Достапни линкови

Вести

Божиновска тврди дека побарала бугарски пасош поради економски потреби

Сања Божиновска, Министерка за енергетика
Сања Божиновска, Министерка за енергетика

„Ниту еден граѓанин на Македонија кој добил бугарско државјанство не се чувствува за Бугарин. Всушност тоа го видовме и на пописот во Македонија со екстремно симболичната бројка на попишани Бугари. Луѓето, како и јас, побарале бугарски пасош од една и единствена причина, економски потреби за работа надвор од Македонија“.

Ова го напиша министерката за енергетика Сања Божиновска како одговор на тврдењата на бугарската потпретседателка Илијана Јотова која денеска изјавила дека лично ги прегледала документите од апликацијата за стекнување бугарско државјанство на министерката за енергетика Сања Божиновска за да се увери дали таа навела оти има бугарска самосвест, пренесе БТА.

„Ако госпоѓата Јотова мисли дека измамата со внесени документи од бугарската држава, ќе го смени моето чувство дека сум Македонка, па и чувството на многу мои сограѓани, тогаш или не разбира дека политиката на подметнување им е пропадната или не разбира дека ние сме имале економска потреба, а таа и политичарите како неа, сме ги оставиле да фантазираат како да се наоѓаат во деветнаесеттиот век, напиша министерката.

Инаку како што пренесуваат бугарските медиуми Јотова изјавила:

„Јас лично ги видов нејзините документи и декларација, лично потпишана од неа, во која таа наведува дека има бугарско самосвест и потекло, истакнала Јотова во Ќустендил за време на тркалезната маса под наслов „Бугарите на Балканот надвор од границата по 1878 година. Кодекс на опстанокот“, рекла Јотова.

На ова македонската министерка во објавата пишува дека Јотова живее во фантазии од деветнаесеттиот век.

„Ниту еден граѓанин на Македонија нема потпишано изјава дека се чувствува за Бугарин, туку тоа го прават бугарски адвокати кои наплаќаат пари за да посредуваат“, наведува министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во реакцијата објавена на нејзиниот Фејсбук профил по претходната изјава на бугарската потпретседателка Илијана Јотова дека лично ги видела нејзините документи од апликацијата за стекнување бугарско државјанство.

Инаку на последната прес конференција кога Божиновска беше запрашана дали се уште има бугарска самосвест со оглед на тоа што секој што земал бугарски пасош мора да се декларира како Бугарин, таа одговори дека мора да се консултира со адвокати.

Госпоѓата Јотова, како што посочува во објавата Божиновска, наместо со ситни полициски подметнувања добро е да почне да се занимава со потребата на Македонците во Бугарија, конечно да бидат признаени како малцинство и да им се овозможат основните човекови права.

Касами добил заканувачка порака

Биљал Касами, градоначалник на Тетово
Биљал Касами, градоначалник на Тетово

Четириесет и тригодишен жител на село Требош со иницијали Ј.В. бил повикан во СВР Тетово осомничен дека му се заканил со порака на телефон на градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека за Ј.В. постои основано сомневање дека извршил кривично дело „загрозување на сигурност“.

Осомничен е дека се заканувал завчера, а бил пријавен вчера околу 10.30 часот во СВР Тетово од самиот градоначалник Касами, и еден час подоцна бил повикан во полиција.

„Градоначалникот на Општина Тетово Б.К.(49) од Тетово пријавил дека претходниот ден околу 23.40 часот на неговиот мобилен телефон добил порака со заканувачка содржина. По целосно расчистување на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок, наведува МВР во полицискиот билтен.

Перински: Граѓаните на референдум да се изјаснат за отповикување на градоначалник

Златко Перински, Министер за локална самоуправа
Златко Перински, Министер за локална самоуправа

На референдум да се отповикуваат градоначалниците што нема да ја извршуваат својата функција за која се избрани од страна на граѓаните. Ова го изјави за МИА министерот за локална самоуправа Златко Перински.

Отповикувањето на градоначалник е една од новините што треба да бидат дел од законското решение за локална самоуправа кое се предвидува да биде готово до март, а за кое дотогаш ќе се отвори широк консултативен процес во кој ќе бидат вклучени сите засегнати страни - експерти, градоначалници, претседатели на совети, граѓани сектор.

„Во суштина, отповикот на градоначалник врз основа на примерите кои пред да започне процесот ги разговаравме со експертскиот тим, би требало да биде преку референдумско изјаснување на оние кои истиот градоначалник го довеле на таа позиција на која што е. Мора да бидеме многу внимателни и сите измени да ги интегрираме согласно Уставот за да немаме после тоа проблеми и аномалии во донесувањето на истото законско решение. Значи навистина ќе се внимава на секој момент и затоа мислиме дека е најсоодветно оваа промена или оваа адаптација на законот да оди преку референдумско изјаснување на граѓаните од таа општина, во која што треба да се јави оваа можност во иднина, вели Перински.

Денеска е одржан и првиот иницијален состанок со експертскиот тим, кој во првата фаза треба да ги увиди слабостите на постојното законско решение преку детална анализа.

Главната интенција за можноста за отповикување на градоначалник, како што посочува Перински, произлегла од секојдната комуникација со граѓаните.

Новина во законот треба да биде и комуналната полиција за која министерот вели дека ќе им заштеди средства во буџетите на општините затоа што ќе се спречи девијантното однесување на поединци и нема да има потреба од дополнителни финансиски средства за санација на уништената урбана опрема.

Целото интервју со видео материјал ќе биде објавено утре. Во него министерот говори и за тоа зошто дел од општините не добија пари за инфраструктурни проекти, каков е неговиот став за финансирањето на здружението на граѓани - Албанска академија на науките и ументостите и дали ќе се кандидира за градоначалник на следните локални избори.

Бајден ги повика сојузниците да не попуштаат во поддршката за Украина

Американскиот претседател Џо Бајден во посета на Германија
Американскиот претседател Џо Бајден во посета на Германија

На 18 октомври, американскиот претседател Џо Бајден ги повика сојузниците во НАТО да „не попуштаат“ во поддршката за Украина, повеќе од две и пол години од почетокот на руската инвазија.

Сојузниците во НАТО мора „да продолжат да даваат поддршка“ додека Украина не постигне „праведен и траен мир“, рече Бајден во Берлин, каде што пристигна еден ден претходно, во проштална посета на еден од најверните американски сојузници во Европа.

При приемот на Бајден, германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер ја подвлече „непоколебливата поддршка на американскиот претседател за НАТО и Украина „во најопасниот момент од крајот на Студената војна“.

Германскиот премиер Олаф Шолц изјави дека НАТО ќе продолжи да ја поддржува Украина „со сите сили“ во борбата против руската инвазија, но мора да се грижи НАТО да не стане страна во конфликтот.

Брутални руски затвори принудуваат затвореници да се борат во Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:12 0:00

„Ние ја поддржуваме Украина со сите сили и истовремено обезбедуваме НАТО да не стане страна во војната за да спречиме да се претвори во уште поголема катастрофа“, рече германската канцеларка.

Зборувајќи за ситуацијата на Блискиот Исток, Бајден рече дека смртта на лидерот на Хамас Јахја Синвар отвора можност за „пат кон мирот“. Тоа е можност за „подобра иднина во Газа, без Хамас“, рече американскиот претседател.

Американскиот претседател разговара за Украина со лидерите на Германија, Франција и Велика Британија во Берлин, еден ден откако претседателот Володимир Зеленски на лидерите на ЕУ и на највисоките претставници на НАТО им претстави низа мерки за кои рече дека ќе и помогнат на неговата земја да стави крај на конфликтот и 31- месечна руска инвазија.
Посетата на Бајден на Берлин доаѓа откако Русија ги засили нападите врз украинските градови и инфраструктура, што кулминираше со, како што рече еден украински функционер, „еден од најмасовните“ напади со беспилотни летала врз земјата.

Хамас го потврди убиството на Јахја Синвар, не ги ослободува израелските заложници

Јахја Синвар и Калил ал-Хаја на отворањето на џамија во Рафа, февруари 2017 година
Јахја Синвар и Калил ал-Хаја на отворањето на џамија во Рафа, февруари 2017 година

На 18 октомври, висок функционер на Хамас ја потврди смртта на водачот на групата, Јахја Синвар, кој беше убиен од израелски војници во операција во јужниот дел на Газа, според соопштението на израелските одбранбени сили (ИДФ).

Синвар (62) е обвинет за организирање и водење на смртоносниот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, што го стави на врвот на листата на удари на Израел во видео изјава на 18 октомври, функционерот на Хамас, Калил ал-Хаја, рече дека Синвар бил убиени во акција.

Висок функционер на Хамас рече дека групата, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка, ќе продолжи на својот пат „кон остварување на амбициите на палестинскиот народ“. Смртта на Синвар, рече тој, само ќе ја зајакне групата.

Тој додава дека израелските заложници нема да бидат вратени додека не заврши агресијата врз Газа и целосното повлекување на израелските сили од Појасот Газа.

Ал-Хаја е најстариот човек во Хамас по водачот Синвар, кој беше убиен за време на рутинска потрага по членовите на Хамас во Рафах во четвртокот.

Смртта на Синвар, неколку месеци откако беше именуван за главен лидер на Хамас, ја нагласува тешкотијата со која се соочува палестинската група во заштитата на високо дефинираните цели од Израел, но веројатно нема значително да влијае на текот на војната во Појасот Газа.

Мицкоски: Постојат членки на ЕУ кои не ги почитуваат европските вредности

Христијан Мицкоски, премиер
Христијан Мицкоски, премиер

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека за жал постојат земји-членки на ЕУ кои не ги почитуваат европските вредности. Ова го рече како одговор на новинарско прашање во однос на изјавата на бугарската потпретседателка Илијана Јотова, која ги повика македонските власти „да ги читаат европските вредности со поголемо разбирање“.

Премиерот ја упати Јотова овој совет да го даде и кон тие земји членки коишто треба конечно да ги почитуваат и коишто се испречени пред можни санкции за почитување на човековите права. Потенцираше дека Северна Македонија ги почитувами постапува доколку постојат пресуди од Судот за човекови права во Стразбур кој е одговорн да носи одлуки за почитување и непочитување на човековите права.

„За жал, имаме земји членки во Европа коишто имаат десетици такви пресуди коишто не ги почитуваат. Претпоставувам тоа ќе важи и за земјите членки не само за кандидатите. Еве имаме такви 14 пресуди за македонската заедница во Бугарија. Еве, ги повикувам истите овие коишто ни даваат нам совет да ги советуваат и бугарските власти да може да дозволат македонската заедница барем да се организира во невладини организации. Ние не бараме да бидеме дел од Уставот барем од тоа што таму сум го слушнал, туку да се организираат во невладини организации“, рече Мицкоски.

Јотова, на настан кој се одржал вчера во Ќустендил, на тема „Бугарите на Балканот надвор од границите по 1878 година. Кодекс на опстанок“, под покровителство на потпретседателката, а на кој учествувале и претставници на бугарските заедници од Македонија, Албанија, Грција, Косово, Романија, Турција и Србија, рекла дека „овие права минуваат низ целиот преговарачки процес и ако има барем една земја која верува дека не се почитуваат човековите права, особено оние на претставниците на различни народи и народи, овој процес никогаш нема да заврши“.

„Агресијата, не само вербалната, е непростлива, а кога насилството крие тврдоглава, но длабоко погрешна теза и уште повеќе неисполнување на веќе преземените меѓународни обврски. Веројатно ќе погодите дека станува збор за еден од нашите западни соседи – Република Северна Македонија, за која, за жал, последниве години, наместо за потпишан договор и неговото спроведување кое го носи името „Добрососедство“, сака да одиме во спротивна насока. Неподносливо е кога една страна треба да го трпи недостатокот на почитување на човековите права, со газење на правото на изразување, да кажувате кој сте и од каде доаѓате и со кое потекло, рекла Јотова.

Инаку Мицкоски рече дека се уште се прави анализа во однос на писмото што беше најавено дека ќе се испрати до ЕУ со предлог-решенија за деблокада на процесот на евроинтеграциите.

Урсула Фон дер Лајен следната недела во посета на Западен Балкан

Урсула фон дер Лајен
Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, следната недела ќе разговара со лидерите на земјите од Западен Балкан, информираа од оваа институција.

Според официјалниот календар, во периодот од 23 до 26 октомври, таа ќе ги посети Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Црна Гора.

Според претставниците на ЕК, посетата ќе биде потврда за посветеноста на Европската Комисија кон земјите од регионот.

Ова исто така ќе биде можност за фон дер Лајен да го промовира Планот за раст, најголемиот пакет на Европската Унија (ЕУ) досега за регионот.

Станува збор за финансиски пакет од 6 милијарди евра кој ќе биде распределен на земјите од регионот според бројот на жители и бруто домашниот производ. Земјите ќе добијат еден дел од овој пакет во форма на грантови, а другиот дел во форма на поволни заеми.

Пред посетата на претседателот на оваа институција, ЕК треба и формално да ги усвои реформските агенди за петте земји од Западен Балкан.

Само Босна и Херцеговина е изземена бидејќи не достави целосна реформска агенда до Брисел, но ЕК и даде време на земјата да го комплетира овој документ.

Премиерите на шесте земји од Западен Балкан на самитот на Берлинскиот процес на 14 октомври потпишаа нов акциски план за единствен регионален пазар, како составен дел од Планот за раст на Европската Унија (ЕУ) за Западен Балкан.

Фон дер Лајен по средбата изјави дека земјите од Западен Балкан до крајот на годинава треба да ги добијат првите пари од Планот за раст.

„Пет од шесте реформски агенди ќе бидат усвоени оваа недела и тоа значи дека исплатата на шест милијарди евра од Планот за раст може да започне пред крајот на годината“, рече таа во Берлин, на прес-конференција по самитот.

Фон дер Лајен истакна дека Планот за раст е мост помеѓу заедничкиот регионален пазар и единствениот пазар на ЕУ.

Лекарска комора за починатото бебе: Ќе постапиме според надлежностите, кога ќе го добиеме решението од Таравари

Лекарска комора на Македонија
Лекарска комора на Македонија

Комисијата за етички и правни прашања при Лекарската комора нема законски ингеренции да ја преиспитува работата на Комисијата за стручен надзор формирана од страна на Министерството за здравство, ниту самоиницијативно да утврдува мерки, но најголем дел од пропустите нотирани во извештајот се системски пропусти во овие здравствени установи. Ова денеска го соопшти Лекарската комора на Северна Македонија за случајот со лекувањето и третманот на починатото дете Р.С.

Лекарската комора потсетува дека пред два дена, на 16 октомври 2024 година, во попладневните часови од Министерството за здравство го добила „Извештајот од извршен надзор над стручната работа на Универзитетската клиника за детски болести, Скопје и ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата - Козле, Скопје“, подготвен од Комисијата за стручен надзор формирана од министерот за здравство Арбен Таравари за лекувањето и третманот на починатото дете Р. С. Комисијата за етички и правни прашања при Лекарска комора утредента, на 17 октомври 2024 година, одржала седница на која го разгледала овој извештај и дала мислење.

„Веруваме дека здравствените установи, како надлежни за овој сегмент од извештајот, во соработка со министерот за здравство, во зададените рокови ќе ги отстранат пропустите“, се вели во соопштението од Лекарската комора.

Во однос на стручните пропусти во третманот нотирани во извештајот, Лекарска комора, како што наведува, може да постапува само во рамки на законски утврдена постапка согласно Законот за здравствена заштита, односно само врз основ на решение изготвено од страна на министерот за здравство.

Лекарската комора нагласува дека ќе постапи веднаш, согласно своите надлежности и ингеренции, штом добие Решение од министерот за здравство со кое точно ќе се прецизира индивидуалната одговорност и ќе се предложат конкретни мерки согласно законските прописи.

И министерот за здравство Арбен Таравари деновиве соопшти дека при направениот стручен надзор во Клиниката за детски болести и во Клиниката за респираторни болести кај децата - „Козле“, биле констатирани одредени недостатоци и тоа системски, технички од аспект на опрема и стручни.

Либан ја отфрли понудената иранска помош за спроведување на резолуцијата на ОН

илустрација
илустрација

Привремениот премиер на Либан, Наџиб Микати, отфрли каков било потег на Иран да води разговори за спроведување на резолуцијата на ОН за јужен Либан, нарекувајќи го тоа „еклатантно мешање“ во внатрешните работи на неговата земја.

Одговарајќи на коментарите на претседателот на иранскиот парламент Мохамад Калибаф дека Техеран е подготвен да преговара за резолуцијата на ОН која повикува граничната област на јужен Либан да биде ослободена од меѓународно оружје или војници, Микати на 18 октомври рече дека либанската влада е „изненадена од оваа позиција“.

Ова „претставува бесрамно мешање во либанските работи и обид да се воспостави отфрленото старателство над Либан“, изјави тој.

Калибаф ги даде коментарите во интервју за францускиот весник „Фигаро“.

„Прашањето за преговарање за спроведувањето на резолуцијата 1701 е одговорност на либанската држава и од сите се бара да ја поддржат во оваа насока, наместо да се обидуваат да наметнат нови старателства што се отфрлаат по сите национални и суверени основи“, рече тој.

Резолуцијата на ОН ја овласти мировната мисија, наречена УНИФИЛ, да му помогне на Либан да ја одржува граничната област безбедно.

Израелската армија започна копнен упад во јужната гранична област претходно овој месец, велејќи дека ги истиснува милитантите од Хезболах, поддржан од Иран, милитантна група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан, и дека УНИФИЛ не успеал во својата мисија.

Неколку мировни позиции на ОН во јужен Либан оттогаш беа под оган, но портпаролот на УНИФИЛ на 18 октомври рече дека мисијата ќе остане во Либан и покрај нападите.

„Треба да останеме, не побараа да се преселиме“, рече портпаролот на УНИФИЛ Андреа Тененти преку видео врска од Бејрут.

„Уништувањето и уништувањето на многу села долж сината линија, па дури и пошироко, се шокантни“, додаде тој.

Сината линија се однесува на демаркационата граница создадена од ОН за да го оддели Либан од Израел и Голанската висорамнина окупирана од Израел.

Хезболах е означен како терористичка организација од страна на Соединетите Држави, додека Европската Унија го стави на црната листа само вооруженото крило, а не и на нејзината политичка партија. Политичката партија на Хезболах има места во либанскиот парламент.

Јужна Кореја: Испраќањето војници од Северна Кореја во Русија е закана за безбедноста

илустрација
илустрација

Кабинетот на јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол објави дека испраќањето војници од Северна Кореја во Русија е „сериозна закана за меѓународната безбедност“ и дека ќе одговори на тоа со сите расположливи средства.

На состанокот со клучните разузнавачки, воени и безбедносни претставници, беше истакнато дека моменталната ситуација во воените односи меѓу Русија и Северна Кореја е „сериозна закана не само за Јужна Кореја, туку и за меѓународната заедница“.

Јужнокорејските власти соопштија дека е веројатно некои севернокорејски војници во Русија да се вмешани во конфликтот во Украина, но не дадоа дополнителни детали.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно ја обвини Северна Кореја дека испраќа офицери да и помогнат на Русија, додека генералниот секретар на НАТО Марк Руте рече дека во моментов нема докази за присуство на Пјонгјанг во војната.

Јужнокорејски и американски официјални лица тврдат дека Северна Кореја и доставува балистички ракети и друга муниција на Русија, обвинение кое и Пјонгјанг и Москва го негираа.

Кремљ, исто така, ги отфрли тврдењата на Јужна Кореја за испраќање воен персонал во Русија.

Пјонгјанг и Москва се сојузници од основањето на Северна Кореја по Втората светска војна и уште повеќе се зближија по руската инвазија на Украина во 2022 година, при што Сеул и Вашингтон долго време тврдат дека Ким Џонг Ун испраќал оружје за употреба во Украина.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG