Се повеќе професионалци се решаваат за „eкономска миграција“. Причината за тоа често е финансиска, ама и не мора да значи. Економската миграција се случува и заради перспектива, содржина, култура, општесто, едукација...
Tекстов нема да биде негативен. Нема да го оправдувам кукањето и жалењето во 500 до 800 зборови - додека не го исчитате и си продолжите со денот. Ќе биде позитивен и ќе споделам неколку идеи за тоа како можеме да влијаеме.
Во Македонија има маса на исклучителни таленти кои се занимаваат со технологија. Во секој момент би можеле да се вработат „remote“ за странски компании, или да се релоцираат во друг град низ светот. Недостаток на кадри во секоја област е светски тренд, а особено во IT.
Можеби, она што ги држи тука е домот, пријателите, семејството, верувањето дека можат да имаат исполнителна кариера во некоја од најдобрите компании, или идејата за сопствен бизнис.
Едно е сигурно - новите генерации не се како своите родители, да останат на сигурна работа 40 години, вредно да работат за да дочекаат пензија. Новите генерации сакаат предизвик, создавање на вредност, учење низ процесот на работа и најважно од се - смисла. IT компаниите веќе го знаат ова бидејќи имаат најголем проблем со наоѓањето на стручен кадар.
За 6 месеци ќе биде 2020 - the roaring twenties. Ајде да не ги демотивираме луѓето со идеја. Ајде да ја направиме играта поинтересна за младите. Има многу успешни приказни од Македонија. Да се фокусираме на нив.
1. Медиуми - емитувајте ги позитивните примери почесто.
Неколку успешни македонски стартапи за кои можеби не сте слушнале: Embed Social, UpShift, Brainster и Pixyle. Претежно домашен состав, технологија, startup culture, eyes on the prize. Добар потенцијал за светска доминација еден ден. Дајте им повеќе простор да ја споделат својата приказна. Ќе има позитивен ефект на младите кои се уште не се поистоветувале со претприемачи во кои (до некаде) се гледаат себе си.
Бев 2 години во стартап заедницата, пред да ја започнам Laika. Вмрежувањето, споделувањето на секојдневни хакови, решенија на чести проблеми, идеи за иднината и нови алатки е половина од работата. Отворете го просторот за стартапите. Растот на екосистемот е се забрзува со градењето на силни конекции во него.
2. Млади - не „собирајте храброст“ за отворање на сопствена компанија.
Некои мислат дека „Startup“ приказната (особено поврзани со технолгија) е bubble и покрај гигантниот успех што го постигнуваат стартапи низ светот.
Полесно е отколку што изгледа и потешко е отколку што изгледа, ама со сигурност не е како на филм - “Еден ден свртев нов лист и направив успешен стартап.” Најди средина (компанија) во која можеш да растеш и да ги откриваш твоите потенцијали. Работи на себе, за еден ден да е логично да имаш твоја компанија затоа што имаш многу надминати предизвици позади тебе. Собирај искуства, ментори и аналогии. Анти-менторите се исто многу важни зошто добиваме претстава какви НЕ треба да бидеме.
Шансите за успех на еден стартап се поголеми ако ги знаеш правилата на игра во индустријата во која влегуваш. Почни како набљудувач, па како учесник и на крај - како еден од главните играчи.
3. Компании - земете ги сите добри работи од стартапите.
Поминуваме ⅓ од животот на работа. Не можеш да го мразиш местото на кое одиш секој ден.
По дефиниција стартап е млада компанија, основана од претприемачи во потрага по скалабилен и репетитивен бизнис модел. Ги карактеризира брзо движење, промени, адаптибилност и иновации. Заради брзото движење, иновираат поинаку од корпорациите без да користат изговори зошто предизвиците не можат да се надминат.
Стартапите се интересни за младите кадри заради флексибилноста, слободата и динамиката. И покрај тоа што вашата компанија можеби не е стартап, почнете да ги преземате добрите практики на компаниска култура од стартапите и креирајте средина во која младите се пронаоѓаат.
Направете толку добри услови за учење и прогрес, што тоа во еден момент ќе ги направи вработените преквалификувани за својата позиција. Ако не им го овозможите тоа - ќе побараат друга компанија во која ќе ги има тие услови.
Џек Ма (Алиекспрес) вели дека во неделата треба да се работи по 72 саати. Во Македонија работиме по 40. Ако си ја мразиш работата, и да сакаш, нема да можеш да го послушаш (дискутабилниот) совет на Џек Ма, и ќе направиш се што е во твоја моќ да ескивираш и од тие „40“.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.