Несомнено живееме во еден свет кој молскавично брзо се развива. Секојдневно гледаме како светот околу нас забрзано се движи напред. Со самото тоа имаме и развој на технологијата и бројните науки. Во контекст со тоа се менува и начинот на нашето живеење, комуницирање, забавување... Но се менува и начинот на нашето размислување. И покрај сите овие позитивни промени, сепак секојдневно гледаме и слушаме за безброј неправди што им се случуваат на луѓето. Овој проблем е доста актуелен и во оваа наша мала држава. Од самото наше осамостојување во, не така далечната, 1991 година кога започнавме едно ново поглавје за нас, па се до ден денес, постојано сме во потрага по правда и правна држава во која што законите и правилата ќе важат подеднакво за сите. Безброј пати ни беше посочено и од Европската комисија и многу други претставници и тела на Европската унија дека мора што е можно побрзо да се зафатиме со клучни промени во судскиот систем во нашата држава. Но сепак и покрај многуте критики и апели за да започнеме со реформи на ова доста „болно” поле ние се уште чекаме. Како да очекуваме дека некој од надвор ќе дојде и ќе ни ги реши сите проблеми. Или можеби чекаме да се случи некое чудо и проблемите да се решат сами од себе. Ох не почитувани, тоа нема да се случи. Можеби посакуваме чуда, но знаете и за чудата во живото треба да се изборите. Никој нема да ви даде ништо како подарок.
Кога гледам како постојано нешто чекаме, секогаш се присеќавам на приказната за Годо. Се сеќавате ли на тоа дело „Чекајќи го Годо”? Приказната за двајцата пријатели кои чекаат некој и нешто, а не знаат што е тоа и дали ќе дојде. Но единствено сигурно им е ништо да неправат и само да чекаат. Навистина моќна и болна приказна е тоа. Зарем толку сакаме да бидеме како нив? Не, не! Се разбира никој не го посакува тоа. Имаме доста амбициозни луѓе во оваа наша држава кои што можат многу да помогнат. Верувам дека можеме да направиме крупни чекори за да станеме навистина една ПРАВНА држава со која сите ќе се гордееме.
Кога ќе го споменеме терминот ПРАВДА голем број од нас инстиктивно помислуваат на судовите, законите или пак за некој човек кој неправедно изгубил судски спор. Но ако размислиме подобро на оваа тема со сигурност можеме да потврдиме дека правдата опфаќа една многу поширока сфера. Би сакал да посочам неколку примери со кои би констатирале дека всушност со правдата се среќаваме секојдневно свесно или несвесно. Размислете и присетете се на Вашите школски денови. Дали секој од нас барем еднаш не се соочил со неправда во школските клупи? Можеби добил пониска оценка од таа која навистина ја заслужил. Можеби бил скорнат без посебна причина или пак бил казнет за нешто за кое немал воопшто вина. Размислете кога некогаш сте се наоѓале среде некоја кавга или непријатна ситуација и сте биле обвинети непотребно, или пак можеби кога чекате ред во некоја институција и пред вас пуштаат човек преку ред. Во сите вакви ситуации речиси сите од нас ќе речат: Нема правда! Како се чувствуваме во тие ситуации? –Разочарано, демотивирано, гневно... Се сеќавате ли на цртаниот филм Калимеро кој што навистина беше толку добар и желен за правда, но сепак на крајот разочарано ќе речеше: „Нема правда нели“! Би можеле да наброиме и да се присетиме уште на стотици ситуации каде што сме останале без правда. Би можеле исто така да зборуваме и за (НЕ)ПРАВДАТА која се случува низ сите правни установи во целиот свет. Верувам дека сите знаеме безброј примери кога имало правно соочување помеѓу некој граѓанин или работник со некоја голема и моќна фирма или човек. Во голем дел од таквите ситуации моќта ја победува правдата. Со самото тоа правдата останува незадоволена.
Но уште од минатото се среќаваме со безброј битки и револуции во кои речиси секогаш едно од главните барања е правда за сите. Една од таквите револуции е токму и Француската буржуаска револуција. Нешто кое навистина заслужува голема почит. Навистина голем и моќен настан кој буквално го разбудил светот и на кој му се восхитуваме до ден денеска. Дали имате слушнато кога ќе речат: Правдата е СЛЕПА! Дали навистина е така? Одлучно би рекол НЕ! Нема да се согласам со тоа. Можеби таа навистина доаѓа покасно но сепак доаѓа. Верувам дека постои.
Но има ли надеж за нас и за оваа наша малечка држава? Се разбира дека има! Но мора да се зафатиме со работа веднаш. RES NON VERBA- ( дела а не зборови) токму така гласи една доста моќна латинска изрека. Мораме да започнеме од себе. Постојано ги обвинуваме другите а не се водиме од пораката: Не прави го она што не сакаш и тебе да ти го прават! Доколку секој од нас пред секоја своја постапка би се запрашал каков резултат ќе донесе токму таа негова постапка, тогаш верувајте ќе има правда за сите. Доколку би размислувале на таков начин на луѓето би им нанесувале многу помалку болка, тага, гнев и омраза.
„Духот на законот” на Шарл Монтескје е можеби и најдобриот показател како да се дојде до ПРАВДА за сите во една држава. Тој зборува за целосна поделба на судската, законодавната и извршната власт. Оваа поделба на власта стои барем на хартија речиси во сите Западни демократски земји. Но додека таа навистина не почни да се применува ние нема да можеме да стигнеме до посакуваните резултати. Истото се случува и во нашата држава, но за среќа верувам дека оваа наша нова млада генерација ќе ги направи клучните промени. Располагаме со безброј образовани и интелигентни млади луѓе кои мораме да ги задржиме да останат овде. Навистина изгубивме многу од нив кои заминаа надвор од границите на оваа држава и мораме да вложиме многу труд доколку сакаме тој процес да престане стагнира.
Правдата и правната држава ќе дојдат многу брзо доколку започнеме вредно и посветено да работиме. Ве молам само верувајте во нас младите, дајте ни поголема поддршка и споделете го Вашето знаење со нас. Бидејќи како што вели нашиот народ: Никој учен не се родил!
To be, or not to be (Да се биде или не) токму сега заедно одлучуваме кој пат ќе го избереме!
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.