Собранието расправа за Предлог-буџетот за 2025 година што го усвои Владата, кој предвидува раст на БДП од 3,7 отсто. Дали е реален ваков раст, ако ММФ и Светската велат раст од 2,5 проценти?
Сметам дека годинашната проекција за економскиот раст е поразумна во однос на претходни години, имајќи предвид на што истиот се базира, а тој се базира на Планот за инвестиции којшто планира владата да го започне како нов инвестициски циклус во еден дел преку бизнис секторот со новите кредити во делот на општините, но исто така и започнување на инфраструктурните проекти коишто се однесуваат на двата коридори. И доколку од друга страна ги погледнеме проекциите на Народната банка тие се исто нешто над 3 проценти, иако во реализацијата на овој раст постојат одредени неизвесности и ризици коишто се поврзани со глобалната економија и со домашниот капацитет за реализирање на вакви инфраструктурни проекти.
Значи, реален е раст од 3,7 отсто?
Проектираниот економски раст би бил возможен да се оствари доколку се реализираат плановите за инвестиции во следната година, но исто така тие се под одредени ризици што ќе се случува со глобалната економија.
Државата ќе се задолжува и понатаму, според предлог-Буџетот. Колкав раст би требало да оствари македонската економија за да бидат оправдани државните заеми?
Она што е многу значајно е растот да биде над буџетскиот дефицит, со цел да може да идентификуваме одредена консолидација на јавниот долг. Од друга страна, проекцијата е дека вкупниот раст ќе биде поттикнуван преку ваквата форма на инвестициски циклуси, преку страната на инвестициската компонента од Бруто домашниот производ (БДП) и двете се исклучително поврзани.
Државниот долг следната година ќе достигне 53,7 отсто од БДП, од сегашните 49,3 отсто, а јавниот долг е уште повисок. Ќе достигне ли јавниот долг до 70 проценти?
Во моментот според податоците коишто се јавно достапни на Министерството за финансии, државниот долг 49,3 проценти. Доколку на тоа ги додадеме долговите на јавните претпријатија, вкупниот јавниот јавен долг е 56,9 проценти, заклучно со септември. Но, доколку ја погледнеме фискалната стратегија, ние веќе ќе достигнеме со крајната година јавен долг над 60 проценти. Тука имаме и одредени корекции кои доаѓаат од Државниот завод за статистика, и кои упатуваат дека можеби проекцијата која е во фискалната стратегија е повисока во однос на тоа што реално ќе може да очекуваме на остварување на јавниот долг, што е позитивна вест, меѓутоа сепак фактичката состојба е дека ако на овој долг ги додадеме доспеаните, а неисплатени обврски, ние можно е до крајот на годината да го завршиме со вкупен јавен долг од над 70 проценти, што е исклучително висока стапка и треба во моментов да не загрижува.
Како гледате не тоа што државата обезбедува кредити за бизнисот преку дел од унгарскиот кредит, оние 250 милиони евра?
Сметам дека кредитите што ќе бидат обезбедени за бизнис секторот се позитивни во насока на поттикнување на инвестицискиот циклус. Ние и во минатото сме имале поддршка на бизнис секторот коишто доаѓал преку финансиска поддршка. Во моментот дискусијата е на техничко ниво за условите коишто ќе ги има кредитот, но многу аспекти кои значат какви ефекти и импакт ќе има овој кредит, остануваат недискутирани во јавноста: Прво, каква ќе биде намената, знаеме ние дека тоа ќе биде за производствени капацитети, но намената што значи? Дали е намена за автомобили, за технологија или за роботизација? Понатаму, кои ќе бидат тие компании коишто ќе бидат таргет, дали се тоа компании кои во моментот имаат достапност на кредити и финансии, или тоа се нови компании (мали и средни претпријатија) кои генерално имаат ограничување и сето тоа зависи дали ние ќе поттикнеме нов инвестициски циклус или ќе бидат инвестиции кои и во моментов би се случиле.
Јасно ли ви е на вас како ќе се распоредуваат кредитите, кои ќе бидат условите?
„Генерално во моментот во дискусијата недостасува дообјаснување каква ќе биде намената, кој ќе биде таргет на компании, може да дискутираме и за тоа дали ќе имаме таргетирани одредени региони, со цел да поттикнеме нивен развој, дали тоа значи нова инвестиција во технологија или нова инвестиција во нова градежна активност, така што сето тоа се аспекти кои во голема мера може да влијае каков ќе биде ефектот од земените кредити и во која дадените кредити ќе дадат понатаму импулс врз вкупната економија, и врз извозот и врз инвестицискиот циклус.