Достапни линкови

Вести

Зеленски во Исланд на разговори за „Планот за победа“

Володимир Зеленски, претседател на Украина, на прес-конференција на Самитот на ЕУ во Брисел, 17 октомври 2024 година.
Володимир Зеленски, претседател на Украина, на прес-конференција на Самитот на ЕУ во Брисел, 17 октомври 2024 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Исланд каде ќе присуствува на Самитот со лидерите на нордиските земји.

Зеленски на 28 октомври на Телеграм објави дека додека е во Исланд ќе учествува на четвртиот самит Украина - Северна Европа и ќе одржи билатерални преговори со премиерите на Исланд, Данска, Норвешка, Финска и Шведска.

Заленски планира да се сретне и со претседателот и со претставниците на парламентот на Исланд.

„Нашите дискусии ќе се фокусираат на поддршката за „Планот за победа“ и областите во кои нашата соработка може да даде максимални резултати: финансирање на украинското производство на оружје за долг дострел, подготовки за зимата, поморска безбедност, одбранбена поддршка, обука и опремување на украинските војници“, рече Зеленски.

Парламентот на Исланд во април усвои резолуција за поддршка на Украина до 2028 година, која ја вклучува независноста на Украина, суверенитетот и безбедноста на цивилното население, хуманитарната помош и реконструкцијата.

Исланд, исто така, одвои речиси 2 милиони евра (2,1 милиони долари) за чешката иницијатива за купување артилериски гранати за Украина.

„Планот за победа“ на Зеленски е збир на мерки за кои тој вели дека ќе го свртат бранот на војната во корист на Киев. Зеленски се обидува да ги убеди западните сојузници да ја поканат Украина да се приклучи на Алијансата и да обезбеди поголема воена помош пред тешката зима на бојното поле и во нејзините погодени градови.

Едно од главните барања на Зеленски е повикување на „укинување од страна на партнерите на ограничувањата за употреба на оружје со долг дострел на целата територија на Украина окупирана од Русија и на руска територија и на непријателската воена инфраструктура“, како и помош во „опремувањето на нашите резервни бригади“.

Повеќе од 43.000 Палестинци убиени во едногодишната војна во Газа

Последици од израелско бомбардирање во јужна Газа, 25 октомври 2024 година.
Последици од израелско бомбардирање во јужна Газа, 25 октомври 2024 година.

Бројот на загинати Палестинци во едногодишната војна во Газа надмина 43.000, од кои повеќе од половина се жени и деца, соопшти палестинското Министерство за здравство на 28 октомври.

Оваа бројка вклучува и 96 загинати лица кои беа префрлени во болниците во Газа во последните два дена, соопшти Министерството, кое го предводи Хамас, палестинска група која Соединетите Американски Држави (САД) и Европската унија(ЕУ) ја прогласија за терористичка организација.

Израелската армија викендов изведе операција во северниот дел на Газа, вклучително и во една болница. Војската соопшти дека уапсила 100 осомничени милитанти на Хамас за време на рацијата во болницата „Хамал Адван“ во Беит Лахиа на 25 октомври.

Светската здравствена организација го обвини Израел дека уапсил 44 лица од машкиот болнички персонал.

Палестинските медицински претставници изјавија дека болницата, која третира околу 200 пациенти, била тешко оштетена во нападот.

Израел нападна неколку болници во Газа за време на едногодишната војна, велејќи дека Хамас и другите групи ги користат за воени цели. Палестинските медицински претставници ги негираат наводите и ја обвинуваат армијата дека ги загрозува цивилите.

Израелската армија ги повика Палестинците да го напуштат северниот дел на Газа, каде веќе три недели спроведува голема офанзива.

Обединетите нации (ОН) претходно овој месец соопштија дека најмалку 400.000 луѓе се во северниот дел на Газа и дека кризата со глад се зголемила бидејќи хуманитарната помош е намалена во текот на изминатиот месец.

Министерството за здравство на Газа соопшти дека најмалку 43.020 луѓе биле убиени, а 101.110 биле ранети од почетокот на војната на 7 октомври 2023 година.

Војната меѓу Израел и Хамас почна откако милитантите на Хамас ги пробија граничните бариери во јужен Израел и упаднаа преку границата, убивајќи околу 1.200 луѓе - главно цивили, и киднапирајќи уште 250 други луѓе.

Чад: Најмалку 40 војници загинаа во напад на воена база

Илустрација
Илустрација

Неидентификувани напаѓачи убиле најмалку 40 војници за време на ноќен напад на воена база на западот на земјата, објави претседателството на северноафриканската држава Чад, јави агенцијата „Асошиејтед Прес“.

Претседателот Махамат Деби Итно рано утрото на 28 октомври ја посети базата во Баркарам, остров во регионот на езерото Чад и најави почеток на воена операција за пронаоѓање на напаѓачите.

Чад долго време се бори со бунт во западниот дел на земјата, во близина на границата со Нигерија.

Не е познато кој стои зад нападот, но владата ја обвини милитантната група Боко Харам за претходните напади во регионот.

Во март, во напад за кој владата ја обвини Боко Харам, загинаа седум војници, што ги оживеа стравувањата од насилство во регионот на езерото Чад по период на мир и успешна операција што армијата на Чад ја започна во 2020 година за уништување на базите на екстремистичката група.

Боко Харам, која пред повеќе од една деценија започна бунт против западното образование, се обидува да воспостави исламски закон во североисточна Нигерија.

Чад, земја со речиси 18 милиони жители, беше тешко погодена од политичките превирања пред и по контроверзните претседателски избори кои резултираа со победа на Деби Итно. Тој ја водеше земјата како привремен претседател за време на периодот на воено владеење што следуваше по смртта на неговиот татко во 2021 година.

Минчев: Има две можности правичната застапеност да влезе во законите

Северна Македонија - Горан Минчев, министер за јавна администрација
Северна Македонија - Горан Минчев, министер за јавна администрација

Постојат две можности делот за правична застапеност да биде имплементиран во законите. Првата е во Предлог законот за административни службеници, Предлог законот за вработените во јавниот сектор и Предлог законот за стручно усовршување и обука на административните службеници кои се во фаза на разгледување, а втората е да се оди со посебно законско решение кое што ќе биде разгледувано во Собранието, изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев.

Изјавата доаѓа откако коалицијата „Вреди“, партнерот на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, најави дека изготвува закон за правична застапеност откако Уставниот суд ја укина употребата на таканаречениот „балансер“, алатка од Охридскиот рамковен договор преку со која се вршеа вработувањата на етничките заедници.


Минчев рече дека досега не видел нацрт-верзија од коалицијата „Вреди“.

„Сигурен сум дека во Владата има политички капацитет и можност да се дојде до едно сериозно, системско и квалитетно решение. Не треба да се брза. Мора да имаме трпение затоа што ние сме имале и ситуации кога и од 2001 до 2015 година не постоел „балансер“, но уставната категорија, правичната застапеност на етничките заедници се имплементирала. Така што, мора да дојдеме до сериозно решение да не се најдеме повторно во ваква ситуација, а тоа е Уставниот суд да укинува одредени членови или одредби од евентуалното законско решение“, изјави Минчев.

Антикорупциската комисија во јануари годинава поднесе иницијатива до Уставниот суд за преспитување на алатката „балансер“, бидејќи сметаат дека со ова се прават злоупотреби при вработувањата.

Уставниот суд на 9 октомври го укина „балансерот“, по што од „Вреди“ најавија дека наскоро и официјално ќе биде предложен нов Закон за правична застапеност.

Владејачката партија во Узбекистан оди кон парламентарна победа

Узбекистан - Шавкат Мирзијоев, претседател на Узбекистан
Узбекистан - Шавкат Мирзијоев, претседател на Узбекистан

Владејачката партија во Узбекистан лојална на претседателот Шавкат Мирзијоев тргна кон лесна победа на парламентарните избори во земјата, според прелиминарните резултати објавени од изборните власти на 27 октомври.

Централната изборна комисија соопшти дека Либерално-демократската партија на Мирзијоев би можела да заземе 64 места од 150 места во Долниот дом на парламентот, и покрај неодамнешните реформи и предвидувањата на претседателот дека изборите ќе бидат „силно оспорувани“.

Сепак, изборите се одржаа без регистрирани опозициски партии. Според експертите, единствената конкуренција со која се соочила владејачката партија биле четири партии блиски до претседателот.

Сите пет партии-учеснички на изборите го поминаа прагот на гласање потребен за парламентарно претставување.

Централната изборна комисија соопшти дека одѕивот на гласачите бил речиси 75 отсто, што е повеќе од доволно за властите да ги сметаат изборите за успешни.

Набљудувачки тим од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во својата првична оценка на 28 октомври, рече дека „со оглед на проблемите што ги идентификуваа нашите набљудувачи за време на вчерашното гласање, пребројување и сумирање, мора да се направи многу повеќе за да се унапреди транспарентноста и довербата во официјално објавените резултати и процент на излезност“.

Ова беше пробно гласање за новиот мешан изборен систем, резултат на ревизијата на Уставот и на Изборниот закон на Узбекистан. Според измените, само половина од 150 пратеници во парламентот се избираат со гласање за политички партии. Останатите 75 кандидати се избираат поединечно.

Азај Гулиев, специјален координатор и лидер на тимот за краткорочни набљудувачи на ОБСЕ, рече дека иако реформите претставуваат напредок, „остануваат значајни предизвици во остварувањето на основните слободи, особено правото на здружување, мирно собирање и слободата на изразување“.

Узбекистанскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) објави дека граѓаните на Узбекистан изразуваат загриженост поради слабиот одѕив на гласачите, и покрај тврдењата на официјалните лица за одзив од речиси 75 отсто.

На претседателските избори во Узбекистан во 2023 година, Мирзијоев освои трет мандат.

Мирзијоев стана претседател во 2016 година по смртта на долгогодишниот автократски лидер Ислам Каримов.

ЕК: Посетата на Орбан на Грузија е на ниво на билатерални односи

Виктор Орбан, премиер на Унгарија
Виктор Орбан, премиер на Унгарија

Денешна посета на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Грузија е во рамки на билатералните односи меѓу Будимпешта и Тбилиси и тој нема мандат да говори во име на ЕУ, порача денеска портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Набила Масрали.

„Можам да кажам дека посетата на премиерот Орбан на градот Тбилиси е исклучиво во рамките на билатералните односи меѓу Унгарија и Грузија. Премиерот Орбан нема добиено никаков мандат од Советот на ЕУ“, рече Масрали.

Таа најави дека прашањето за случувањата во Грузија ќе биде на дневен ред неформалниот Самит на ЕУ идната недела во Будимпешта, како и на заседанието на Советот за надворешни работи на Унијата во ноември.

На прашање дали ЕУ ги признава резултатите од саботните избори во Грузија или не, Масрали не даде конкретен одговор, нагласувајќи дека Унијата бара да бидат разјаснети и решени наводите за неправилности на изборите.

„Не можеме да ги прејудицираме конечните резултати на овие истраги, но многу внимателно ќе го следиме целиот процес“, рече Масрали, посочувајќи на изјавата на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во врска со изборите.

На прашање дали ЕУ смета дека исходот од изборите во Грузија е резултат на можна „специјална руска операција“ за мешање и влијание врз земјата, Масрали изјави дека Унијата внимателно ги следи ваквите појави, додеавајќи сека

„Во предизборната и изборната кампања бевме сведоци на нивоа на дезинформации без преседан и остра анти-ЕУ реторика. Она што можеме да го кажеме е дека некои од наративите користени во текот на оваа кампања беа јасно и директно инспирирани од руската пропаганда“, нагласи Масрали и додаде дека има докази дека Москва се обидела да се меша во изборите во Грузија.

Во врска со европската перспектива на Грузија, портпаролката на ЕК за соседска политика и проширување Ана Писонеро истакна дека земјата има обврски поврзани со спроведување на реформите и усогласување со европското законодавство.

„Ситуацијата е многу јасна, многу добро знаете дека Европскиот совет практично го запре процесот на пристапување на Грузија поради демократското назадување што го видовме во последните месеци со одредени закони, за кои веќе ја изразивме нашата загриженост“, рече Писонеро.

Таа додаде дека станува збор за законите за странски агенти и за заштита на семејните вредности и малолетниците.

Мицкоски: Се надевам дека во Бугарија ќе се формира влада со која ќе го одблокираме нашиот пат кон ЕУ

Христијан Мицкоски, премиер на РСМ
Христијан Мицкоски, премиер на РСМ

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски телефонски разговарал со Бојко Борисов, лидер на Десничарската партија ГЕРБ која освои најмногу гласови на парламентарните избори во Бугарија, при што изразил уверување дека ќе се формира стабилна влада на десниот центар во Бугарија, која ќе даде придонес во отстранувањето на пречките што го успоруваат македонскиот пат кон Европската Унија.

Коментирајќи ги изборите во Бугарија, Мицкоски истакна дека се надева дека во соседната државата ќе се формира влада, со која ќе може да седнат и да најдат решение за одблокирање на патот на земјата во ЕУ.

Очекува Влада од најмалку три партнери, а за победата на партијата ГЕРБ, предводена од Бојко Борисов, повтори дека тие се од исто семејство, односно од Европската народна партија.

„Очекувам влада која што ќе има најмалку три партнери. Се надевам дека ќе има влада, дека ќе нема осми избори по ред и дека ќе можеме да седнеме и да најдеме решение да го одблокираме нашиот пат, патот на Македонија кон ЕУ, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по надзор во работата на автопатската делница Гостивар - Букојчани.

Премиерот викендов изјави дека не би можел да издвои кој би бил подобар соговорник во Софија, но дека логично е дека сака да победи партијата на Борко Борисов со која се дел од Европската народна партија.

„Не би можел да издвојам кој би бил подобар соговорник, но можам да кажам дека со партијата ГЕРБ која што ја води Борко Борисов сме во исто семејство во Европската народна партија и логично е да посакам политичка партија која доаѓа од нашето семејство да победи на изборите“, рече Мицкоски.

Партија ГЕРБ на поранешниот премиер Борисов е победник на вчерашните парламентарни избори во Бугарија, седми во последните три и пол години, според првичните прелиминарни резултати од гласањето.

ГЕРБ освои 25 отсто од гласовите, што е за околу 10 отсто повеќе од реформистичката коалиција на партијата „Промените продолжуваат“ и десничарската Демократска Бугарија.

Доколку првичните податоци се покажат како точни, Борисов ќе добие мандат да ја формира својата четврта влада, но ќе мора да бара коалициски партнери за формирање на кабинет.

НАТО потврди дека севернокорејски трупи се борат за Русија

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека воената алијанса потврдила дека севернокорејските трупи влегле во руската област Курск, која граничи со Украина.

Говорејќи во Брисел, денеска (28 октомври), Руте го нарече потегот „значајна ескалација“ на руската инвазија врз Украина и рече дека тоа го покажува „очајот“ на рускиот претседател Владимир Путин по губењето на повеќе од 600.000 војници во војната.

Деновиве Ројтерс јави дека Северна Кореја испратила 3000 војници во Русија за да ги поддржи силите на Кремљ во војната во Украина, а се очекува да следат уште илјадници.

Пјонгјанг вети дека ќе обезбеди околу 10.000 војници, кои се очекува да бидат распоредени до декември, изјавија јужнокорејските пратеници за новинарите откако беа информирани од националната разузнавачка агенција.

„Знаци на обука на војници во Северна Кореја беа откриени во септември и октомври. Се чини дека војниците сега се распоредени во повеќе објекти за обука во Русија и се прилагодуваат на локалната средина“, изјави по брифингот, Парк Сун-вон, членка на парламентарната комисија за разузнавање.

Кремљ ги отфрли тврдењата на Јужна Кореја за распоредување војници на Северна Кореја како „лажна вест“, а севернокорејскиот претставник во Обединетите нации во Њујорк ги нарече „неосновани гласини“.

И Москва и Пјонгјанг, исто така, негираа трансфер на оружје, но ветија дека ќе ги зајакнат воените врски, потпишувајќи договор за заемна одбрана на самитот во јуни.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски исто така го обвини Пјонгјанг дека се подготвува да испрати 10.000 војници во Русија. Тој ги повика своите сојузници да одговорат на доказите за вмешаноста на Северна Кореја во руската војна.

Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби изјави дека е можно повеќе од 3.000 севернокорејски војници сега да се испратени во Русија на обука.

Јапонскиот премиер Ишиба нема да поднесе оставка од функцијата

Премиерот на Јапонија, Шигеру Ишиба
Премиерот на Јапонија, Шигеру Ишиба

Премиерот на Јапонија, Шигеру Ишиба изјави дека „несогласувањето“ и „лутината“ на гласачите довеле до тоа неговата Либерално-демократска партија (ЛДП) да не освои апсолутно мнозинство на изборите.

Но, Ишиба истакна дека нема да поднесе оставка и најави „фундаментални реформи“ во партијата, која е погодена од голем финансиски скандал.

Ишиба ја предводи јапонската Влада од почетокот на месецот, а распиша предвремени избори надевајќи се дека ќе ја зајакне власта и својата положба во ЛДП.

Според проекциите на националната телевизија НХК, ЛДП не освои апсолутно мнозинство од 233 места во парламентот, за прв пат од 2009 година.

Бројките покажуваат и дека владејачката коалиција составена од ЛДП и малата партија Комејто, исто така, не успеа да обезбеди контрола на половина од 465 места во Долниот дом на јапонскиот Парламент.

Според НХК, ЛДП освои 191 пратеник, а Комито 24 пратенички места.

Ишиба сега ќе мора да води малцинска влада, без апсолутно мнозинство во Парламентот, со ризик неговите закони да не поминат, или да бара нови коалициски партнери.

ЕУ бара да се проверат наводите за изборни нерегуларности во Грузија

Гласачко место на парламентарните избори во Грузија, 26 октомври 2024
Гласачко место на парламентарните избори во Грузија, 26 октомври 2024

Европската Унија ја повикува Централната изборна комисија на Грузија и другите релевантни органи да ја исполнат својата должност за брзо, транспарентно и независно испитување на наводите за изборни нерегуларности, порача високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во врска со парламентарните избори во земјата одржани во саботата (26 октомври).

„Тие неправилности мора да се разјаснат и решат. Тоа е неопходен чекор за повторно градење на довербата во изборниот процес“, наведува Борел во изјавата упатена во името на ЕУ.

Според Борел, ЕУ со внимание ги следи случувањата кои доведоа до парламентарните избори во Грузија и приврзаноста на грузискиот народ кон демократските вредности и европскиот пат на нивната земја покажани во текот на изминатите месеци.

„Конструктивниот и инклузивен дијалог низ политичкиот спектар сега е најважен. Во согласност со заклучоците на Европскиот совет од 17 октомври, ЕУ ја повикува Грузија да усвои демократски, сеопфатни и одржливи реформи, во согласност со основните принципи на европската интеграција“, додава Борел.

Тој посочува дека според прелиминарните наоди и заклучоци на Меѓународната мисија за набљудување на изборите, предводена од Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), денот на изборите генерално бил процедурално добро организиран и администриран на уреден начин, но обележан со „тензична атмосфера, чести компромиси во тајноста на гласањето и неколку процедурални недоследности“, како и со извештаи за заплашување и притисок врз гласачите што негативно влијаеле на довербата на јавноста во процесот.

„Извештаите за притисок врз гласачите, особено врз вработените во јавниот сектор, останаа широко распространети во кампањата. Ова, заедно со широко распространетото следење на гласачите на денот на изборите, предизвика загриженост за можноста на некои гласачи да го дадат својот глас без страв од одмазда, наведува високиот претставник на ЕУ“, пренесувајќи делови од оценката на ОДИХР.

Според Борел, набљудувачите на изборите известуваат и за нерамноправни услови за игра, кампања на поделби во услови на поларизирана атмосфера и за значителна загриженост во врска со влијанието на неодамнешните законски измени врз изборниот процес.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG