Достапни линкови

На што ќе се гордее ќерка ми утре?


Антоанета Иванова, Основач на Европската младинска асоцијација за едукација Младиинфо Интернационал ( www.mladiinfo.eu)
Антоанета Иванова, Основач на Европската младинска асоцијација за едукација Младиинфо Интернационал ( www.mladiinfo.eu)

Размислувам за иднината на ќерка ми која има пет год, дали за 10 години отсега повеќе ќе се гордее, дека е потомок на оној чичко на коњ на плоштад или дека е жител на малата North Macedonia - новата успешна приказна од европскиот југ?, пишува Антоанета Иванова, основач на Европската младинска асоцијација за едукација Младиинфо Интернационал, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Деновиве исполнети со полемики и жустри дебати, и на тоа кратко време што го поминувам во Македонија патувајќи секој викенд дома, успевам да најдам простор да разменам мислења за и околу историската шанса за мојата земја - референдумот на 30-ти септември. За некои, чекор на предавство и откажување од нашиот толку „негуван“ идентитет, а за други шанса да тргнеме од заглавените 27 години во меѓупростор во кој чмаеме гледајќи како другите околу нас грабат напред.

Токму во овие денови добив едно големо сознание, младите во оваа земја не знаат што референдумот може да значи за нив, не ги ни обвинувам, никој од нив не може да памети ништо од референдумот во 1991, каква надеж гледавме во него. Но оттогаш до денес, што се направи во нашата Македонија за 27 години? Што ние направивме за неа во скоро три децении? Кога човек ќе се запраша на што се гордееме ние како граѓани на оваа земја?

Веројатно овие нови генерации паметат ретки успеси – 4 -то место во кошарка и што патуваме скоро 10 години без визи во Европа, години во кои сите ние некако нè успеавме да создадеме нешто по кое ќе не препознава светот.

Минативе години светот околу нас стана Европски ( Естонија земја на е-граѓанство и технологија, Словенија најзелена и најчиста земја во светот, соседна Бугарија 10 години во ЕУ). Ние, пак, 10 години ги учевме нашите сегашни полнолетни млади дека сме антички. За потоа за само една година веќе и да заборавивме дека сме биле дел од тој антички свет.

Си велам, зашто младите не разбираат дека идентитетот е променлив, никој не е истиот човек од пред десет години, она што е поважно е дека во барањето идентитети од антички до бугарски, изгубивме илјадници кои заминаа за подобро образование, работа и поквалитетен живот и нема никогаш да се вратат. Ќе се обвинам и себе си, десет години ги убедувам младите од земјава дека заслужуваат да студираат надвор, да патуваат и да создаваат кариери и сето тоа бесплатно, дека светот им стои на дофат. Мисијата за која работам и верувам е дека секој од овој т.е трет балкански свет заслужува шанса да биде дел од Европа и светот, преку она што го правам илјадници млади заминаа од Македонија, и некогаш не се гордеам со тој факт, дури и чувствувам вина. Се прашувам дали така ги загубивме сите млади прогресивни умови кои денес во референдумот ќе гледаа поинаква шанса?

Пред некој ден Фејсбук ме потсети дека во 2016 -та бев на европски настан каде се срамев да кажам од која земја доаѓам, мојот статус од тој ден беше ваков „за жал на тие настани сфаќаш колку ти е ситуацијата во сопствената земја бедна, кога сите присутни само за твојата земја (од сите земји во регионот) велат дека им е жал што нѝ се случува!“. Како луѓе природно е да забораваме низ што поминавме, но верувам дека е тешко да се направи споредба, особено за иднина која не ја знаеме и велиме никој ништо не ни ветува.

Но, зарем не треба самите себе да си ветиме? Дека сега кога за прв пат сите очи на светот се вперени кон нас? Колку и да се тешки, ова се нашите пет минути, малку наметнати, притиснати и можеби поттурнати. Не ни е вкусно она што ни го „дадоа“ за ручек а ние не го одбравме а ла карт. Се сложувам тешко е да се „проголта“ она Норт. Гневни сме дека ова не е методот, дека луѓето немаа време да размислат, дека начинот не е правилен, дека никој не е вклучен да даде мислење. Се согласувам, можеби луѓето во оваа влада не умеат најдобро, не се инклузивни и не сакаат да прифатат дека постојат млади кои завршија на најдобрите универзитети во светот со добиени стипендии со сопствени сили и кои денес ми велат: да добијам шанса да работам за сопствената земја ќе се вратам дома да помогнам...
И тука размислувам за сите вас, чии деца ги праќате надвор и ќе ги пратите поради тоа дека Македонија со години е пропадната неуспешна приказна, дали овој пат ќе се обидеме да смениме нешто, да дадеме шанса и создадеме земја со вредности на кои ќе се гордееме. Да се трудиме да создаваме идентитет по кој ќе не препознава светот.
Размислувам за иднината на ќерка ми која има пет год, дали за 10 години отсега повеќе ќе се гордее, дека е потомок на оној чичко на коњ на плоштад или дека е жител на малата North Macedonia - новата успешна приказна од европскиот југ?

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG