи премногу напредно за земја во која не може да се организира попис на население веќе 19 години. И секако убав предлог е политичките партии да понудат многу повеќе кандидати кои младите ги препознаваат и се од нивната генерација. Дали тогаш ќе имаме повеќе надеж дека тие млади ќе работат совесно за нашиот дом – Македонија? Ќе дадат пример дека сакаат да останат тука и ќе инспирираат други млади да се вратат, затоа што утре, на другата страна од надворешната врата само нив ќе ги чека Европа.
Додека сите мирно чекаме нова пролет, се прашувам, КОГА ќе собереме доволно храброст да кажеме дека младите околу нас заминуваат со секој нов ден, и да кажеме дека сме свесни дека иднината на Македонија повеќе не се младите. И дека ама баш ништо не правиме по тоа прашање! Да кажеме и дека младите повеќе нема да гласаат на следните избори. Зошто? Бидејќи едноставно тие повеќе НЕ живеат тука! На изборите во Македонија следната пролет повторно ќе гласаат постарите,и само тие ќе одлучуваат за НАШАТА иднина, и за иднината на Македонија во Европа, во која многу од нив нема ни да бидат живи кога ќе влеземе, ако воопшто стигнеме дотаму.