Достапни линкови

Вести

update

Во експлозија во Москва загинал руски генерал и неговиот заменик, Киев ја презеде одговорноста

Фотографија од експлозијата во која загинал рускиот генерал-потполковник
Фотографија од експлозијата во која загинал рускиот генерал-потполковник

Началникот на руските трупи за радијациска, хемиска и биолошка заштита, генерал-потполковник Игор Кирилов е меѓу загинатите во експлозијата што се случи рано утрината (17 декември) во Москва. Покрај него животот го загуби и неговиот помошник.

Причина за експлозијата е активирање на експлозивна направа поставена во електричен скутер, соопшти Истражниот комитет на Русија.

„Според истрагата, утринава на Рјазански проспект во Москва, активирана е експлозивна направа поставена во електричен скутер оставен на влезот во станбена зграда. Во експлозијата загина началникот на трупите за радијација, хемиска и биолошка заштита на руските оружени сили Игор Кирилов и негов помошник“, изјави портпаролот на Истражниот комитет.

„Експлозијата е резултат на специјална операција на украинската безбедносна служба СБУ“, изјави за РСЕ извор од СБУ.

Кирилов е највисокиот руски воен офицер кој е убиен во очигледен атентат од почетокот на сеопфатната инвазија на Русија врз Украина во февруари 2022 година.

СБУ соопшти дека руските сили користеле хемиско оружје речиси 5000 пати за време на војната во Украина под водство на Кирилов.

Тврдењето не може да биде независно потврдено, но се вели дека Киев стои зад кампањата на целни убиства на руски официјални лица и воени офицери вклучени во инвазијата на Украина.

Истражниот комитет соопшти дека експлозијата се случила пред станбена зграда на Рјазански проспект, авенија во руската престолнина која започнува на околу 7 километри југоисточно од Кремљ.

Сликите објавени на рускиот канал Астра покажаа две тела кои лежат во снегот пред оштетената врата на станбената зграда. По анализата на слики од автомобил паркиран во близина на станбена зграда, Астра објави дека возилото е на Кирилов.

Во октомври, Кирилов и РКхБЗ беа ставени на списокот со санкции од Велика Британија, Канада и Нов Зеланд поради употребата на средства за контрола на немири и бројните извештаи за употреба на отровниот гас асфиксиант хлоропикрин на бојното поле.

види ги сите денешни вести

Долниот дом на рускиот парламент усвои предлог-закон за блокирање на приходите на „странските агенти“

Руска државна дума, Долниот дом на парламентот, 3 април 2024 година.
Руска државна дума, Долниот дом на парламентот, 3 април 2024 година.

Пратениците во руската Државна дума, Долниот дом на парламентот, на 17 декември одобрија нацрт-закон со кој ќе се ограничи пристапот на таканаречените „странски агенти“ до нивните приходи во земјата.

Државната дума го одобри во второто и третото читање на предлог-законот насочен против „странски агенти“, контроверзна ознака која ги стигматизира оние кои руските власти така ги прогласиле и ја ограничува нивната можност да ја користат слободата на говорот, објави рускиот сервис на Радио Слободна Европа.

Нацрт-законот го ограничува пристапот на таканаречените „странски агенти“ до различни форми на приход со потекло од Русија, вклучително и приходите од продажба на средства, авторски права за креативна работа или профит од инвестиции, со тоа што бара сите тие приходи да бидат ставени на посебни блокирани банкарски сметки.

Тие средства би станале достапни за некого само ако официјално му се одземе статусот на „странски агент“, што критичарите велат дека е речиси невозможно.

Групите за човекови права и меѓународните набљудувачи го критикуваа предложениот закон како уште еден потег за зајакнување на авторитаризмот во Русија.

Претседателот на Државната дума, Вјачеслав Володин, го оправда предлог-законот како одбрана на националните интереси.

„Оние кои ја изневеруваат нашата земја нема да се збогатат на сметка на нејзините граѓани. Средствата заработени во Русија не смеат да се користат против неа“, напиша Володин на Телеграм.

Терминот „странски агент“, првпат воведен во 2012 година, се применува за невладини организации, независни новинари, опозициски политичари, активисти и личности од светот на културата. Законот беше изменет неколку пати додека репресијата во Русија се интензивираше.

Бројот на таканаречените „странски агенти“ порасна на околу 500 лица, од кои повеќето мораа да ја напуштат Русија и престојуваат во странство.

Последниот предлог претставува нова фаза во кампањата на Кремљ да ги замолчи своите противници.

Хонорарите и заработката од интелектуална сопственост станаа клучни за музичарите, авторите и уметниците означени од владата како „странски агенти“. Критичарите велат дека новите мерки економски ќе се одразат врз луѓето чија работа или јавни изјави го оспоруваат наративот на владата.

Русија, засилена со севернокорејски трупи, напаѓа во Курск

Руски војник пука врз украинските позиции во пограничниот регион Курск, 29 ноември 2024 година.
Руски војник пука врз украинските позиции во пограничниот регион Курск, 29 ноември 2024 година.

Руските сили со поддршка на севернокорејските трупи ја интензивираа офанзивата против украинските војници во регионот Курск, додека побројните украински војници се обидуваат да пружат отпор на таа руска територија, како и на фронтот во Украина, објави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

„Непријателот веќе трет ден спроведува интензивни офанзивни операции на територијата на регионот Курск, активно користејќи единици на севернокорејската армија“, изјави во своето обраќање врховниот воен командант на Украина, Олександр Сирски.

Американските и украинските власти рекоа дека севернокорејските трупи се борат заедно со руските сили во Курск и дека некои загинале или се повредени.

РСЕ не можеше независно да ги потврди овие тврдења. Русија не го коментираше извештајот.

Сирски рече дека ситуацијата на линијата на фронтот „останува тешка“ бидејќи руските трупи презедоа „стратешка иницијатива“ во последните недели.

Тој рече дека руските сили ги продолжуваат операциите за заземање на стратешкиот град Покровск во областа Доњецк, за ој се чини дека цивилите главно го напуштија.

Локалните воени команданти изјавија дека одбранбените сили го „одбиваат нападот“, иако многу украински официјални лица рекоа дека е опасна целокупната ситуација во градот, дом на околу 65.000 луѓе пред војната.

Украинската безбедносна служба (СБУ) соопшти дека открила „голема мрежа“ агенти кои работат за руската воена разузнавачка служба, кои се обиделе да соберат информации за снабдувањето на Украина со авиони Ф-16, испорачани од Запад, кои се наоѓаат на тајни локации низ земјата.

„Како резултат на специјалната операција беа разоткриени 12 руски агенти и нивните доушници. Некои од нив се дезертери кои доброволно ги напуштија вооружените сили на Украина и беа регрутирани од руската специјална служба кога се криеја од правдата“, објави СБУ.

На политички фронт, полскиот премиер Доналд Туск се состана со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Лавов, ветувајќи поддршка за надежите на Украина за членство во НАТО, додека Зеленски ги повика западните сојузници „итно да ја зајакнат Украина“ со дополнителна помош.

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп (Трамп) на прес-конференција во вторникот рече дека Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин мора да бидат подготвени да „склучат договор“ за ставање крај на „страшната“ војна во Украина.

„Тој треба да биде подготвен да направи договор, тоа е сè“, рече Трамп за Зеленски за време на прес-конференцијата во неговиот клуб Мар-а-Лаго во Флорида.

Путин, исто така, мора да „склучи договор“, додаде Трамп.

„Мора да има договор. Премногу луѓе се убиени“, рече тој.

Трамп, кој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари, рече дека ќе разговара со Зеленски и Путин за начините за завршување на војната, но не одговори директно на прашањето дали Украина ќе биде принудена да ѝ отстапи територија на Русија.


update

Притвор од 30 дена за Артан Груби и за Перпарим Бајрами

Северна Македонија - Артан Груби, поранешен вицепремиер во Владата на Република Северна Македонија
Северна Македонија - Артан Груби, поранешен вицепремиер во Владата на Република Северна Македонија

Кривичниот суд им одреди триесетдневен притвор на поранешниот прв вицепемиер Артан Груби и на поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, поврзани со истрагата за Државна лотарија.

Јавното обвинителство вечерта на 17 декември издаде наредба до МВР за објава на национална потерница, а потоа и распишување меѓународна потерница за Груби и за Бајрами.

„По добиено известување од надлежното МВР, дека двете лица за кои јавното обвинителство предложи мерка притвор од нивно пронаоѓање односно лишување од слобода, а поврзани со истрагата за Државна лотарија, се недостапни за органите на прогон, донесе решенија да го прифати предлогот на јавното обвинителство и им определи мерка притвор од траење од 30 дена“, соопшти Кривичниот суд на 17 декември.

Обвинителството побара притвор за Груби и за Бајрами поради сомнежи за проневера во „Државна лотарија“. Од Обвинителството велат дека oд прибраните докази произлегува основано сомнение дека двајцата соизвршители учествувале во дејствија со кои е направена штета на „Државна лотарија“ со намера да прибават противправна имотна корист за друг.

Завчера, Артан Груби самиот напиша на Фејсбук дека не е во бегство и се наоѓа во приватна посета во Косово.

„Веднаш штом завршам обврските, ќе се вратам дома кај моето семејство“, напиша Груби.

Ден потоа кога полицијата вршеше претрес на две негови локации, не го пронајде дома.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека и Артан Груби и Перпарим Бајрами не се наоѓаат на територија на Северна Македонија.

За Груби рече дека „заедно со уште едно лице, стопанственик во возило со дипломатски таблички ја напуштил Македонија и последно се упатил кон нашиот северен сосед Косово“, а за Бајрами рече дека подолго време не се наоѓал во државата.

Артан Груби заедно со апелацискиот судија Енвер Беџети беа ставени на „црната листа“ на Стејт департментот, објавена на 9 декември, поради вмешаност во значителна корупција, политичко мешање и обиди за оцрнување на судството. Образложението е дека примиле мито да влијаат врз судските процеси поврзани со кривичната пресуда на екс директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков за предметот „Таргет“ што го отвори Специјалното јавно обвинителство(СЈО), а се однесуваше на масовното прислушување.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски потоа кажа дека е оформен предмет за обезбедување докази за евентуална кривична одговорност за лицата ставени на црната листа на САД.

Груби е член на опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), поранешен пратеник и вицепремиер во претходната влада на СДСМ и ДУИ.

МВР со детали за кривичната пријава за поранешниот премиер, првиот вицепремиер и за уште шест лица

Илустрација
Илустрација

Поднесена е кривична пријава против осум лица за „злоупотреба на службената положба и овластување“,„примање поткуп“ и „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство“ во случајот со „Државна лотарија“, соопшти Министерството за внатрешни работи(МВР) на 17 декември.

Како што соопшти МВР, првопријавениот П.Б(31), како претседател на Управниот одбор на „Државна лотарија“, свесно ги прекршил законите за игри на среќа со тоа што им овозможил на правни лица од Скопје, Битола и Белград да организираат игри на среќа без лиценца. П.Б. доставил информации до Владата за основање нови правни лица кои би добиле право да организираат електронски и интернет игри на среќа, со помош на второпријавениот А.Г(47), добивајќи согласност од Владата за објавување два јавни повици кои не смееле да ги објават.

АД „Државна лотарија“, спротивно на Законот за игрите на среќа, склучила договори за заедничко вложување со правни лица од Скопје, Битола и Белград, иако тие не ги исполнувале законските услови.

„Првопријавениот П.Б. извршил дејствија што не би смеело да ги изврши, спроведувајќи постапка за јавен повик која не требало да ја изврши, донел одлука за избор на најповолен понудувач, а како награда за вака преземените службени дејствија примил подарок во вредност од 1.635.000 денари“, соопшти МВР.

Второпријавениот А.Г., како вицепремиер, со цел да го прикрие кривичното дело на првопријавениот П.Б., изјавил дека има позитивно мислење од Министерството за финансии за основање на трговското друштво „Нова Државна Видео Лотарија – НОВО ВЛТ ДОО Скопје“, иако знаел дека такво мислење не постои. Дополнително, А.Г. ја водел седницата и ја ставил на дневен ред и ги усвоил информациите без прибавено мислење, иако тоа било задолжително.

Третопријавениот Д.К., како премиер, по претходен договор со првопријавениот П.Б., на 08.03.2022 година ја ставил на дневен ред и усвоил постапка за основање на трговското друштво „Нова Државна Видео Лотарија – НОВО ВЛТ ДОО Скопје“, иако знаел дека материјалите не се разгледуваат на седница согласно Деловникот за работа на Владата. Со ова овозможил друштвото да стекне право да приредува игри на среќа без лиценца и на одговорните лица им овозможил противправна имотна корист од 8.598.000 денари.

Четвртопријавениот М.Д. како генерален секретар на Владата и покрај тоа што знаел дека материјалите кои се доставени до Владата не се разгледуваат на седница на Владата, ја предложил како точка на дневен ред информацијата за основање на трите нови трговски друштва за интернет игри на среќа.

Кривична пријава е поднесена и за В.П, претседател на Комисијата за јавен повик и за А.А. и Н.Х и М.З., , членови на Комисијата. Тие констатирале дека понудувачот-правно лице од Скопје ги исполнува сите критериуми за склучување на договор за заедничко вложување и покрај тоа што истиот не ги исполнувал законските услови. Според соопштението од МВР, В.П.и Х.Х за тоа добиле парична награда.

Јавното обвинителство на 16 декември соопшти дека е покрената истрага против шест лица осомничени за проневера во АД „Државна лотарија“, како и за злоупотреба на службената положба.

Соопштението на Обвинителството следуваше откако претходно беше објавено дека полициски службеници изутрината на 16 декември вршеле претреси во домовите на поранешниот вицепремиер Артан Груби и екс директорот на Државна лотарија, Перпарим Бајрами.

Груби, кој неодамна заврши на црната листа на САД, на Фејсбук напиша дека е во приватна посета на Косово.

Изминатата година, Радио Слободна Европа објави серија на истражувања поврзани со работата на Државната лотарија, а во кои се испреплетуваа имињата на Артан Груби и Перпарим Бајрами.

Рокас: Постои огромен моментум во однос на проширувањето што треба да се искористи

Михалис Рокас, амбасадор на Европската унија во Северна Македонија
Михалис Рокас, амбасадор на Европската унија во Северна Македонија

Постои огромен моментум во однос на проширувањето кое е приоритет на Европската унија (ЕУ) и што треба да се искористи. Да ги почекаме резултатите од самитот ЕУ - Западен Балкан, изјави амбасадорот на Европската унија во Северна Македонија, Михалис Рокас на новинарско прашање за очекувањата од дипломатските активности на македонската влада на самитот најавен за 18 декември во Брисел, во однос на деблокада на евроинтеграцијата на Северна Македонија.

„Како што знаете, ќе се одржи многу важен самит помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан, меѓутоа истовремено има и бројни активности, т.е. билатерални средби кои се одржуваат во самиот момент. Мислам дека треба сите да почекаме да ги видиме кои се резултатите од овој важен самит. Навистина се надеваме, имајќи ја предвид многу јасната порака која ЕУ постојано ја потенцира дека процесот на проширување останува приоритет за ЕУ“, рече Рокас во одговор на новинарско прашање по акција за засадување дрвца кај новиот Мега Парк во општина Карпош на 18 декември.

Според него, она што во моментов е потребно е напорна и посветена работа од сите во земјава на Реформската агенда усвоена од Владата.

Средбата во Брисел со лидерите на Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Северна Македонија, Косово и Црна Гора е можност да се разговара за „нов моментум“ за стратешкото партнерство меѓу Европската Унија и Западен Балкан, како да се продлабочи и да се придвижи кон заедничка иднина во Европската унија, според Европскиот совет.

За време на вечерата, се очекува да се разговара за геополитичкиот контекст и предизвиците што ги засегаат и ЕУ и Западен Балкан.

Ова ќе биде прв самит со кој ќе претседава Антонио Коста, новоизбраниот претседател на Европскиот совет.

Нафта прекри десетици километри од рускиот брег по потонување на танкер

Птица прекриена со нафта во градот Анапа на рускиот брег на Црното Море, 17 декември 2024 година.
Птица прекриена со нафта во градот Анапа на рускиот брег на Црното Море, 17 декември 2024 година.

Десетици километри од брегот на Црното Море во руската област Краснодар се покриени со мазут, објавија локалните власти и жителите откако два танкери беа тешко оштетени во невреме во Керченскиот теснец.

Гувернерот на регионот, Вениамин Кондратиев рече дека екипите за чистење биле пратени во областа откако силните ветрови помогнале да се прошират големи количини излеана нафта по должината на брегот, што ја зголеми загриженоста за можна еколошка катастрофа во Црното Море, објави рускиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Фотографиите и видеата на социјалните мрежи покажуваат диви животни покриени со темна течност, како резултат на инцидентот во неделата со два танкери кои превезувале илјадници тони мазут, гориво со низок квалитет.

Инцидентите со танкери се случиле во еколошки чувствителни води во близина на брегот на украинскиот полуостров Крим, кој Русија незаконски го анектираше во 2014 година. Еден од танкерите наводно се превртел и се скршил на половина за време на силна бура. Се претпоставува дека несреќата ја предизвикале бранови високи до четири метри, кои се сметаат за опасни за вакви пловни објекти.

Како што нафтата се шири низ морето и покрај бреговите, кои се вообичаена дестинација за летните одмори за Русите, се повеќе има извештаи за деградација на животната средина.

Локални жители укажаа на страшна состојба на брегот, со птици покриени со нафта кои не можат да летаат и кучиња скитници покриени со мазут кои талкаат по брегот.

Речиси 300 луѓе, вклучително и волонтери и тешка опрема, работат на справување со последиците од несреќата, соопштија властите. Но, екологистите предупредуваат дека количината на истуреното масло можеби е веќе преголема.

Русија ја користи таканаречената флота на танкери во сенка - група стари, неосигурени танкери - за да ги заобиколи санкциите од западот наметнати поради нејзината инвазија на Украина. Лошата состојба на овие бродови ја зголеми загриженоста за еколошки катастрофи.

Властите покренаа кривична истрага за несреќата, за која украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека може да се повтори и во други делови на Европа.

„Нашите мориња се соочуваат со уште една еколошка катастрофа предизвикана од Русија. Но, има уште поголеми и поопасни руски танкери кои пловат по вашите мориња. Запирањето на таа флота не значи само прекинување на финансирањето на Русија за војната - туку и заштита на природата“, напиша Зеленски на мрежата Икс.

ЕУ покрена истрага за ТикТок поради сомнеж за руско мешање во изборите во Романија

Илустрација
Илустрација

Европската унија(ЕУ) започна истрага против социјалната мрежа ТикТок во кинеска сопственост поради наводите дека Русија ја користела мрежата за да влијае на исходот од првиот круг од претседателските избори во Романија, на кои победи екстремно десничарски кандидат фаворизиран од Москва.

Калин Георгеску, дотогаш повеќе или помалку непознат независен кандидат, постигна шокантна победа во првиот круг од изборите на 24 ноември со околу 23 отсто освоени гласови. Во вториот круг на 8 декември, тој требаше да се соочи со проевропската централно-десничарска кандидатка Елена Ласкони.

Меѓутоа, откако романскиот Совет за национална безбедност ги декласифицира документите кои наводно укажуваат на неименуван „државен актер“ кој се чини дека е Русија, Уставниот суд на Романија го поништи првиот круг од гласањето и нареди тој повторно да се одржи во следните неколку месеци.

Според тоа, мандатот на актуелниот претседател Клаус Јоханис беше продолжен, иако неговиот втор петгодишен мандат како претседател на Романија заврши во средината на декември.

„По сериозните индикации дека странски актери се мешале во романските претседателски избори користејќи ТикТок, сега темелно истражуваме дали ТикТок го прекршил Законот за дигитални услуги со тоа што не ги спречил таквите ризици“, изјави Урсула фон дер Лајен, шефица на Европската комисија.

Таа додаде дека одлуката за отворање истрага ги зема предвид информациите добиени од декласифицираните разузнавачки извештаи на романските власти како и од извештаите на трети лица, објави романскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Во соопштението се наведува дека комисијата ќе продолжи да собира докази со испраќање дополнителни барања за информации, спроведување на последователни дејства, интервјуа, увиди и барање пристап до алгоритми.

На 5 декември, ЕУ издаде наредба до ТикТок да ги замрзне и да ги зачува податоците поврзани со „реалните или предвидливи системски ризици“ поврзани со романските избори.

Група американски сенатори, исто така, објави соопштение во кое го осудуваат наводното руско влијание на романските избори.

Мелони бара од судот на ЕУ да не го блокира планот на Италија за праќање мигранти во Албанија

Џорџа Мелони, премиерка на Италија, 17 декември 2024 година.
Џорџа Мелони, премиерка на Италија, 17 декември 2024 година.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони го повика Европскиот суд на правдата (ЕСП) да ги отфрли приговорите за планот на нејзината влада да испрати мигранти во Албанија.

Италијанските судови побараа од судот на Европската унија(ЕУ) да донесе одлука за планот, блокирајќи го трансферот на мигранти во центрите во Албанија со кои управува Италија, тврдејќи дека тоа е против законите на ЕУ, што ја разгневи Мелони.

Обраќајќи се пред Долниот дом на италијанскиот парламент пред самитот на лидерите на ЕУ, Мелони рече дека е потребна јасност „за прашање што е предмет на неодамнешните судски мерки со идеолошки призвук“.

„Ако ЕСП ја поддржи позицијата на италијанските судови, тоа би ризикувало да ги загрози политиките за репатријација на сите земји-членки, барем додека целосно не се применат новите правила за азил на ЕУ“, рече таа.

Според италијанскиот план, само возрасни мажи кои не се изложени на ризик од списокот на земји кои италијанските власти ги сметаат за „безбедни“ можат да бидат испратени во центрите во Албанија, а потоа да бидат вратени во нивните земји ако нивните барања за азил бидат одбиени.

Планот го привлече интересот на другите европски земји кои бараат начини да ја намалат илегалната миграција.

Италијанските судии го доведуваат во прашање планот, велејќи дека според пресудата на Европскиот суд на правдата во октомври, која не е специфична за Италија, ниту една земја на потекло не може да се смета за „безбедна“ ако еден дел од неа е опасен.

Италија престана да испраќа мигранти во Албанија и мигрантските центри се празни. Сепак, Мелони во неколку наврати изјави дека е уверена дека нејзиниот план на крајот ќе успее и покрај тврдењата на опозицијата дека тоа се фрлени пари.

Руска адвокатка казнета поради изјава за Радио Слободна Европа

Јева Левенберг
Јева Левенберг

Московскиот суд на 17 декември ја казни адвокатката Јева Левенберг од групата за заштита на правата ОВД-Инфо затоа што зборуваше за рускиот сервис на Радио Слободна Европа, локално позната како Радио Свобода.

Судот нареди Левенберг да плати 10 000 рубли (96 долари) откако ја прогласи за виновна за соработка со „непожелна“ организација.

Обвинението произлезе од коментарите на Левенберг за РСЕ во врска со политички мотивираните обвиненија за екстремизам со кои се соочуваат руските активисти.

Рускиот сервис на РСЕ беше означен како „непожелна организација“ во февруари.

Поединците прогласени за виновни за соработка со „непожелни“ организации може да се соочат со парични казни до 15 000 рубли и до четири години затвор доколку бидат осудени за повеќекратна соработка со организации означени како „непожелни“ од руските власти.

Вонреден инспекциски надзор на Детската клиника за починатото бебе

илустрација
илустрација

Вонреден инспекциски надзор денеска (17 декември) врши ДСЗИ на Детската клиника за случајот со починатото седуммесечно бебе, потврди директорот на Инспекторатот во изјава за медиуми, Кирил Лазов.

„Да, во текот на денешниот ден од моја страна беше издаден налог за вонреден инспекциски надзор на Клиниката за детски болести со сознание за починато седумесечно бебе кое по искажување на актуелниот директор било донесено со тешки оштетувања на повеќе органи. По утврдување на фактичката состојба, во делот на приемот, во делот на пружање на здравствена заштита, како и евидентирање, ние претпоставувам дека во текот на утрешниот ден ќе излеземе со поконкретни податоци“, појасни директорот.

Тој рече дека вонредни инспекциски надзори се вршат и на други клиники во рамки на Клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје.

Вчера почина седуммесечно бебе на Клиниката за детски болести. Бебето било примено минатата недела поради сериозен синдром кој зафатил повеќе органи, а во меѓувреме тешката здравствена состојба дополнително се влошила.

За неколку месеци ова е четврто починато дете на Детската клиника. Последниот случај беше со петтгодишно девојче кое почина од воспаление на мозокот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG