„Странските платеници“ во режимот на Слободан Милошевиќ во 90-тите, денеска се „агенти на странско влијание“. Оваа ознака „странски агент“ може да стане законска обврска за невладиниот сектор, доколку српскиот парламент го усвои предложениот закон со кој тие ќе треба да се регистрираат како „агенти на странско влијание“.
Ваков предлог во собраниска процедура доставија пратениците на владејачката „Социјалистичкото движење“, чиј основач е прорускиот српски Вицепремиер Александар Вулин, кој некогаш бил близок со Слободан Милошевиќ.
Софија Тодоровиќ од Младинската иницијатива за човекови права (МИЧП) за Радио Слободна Европа (РСЕ) вели дека Иницијативата нема да прифати да се користи оваа ознака.
„Да се согласиме со ваков вид на репресија-не е опција“, уверува таа.
Предложениот закон за посебен регистар на агенти со странско влијание ги дефинира како „странски агенти“ сите здруженија и непрофитни организации кои главно се финансираат од странство заради политичко влијание.
Законот за странски агенти по моделот на Русија, каде што служи за задушување на критиките на владата и ограничување на работата на активистите за човекови права и независните медиуми, беше усвоен или предложен во неколку други земји, вклучително и на Балканот.
Пратениците од Социјалистичкото движење, пак, тврдат дека нивниот модел е направен според американскиот „Закон за регистрација на странски агенти “(ФАРА ) од 1938 година, а не според рускиот.
Лидерот на Социјалистичкото движење, Вулин е долгорочен коалициски партнер на владејачката „Српска напредна партија“ (СНС) на српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Српската напредна партија“ не одговори на прашањето на РСЕ дали ќе го поддржи предлогот за закон за странски агенти и каков е ставот на партијата за овој предлог.
Српскиот претседател Александар Вучиќ на 3 декември им рече на новинарите дека ниту Владата, ниту парламентарното мнозинство не се предлагачи на законот за странски агенти, туку политичка партија.
„Да сакаше Владата ќе предложеше. Но, ќе има дискусија за законот, па на народот ќе му биде јасно како и кој ќе се постави“, рече Вучиќ.
Тој наведе дека секогаш се бунтуваат против ваквите закони во светот „ оние кои се пронаѓаат во него“ и додаде дека воопшто не обрнал внимание за тоа дека е поднесен ваков правен предлог, бидејќи, како што рече, тоа не било особено важно.
Социјалистичкото движење има двајца пратеници од вкупно 150 пратенички места што и припаѓаат на владејачката коалиција.
Вулин поднесе оставка од Безбедносната разузнавачка агенција (БИА) во ноември 2023 година, неколку месеци откако САД го ставија на списокот со санкции поради, меѓу другото, и поради врски со Русија.
Кога во мај беше формирана новата Влада на Србија, тој стана нејзин потпретседател задолжен за соработка со земјите од БРИКС, групација во која членува Русија.
Исто така, на веб-страницата на Владата на Србија е посочено дека Вулин е одговорен за следење на статусот на проектите од делокругот на повеќе министерства и посебни организации на Владата „во координација со претседателот на Републиката (Вучиќ)“.
Што предвидува предложениот закон?
Според предложениот закон „агент на странско влијание“ се сите невладини организации кои главно се финансираат од други држави, меѓународни и странски организации, странски државјани или регистрирани невладини организации кои се финансираат од странство.
Како „агент на странско влијание“ се наведени и непрофитните организации кои се занимаваат со политички активности насочени кон загрозување на демократијата, нарушување на интегритетот на Србија, кршење на слободите и правата загарантирани со Уставот и поттикнување национална, расна или верска омраза и нетрпеливост.
Пратеникот од Движењето на социјалистите Ѓорѓе Комленски, кој е еден од двајцата предлагачи, за РСЕ вели дека законот за странски агенти е потребен за граѓаните да имаат „идеа со какви мотиви некој нешто зборува и прави“.
„Многу невладини организации се претворија во финансиран дел на лобисти за странски интереси“, вели Комленски.
На коментарот дека државата добива пари и од странски фондови, Комленски вели дека државата ги користи овие средства согласно своите интереси, а „невладиниот сектор според проектните задачи на оние кои им ги доделиле овие средства“.
Предлог-законот предвидува и дека секое појавување на претставник на „агенти на странско влијание“ мора да биде означено со тоа дека организацијата е регистрирана во Регистарот на агенти од странско влијание што го води Министерството за правда.
Во случај на непочитување на обврската да се означи како „странски агент“, предложениот закон предвидува казни како забрана за работа и кривична пријава против одговорните лица.
Во образложението на законскиот предлог се тврди дека во Србија постојат здруженија на граѓани кои „отворено работат против државните и националните интереси на Србија“.
Предлагачите сметаат дека целта на нивната акција е да ја дестабилизираат државата, така што Србија ќе биде принудена „да ја признае независноста на Косово, да се согласи со распаѓање на Република Српска и да воведе санкции кон Русија“.
На прашањето дали рускиот закон им бил модел, Комленски тврди дека тој не е правен по руски, туку по американски модел.
„Не, верувајте, не го ни прочитав тој закон. Еден од моите мотиви беше законот ФАРА во САД од 1938 година, но мислам дека ова е уште поблага верзија на она што тој закон им го овозможува на властите во САД. “, тврди Комленски.
Сепак, ФАРА ги дефинира „странските агенти“ како поединци кои дејствуваат под раководство на странски држави, се занимаваат со политички активности, собираат пари или дејствуваат по наредба на претпоставените, во контакт со американските власти.
Законот ФАРА е создаден во 1938 година со цел да се потисне нацистичката, а подоцна и болшевичката пропаганда. Со последователните ревизии, законот е насочен кон перење пари, корупција, тероризам и заобиколување на санкциите.
Предупредување од Вашингтон и Брисел
„Соединетите Држави се длабоко загрижени за импликациите што предложениот закон за странски агенти би можел да ги има врз демократијата, човековите права и основните слободи, вклучително и слободата на изразување и здружување во Србија“, се вели во одговорот на Стејт департментот за РСЕ.
„Ваквиот закон може да го стесни просторот за дејствување на граѓанското општество, да ги стигматизира граѓанските организации кои работат на подобрување на животот на српските граѓани и да ја попречи работата на независните медиуми кои обезбедуваат точни информации за јавноста“, се вели во реакцијата.
Се додава дека овие елементи се клучни за сите демократски институции и демократски системи.
Европската комисија и порача на РСЕ дека секој предлог закон треба да биде во согласност со европските стандарди.
„Потсетуваме дека секој закон на земја кандидат за членство во ЕУ мора да биде во согласност со основните демократски вредности на ЕУ, вклучително и слободата на говорот и изразувањето“, се вели во одговорот од Европската Комисија.
Пред да стане членка на ЕУ, земјата кандидат мора да ги усогласи своите закони, политики, институции и практики со стандардите и барањата на ЕУ.
Србија, заедно со Црна Гора, се смета за лидер во процесот на пристапување во ЕУ, но од декември 2021 година нема отворено ниту едно преговарачко поглавје.
„Закон по примерот на Путин за замолчување на граѓанскиот сектор“
Софија Тодоровиќ од Иницијативата вели дека законот се заснова на обвинување дека има елементи кои ја дестабилизираат државата, иако за тоа нема судски пресуди или некакви издржани информации, освен укажувања и изјави на одредени функционери.
„Целта е репресија“, вели таа, наведувајќи дека транспарентност на финансирањето на невладините организации веќе постои.
„Ваквиот закон ќе придонесе за дополнително означување на здруженијата на граѓани и претставување на луѓето кои работат во граѓанските организации како непријатели“, додаде Тодоровиќ.
На ова се надоврзува и Соња Бисерко од Хелсиншкиот комитет за човекови права со оценка дека тоа е „постојано покажување заби кон сите оние кои размислуваат поинаку и се пред се проевропски ориентирани“.
„Тоа е закон кој е сличен на тој на Путин и има за цел да го замолчи и маргинализира граѓанскиот сектор кој прима донации од странство, кој е критичен и претставува либерални вредности против кои тие отсекогаш биле против“, смета Бисерко.
Бисерко очекува дека Европската Унија нема да дозволи усвојувањето на законот.
Како се применува законот за странски агенти во Русија?
Рускиот закон кој бара организациите кои добиваат пари од странство да се регистрираат како „странски агенти“ беше воведен во 2012 година и проширен во 2022 година.
Првата цел беа невладините организации, а од 2017 година и новинарите, вклучително и Радио Слободна Европа.
Регионалниот директор за Русија во РСЕ, Андреј Шари вели дека законот за странски агенти значи дека секоја можност за дејствување на граѓанското општество што не одговара на барањата и сфаќањата на власта е невозможна.
„Според толкувањето на руската влада и патриотската јавност, „странски агенти“ се луѓе кои работат против интересите на својата татковина, платеници на Западот, американски или германски шпиони“, вели Шари.
Тој објаснува дека неколку илјади луѓе се прогласени за странски агенти и дека повеќето од нив ја напуштиле Русија.
„Терминот „странски агент“ на руски јазик наликува на советска практика од ерата на Сталин што ја знаат сите во Русија. А конотацијата дека тоа се луѓе кои работат против својата татковина е очигледна“, доадава Шари.
Европскиот суд за човекови права во октомври пресуди дека рускиот закон за „странски агенти“ ја прекршува Европската конвенција за човекови права, како и дека е „произволен“ и се користи на „преширок и непредвидлив начин“.
Законот имплицира дека оние на кои тие се однесуваат, на пример, новинарите, имаат обврска да стават ознака „Јас сум странски агент“ на секој свој напис или објава на социјалните мрежи. Доколку одбијат, следуваат казни.
„Ќе се случи тоа што веќе и се случи на Радио Слободна Европа. Добивме казни за сите проекти на руски јазик од 18 милиони долари“, посочува Шари.
Во случај на неплаќање на казната, властите блокираат банкарски сметки, а не е исклучена и кривичната одговорност.
Рускиот сервис на РСЕ во 2017 година беше ставен на списокот на странски агенти, а во февруари беше прогласена за „непожелна организација“ во Русија, што практично и забранува да работи во таа земја, а секој што соработува со РСЕ е изложен на потенцијално кривично гонење.
Страднер: Иницијативата во Србија се разликува од американскиот закон ФАРА
Ивана Страднер, соработник на невладината Фондација за одбрана на демократијата од Вашингтон, за РСЕ изјави дека е важно да се направи разлика помеѓу законот ФАРА во САД и иницијативата во Србија, за која смета дека е „инспирирана од Законот на Путин за странски агенти“.
Таа наведува дека американскиот Конгрес ја усвоил ФАРА во 1938 година како дел од борбата против на нацистичка пропаганда со цел да се откријат фирмите за лобирање кои ги застапуваат интересите на нацистичка Германија.
„Напротив, предлагачите на српскиот закон за странски агенти честопати споменуваа финансирање на невладини организации од Западот и како Западот сака да организира шарена револуција“, вели Страднер.
Таа вели дека не е сигурна дека овој закон ќе ги таргетира луѓето кои работат директно со Москва или Пекинг.
„Не треба да заборавиме дека Патрушев и Вулин ветија соработка на полето на заштитата на „обоените“ револуции, така што овој закон ќе биде првенствено против поединци кои соработуваат со Западот“, смета Страднер.
На средбата во Москва во декември 2021 година меѓу тогашниот министер за внатрешни работи на Србија, Александар Вулин, и секретарот на Советот за безбедност на Русија, Николај Патрушев, беше речено дека слободните земји мора да се спротивстават на „обоените револуции“.
Страднер оцени и дека предложениот закон е дел од политичката игра во која Вулин предлага „ирационални“ одлуки, за Вучиќ да се откаже од законот и со тоа „да му направи услуга на Западот“.
Што ќе значи за Србија донесувањето закон за странски агенти?
Професорот по уставно право Богољуб Милосављевиќ за РСЕ изјави дека законот за странски агенти е нешто што одговара на Русија, Белорусија, Северна Кореја и некои стари комунистички режими.
„Значи, тоа е нешто што е целосно застарено, нешто што не може да одговара на земја која сака да има мала демократија“, вели Милосављевиќ.
Коментирајќи ја ознаката „странски агент“, тој наведува дека слична практика постоела и за време на владеењето на поранешниот претседател на Србија и Југославија,Слободан Милошевиќ, во 90-тите години.
„Оние кои работеа за странски донатори беа наречени странски платеници. Сега тоа е агент на странско влијание и е личност која е жигосана и етикетирана како некој што автоматски не е пријател на оваа земја“, изјави Милосављевиќ.
Сличен предлог-закон за странски агенти има и во Црна Гора од октомври, но тој не влезе во собраниска процедура.
Ваков закон предложи и коалицијата „За иднината на Црна Гора“, која ја сочинуваат проруските партии на поранешниот Демократски фронт - Нова српска демократија на Андрија Мандиќ и Демократската народна партија на Милан Кнежевиќ.
Овој предлог беше критикуван од коалициските партнери во Црна Гора, како и од опозицијата и граѓанското општество и од Европската Унија.
Во мај, властите во Република Српска, една од двата ентитети во БиХ, по низа критики од меѓународната заедница, медиумите и невладиниот сектор, го повлече од процедура планираниот закон за „странски агенти“ и го врати на ревизија.
Законот беше објавен во 2022 година од страна на прорускиот претседател на Република Српска и лидер на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) Милорад Додик, кој е под санкции од САД и Велика Британија поради неуставни дејствија.
Оваа година во Грузија и Киргистан, поранешни советски републики, беа донесени закони со кои се стремеше да се спречи влијанието на невладините организации.
Законот беше усвоен во Грузија и покрај протестите на граѓаните, но ја стави европската интеграција во мирување и ја прекина финансиската поддршка од ЕУ.
Од овие недемократски методи не е поштедена ниту Европската Унија, па во Унгарија веќе е на силазакон за заштита на суверенитетот, а слично решение се планира и во соседна Словачка.