Достапни линкови

Вести

Шведската полиција соопши дека било пукано во израелската амбасада во Стокхолм

Израелската амбасада во Стокхолм, Шведска
Израелската амбасада во Стокхолм, Шведска

Шведската полиција во среда (2 октомври) соопшти дека еден ден претходно имало пукање во израелската амбасада во Стокхолм. Никој не е повреден, а истрагата е во тек, пренесува агенцијата АФП.

На 2 октомври, полицијата соопшти дека била предупредена за „истрел“ што се слушнал на улицата во близина на амбасадата во центарот на главниот град, непосредно пред 18 часот по локално време.

„Откривме нешто што укажува на пукање во израелската амбасада, но не сакаме да откриеме што точно откривме бидејќи истрагата е во тек“, изјави за АФП Ребека Ландберг, медиумски службеник во полицијата во Стокхолм.

Соопштението дојде откако полицијата во соседна Данска соопшти дека истражува две експлозии што се случиле во текот на ноќта „во непосредна близина“ на израелската амбасада, а во кои исто така нема повредени.

Шведската полиција соопшти дека информациите укажуваат дека зградата на амбасадата била погодена од истрели.

Портпаролката на полицијата Ландберг рече дека никој не е повреден и дека истрагата е отворена за тежок напад со оружје, загрозување други и незаконски закани.

Полицијата не уапси никого, но Ландберг рече дека областа е под силен надзор и полицијата активно собира и анализира снимки.

Престрелката доаѓа во време на зголемени тензии на Блискиот Исток, при што Иран истрела низа проектили на израелска територија, а Израел вети дека ќе го натера Иран да „плати“ за нападот.

Од избувнувањето на војната во октомври 2023 година меѓу Израел и Хамас, кој меѓудругото САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација, беа пријавени неколку инциденти кои јасно беа насочени кон израелските интереси во Шведска, наведува АФП.

Во февруари полицијата пронајде граната на теренот на израелската амбасада, за која амбасадорот рече дека е обид за напад. Во средината на мај, беа испукани неколку истрели пред израелската амбасада, што ја натера земјата да ги зголеми безбедносните мерки околу израелските интереси и институциите на еврејската заедница.

Разузнавачката агенција на оваа скандинавската земја САПО кон крајот на мај соопшти дека Иран регрутира членови на шведски криминални банди за да извршат „акти на насилство“ против израелските и другите интереси во Шведска. Овие тврдења Иран ги негираше.

Нордиската земја, исто така, пријави зголемување на антисемитските злосторства од омраза од почетокот на војната во Газа.

На почетокот на јуни, полицијата соопшти дека пронашла „сомнителен експлозивен предмет“ пред канцелариите на израелската воена технолошка компанија „Елбит системи“, позната по своите беспилотни летала, во Гетеборг, вториот по големина град во Шведска.

Кремљ повика на воздржаност на Блискиот Исток

илустрација
илустрација

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска (2 октомври) соопшти дека ситуацијата на Блискиот Исток се движи во алармантна насока и ги повика сите страни на воздржаност.

Песков наведе дека Русија има контакти со сите страни во конфликтот и ја осуди секоја акција што предизвикува цивилни жртви.

Иранската револуционерна гарда синоќа објави дека лансирала повеќе од 180 ракети кон Израел како одговор на неодамнешните убиства на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије, лидерот на Хезболах, Хасан Насрала и заменик-оперативниот командант на иранската Револуционерна гарда Абас Нилфорушан, јавија британските медиуми.

По вчерашниот ирански напад израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Иран направил „голема грешка“ и дека „ќе плати за тоа“.

Евакуирани станари од пожар во Чаир, неколкумина побарале медицинска помош

Противпожарна служба
Противпожарна служба

Поради вдишување на чад од пожар во Чаир во комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за укажување помош рано утрово се јавиле неколку лица, од кои еден пожарникар и еден полициски службеник, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Оттаму дополнуваат дека во 06:30 часот од кровот на зградата биле симнати повеќе станари и ниту еден нив немал повреди.

„На 02.10.2024 во 01:55 часот во СВР Скопје било пријавено дека настанал пожар во подрумски простории во зграда на улица „Серава“ во Скопје. На лице место упатена е екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје и полициски службеници од СВР Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, се вели во соопштението на МВР.

Од Центарот за управување со кризи претходно информираа дека интервенцијата се извршувала со седум возила и 20 пожарникари.

„На лице место освен единици од БППЗ кои го гасат пожарот биле и полиција и Итна медицинска помош. Според утринскиот службен извештај од БППЗ, еден пожарникар бил однесен на токсикологија поради големо количество вдишан чад“, стои во соопштението од ЦУК.

Дополнуваат дека во тек е интервенција за евакуација на станарите на зградата каде што е магацинот, а каде што потоа гореле и дуќани.

Неколку ранети во руско гранатирање на украинската област Харкив

Последицо од нападот во Харкив, 2 октомври 2024
Последицо од нападот во Харкив, 2 октомври 2024

Во средата рано наутро (2 октомври), руските војници го гранатираа Харкив, вториот по големина град во Украина, предизвикувајќи штета, објави градоначалникот Ихор Терехов на Телеграм.

„Оштетени се приватни станбени згради и јавна гаража“, рече Терехов, додавајќи дека засега нема повредени.

Во сличен напад на Дерхачи, мал град на околу 15 километри северно од Харкив, неколку луѓе беа ранети, меѓу кои и едно дете, објави гувернерот на Харков, Олег Синијехубов.

„Според службите за итна медицинска помош, пет лица, меѓу кои и едно 14-годишно момче, добиле рани од шрапнели, а исто така биле лекувани од акутна стресна реакција како резултат на нападот во Дерхачи“, напиша Синиехубов на Телеграм.

МНР го осуди иранскиот ракетен напад врз Израел

Министерство за надворешни работи и надворешна трговија
Министерство за надворешни работи и надворешна трговија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија го осудува синоќешниот ирански ракетен напад врз Израел, како и терористичкиот напад во Тел Авив, при што беа убиени шест цивили.

„Амбасадата во Тел Авив веќе стапи во контакт со надлежните институции на Израел, со цел потврда дека меѓу жртвите и повредените нема државјани на нашата земја“, се наведува во соопштението од ресорното министерство.

Имајќи ја предвид влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, апелира до македонските граѓани да ги одложат патувањата кон Израел, Иран и Либан, додека државјаните кои се наоѓаат на територијата на овие држави да ги следат упатствата на локалните власти и движењето да го сведат на минимум.

„Потсетуваме на СОС дежурните телефони на Министерството +389 75 273 732 и +389 75 268 736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378, која е целосно екипирана и ставена на располагање за нашите граѓани“, велат од МНР.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе продолжи да ги следи состојбите во Либан, Израел, Иран и регионот и навремено да ги информира нашите државјани за евентуални насоки за постапување.

Цивилизирана дебата меѓу Волц и Венс

Демократот Тим Волц и републиканецот Џеј-Ди Венс, 1 октомври 2024 година
Демократот Тим Волц и републиканецот Џеј-Ди Венс, 1 октомври 2024 година

Демократот Тим Волц и републиканецот Џеј-Ди Венс се спротивставија околу кризата на Блискиот Исток, имиграцијата, даноците, абортусот, климатските промени и економијата на потпретседателската дебата на која имаше повеќе политички несогласувања, а помалку лични напади.

Венс праша зошто Харис не направила повеќе за решавање на инфлацијата, имиграцијата и економијата додека служела во администрацијата на претседателот Џо Бајден.

„Ако Камала Харис има толку одлични планови за тоа како да се справи со проблемите на средната класа, тогаш таа треба да ги направи сега - не кога бара унапредување, туку на работата што и ја даде американскиот народ пред три и половина години“, рече Венс.

Волц го опиша Трамп како нестабилен лидер кој им давал приоритет на милијардерите и ги сврти критиките на Венс по прашањето за имиграцијата, напаѓајќи го Трамп за притисок врз републиканците во Конгресот да се откажат од двопартискиот нацрт-закон за безбедност на границата на почетокот од оваа година.

Дебатата во Центарот за емитување на Си-Би-Ес во Њујорк започна со ескалацијата на кризата на Блискиот Исток, откако Израел продолжи со нападот врз јужен Либан, а Иран изврши одмазднички ракетни напади против Израел.

Волц рече дека Трамп е премногу „променлив“, додека Венс тврди дека Трамп го направил светот побезбеден за време на неговиот мандат.

На прашањето дали ќе поддржи превентивен напад врз Иран од страна на Израел, Венс посочи дека тоа е одлука на Израел, додека Валц не одговори директно на прашањето.

Волц, исто така, го критикуваше Трамп за неговата улога во назначувањето на тројца судии од Врховниот суд на САД, кои се приклучија на одлуката на судот за елиминирање на речиси половина век националното право на абортус, прашање што се покажа како штетно за републиканците.

Волц (60), либерален гувернер на Минесота и поранешен учител во средно училиште, и Венс (40), најпродаваниот автор и конзервативен американски сенатор од Охајо, се претставија себеси како двајца кандидати со длабоко спротивставени ставови за прашањата важни за дражавата.

Во јуни, Трамп учествуваше во дебата со претседателот Бајден, чии лоши перформанси доведоа до повици да се повлече од претседателската трка. Откако Харис стана кандидат на демократите, таа учествуваше во дебата со Трамп минатиот месец.

Гласачите во 6 од 50 американски држави веќе имаат можност да гласаат предвреме. До 16 октомври ќе се организира предвремено гласање во уште 14 држави.

Пезешкијан вели дека ракетниот напад е одговор на израелската агресија

 Масуд Пезешкијан, претседател на Иран
Масуд Пезешкијан, претседател на Иран

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан го поздрави „одлучниот“ одговор против агресијата на Израел, по ракетниот напад врз Тел Авив како одговор на убиството на водачите на Хамас и Хезболах.

„Во согласност со легитимните права и со цел да се воспостави мир и безбедност во Иран и во регионот, беше даден одлучен одговор на агресијата на ционистичкиот режим“, напиша Пезешкијан на платформата Х и повика да не се влегува во конфликт со Иран.

Иранските Чувари на револуцијата, идеолошката армија на Иран, соопшти дека ракетниот напад што Иран го изврши врз Израел е одговор на убиствата на лидерите на Хамас и Хезболах.

Според соопштението, Израел бил нападнат како одговор на убиството на Исмаил Ханије и Хасан Насралах, како и на Абас Нилфорушан, помошникот лидер на Чуварите на револуцијата, кој беше убиен во нападот на лидерот на Хезболах, Насралах.

Ова беше втор напад на Иран врз Израел во последните шест месеци, по нападот во април кога Техеран тврдеше дека дејствува во „легитимна самоодбрана“ по нападот во кој беше уништен конзулатот на Иран во Дамаск и убиени седум воени функционери, а кој му се припишува на Израел.

Чуварите на револуцијата соопштија дека истрелале десетици балистички ракети и биле насочени кон важни безбедносни и воени цели во Израел, прецизирајќи дека тие биле насочени кон три воени бази околу Тел Авив за време на операцијата.

По тие напади, Иран го затвори аеродромот во Техеран за цивилната авијација.

Иран се закануваше дека ќе му врати на Израел по атентатот на лидерот на Хамас Исмаил Ханије на крајот на јули во Техеран, што му се припишува на Израел.

Чуварите на револуцијата соопштија дека постапиле во согласност со Повелбата на ОН и по „период на воздржаност“ откако беше нарушен суверенитетот на Иран по атентатот на Ханије во Техеран.

Водачот на Хезболах Хасан Насралах беше убиен во израелски напад врз јужните предградија на Бејрут, упориште на шиитското движење финансирано од Иран. Во тој напад беше убиен и иранскиот генерал Абас Нилфорушан.

Девет невладини организации во Грузија ставени во регистарот на „странски агенти“

Демонстрантите излегоа на улиците на Тбилиси на 28 мај за да протестираат против законот за „странски агенти“
Демонстрантите излегоа на улиците на Тбилиси на 28 мај за да протестираат против законот за „странски агенти“

Девет грузиски невладини организации се додадени во регистарот на „странски агенти“ во земјата, што е првпат откако пред два месеци стапи на сила контроверзниот закон за странски агенти.

На јпрво пет невладини организации беа додадени на листата на 1 октомври: Младинска организација на Украинците во Грузија - Свитанок, Професионален сојуз на фармери и земјоделски работници од Грузија, Куќа на млади Кутаиси, Унија на христијани и Еврејска културна и образовна фондација.

Набргу потоа, беа додадени четири други организации: Девојки-светски лидери, Младински дом Тбилиси, Инклузивни практики и Здружение на иницијативи, развој и вработување.

Имињата на овие организации, заедно со нивните финансиски обелоденувања, се објавени на официјалната веб-страница на Грузискиот јавен регистар на странски агенти.

Според законот, медиумите и невладините организации кои добиле повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странски извори во 2023 година се обврзани да се регистрираат како субјекти кои работат „во интерес на странска сила“. Минатата година мнозинството грузиски медиуми и непрофитни организации го добија тоа ниво на финансирање од надвор.

Процесот на регистрација мора да се заврши преку Домот на правдата во Тбилиси.

Дополнително, на Министерството за правда му беа доделени широки овластувања за следење и испитување на организациите за усогласеност, вклучително и овластување за пристап до чувствителни информации како што се личните податоци.

Многу организации и медиуми изразија силно противење на законот, а неколку јавно одбија да го почитуваат. Неусогласеноста, вклучително и нерегистрацијата, носи високи финансиски казни.

Грузиските меѓународни партнери изразија сериозна загриженост за законот, за кој критичарите тврдат дека го отсликува контроверзното законодавство за „странски агенти“ на Русија, алатка која Москва широко ја користи за да го потисне несогласувањето и да ги ослабне демократските институции.

Итна седница на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата на Блискиот Исток

илустрација
илустрација

Советот за безбедност на ОН денеска (2 октомври) ќе одржи итна средба за да ја разгледа ескалацијата на непријателствата на Блискиот Исток, соопшти Швајцарија, која овој месец е претседавачот со Советот.

„Закажавме состанок во 10 часот по њујоршко време (16:00 часот по средноевропско време)“, соопшти швајцарското претседателството.

Иран вчера истрела околу 200 балистички ракети кон Израел, што според соопштението на Револуционерната гарда е одмазда за убиствата на лидерите на Хезболах и Хамас.

Израел соопшти дека повеќето од ракетите биле пресретнати и најави дека ќе одговори на нападот.

Нетанјаху: Иран направи голема грешка и ќе плати за тоа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека нападот на Иран врз неговата земја не успеал и вети дека ќе возврати.

Иран вчера истрела околу 200 балистички ракети кон Израел како одмазда за израелската кампања против сојузниците на Техеран Хезболах во Либан.

„Иран направи голема грешка вечерва и тие ќе платат за тоа“, рече Нетанјаху на почетокот на состанокот на политичко-безбедносниот врв на земјата.

„Режимот во Иран не ја разбира нашата решеност да се браниме и нашата решеност да возвратиме на нашите непријатели“, додаде тој.

Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) Даниел Хагари изјави дека Израел ќе избере како и кога ќе одговори на вечерашниот ирански напад.

Хагари рече дека има „мал број на удари“ од 180 балистички проектили истрелани кон Израел, објави „Тајмс оф Израел“.

„Повеќето од ракетите беа пресретнати од Израел и одбранбената коалиција предводена од САД, посочи тој.

Од друга страна, иранската Револуционерна гарда соопшти дека 90 отсто од ракетите што Иран ги лансираше кон Израел успешно ги погодија нивните цели.

Иранските вооружени сили соопштија дека ќе ги гаѓаат „базите и интересите“ на поддржувачите на Израел во регионот, доколку директно интервенираат против Техеран, додавајќи дека секој одговор на Израел на неговиот ракетен напад ќе биде дочекан со „големо уништување“ на израелската инфраструктура.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека во тек се разговори меѓу американските и израелските претставници за тоа како треба да изгледа израелскиот одговор на ракетниот напад од Иран.

Бајден повтори дека Вашингтон „целосно го поддржува“ Израел по нападот од Иран и ги повика сите народи во светот да им се придружат во осудата на иранскиот напад.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG