Вести
Тринаесетта жртва на масакрот во Цетиње
Еден од четворицата тешко ранети во масакрот во Цетиње, Дејан Кокотовиќ, почина денеска (9 јануари) во Клиничкиот центар во Црна Гора.
На 1 јануари, по крвавиот упад во Цетиње во кој Ацо Мартиновиќ уби 12 лица, тој беше примен во Клиничкиот центар каде лекарите се бореа за неговиот живот.
Од таа здравствена установа на 6 јануари соопштија дека тројца пациенти успешно закрепнуваат, а пациентот кој бил во критична состојба покажува знаци на опоравување.
Осомничениот за повеќекратно убиство во Цетиње и ранувањето на најмалку четири лица Ацо Мартиновиќ се самоуби.
Тој починал при транспорт во болница.
Многу лидери на земјите од регионот и странски амбасади испратија телеграми со сочувство до црногорските власти, граѓаните на Цетиње и Црна Гора.
Поради трагичниот настан сите новогодишни манифестации во Црна Гора беа откажани.
Ова е второ масовно убиство во Цетиње во последните две години. Во август 2022 година, Вук Бориловиќ уби 10 и рани 6 лица, по што беше убиен.
Фицо: Словачка може да ја запре помошта за Украина поради прекинот на испораката на гас
Словачка размислува за мерки против Украина, вклучително и задржување на помошта доколку не се најде решение за одлуката на Киев да го прекине рускиот гас, изјави словачкиот премиер Роберт Фицо денеска (9 јануари) по разговорите со европскиот комесар за енергетика, Дан Јоргенсен.
На 1 јануари, Киев презеде мерки за намалување на приходите кои и помагаат на Русија да ја финансира војната против Украина, овозможувајќи време да најдат алтернативни добавувачи додека има залихи во Европската унија.
Меѓутоа, Фицо вели дека ова ќе ја чини Словачка 1 милијарда евра годишно по повисоки цени за гасот што го користи и 500 милиони евра во такси за понатамошен транзит.
Тој се закани дека ќе го прекине вонредното снабдување со електрична енергија на Украина во време кога Русија ја напаѓа украинската енергетска мрежа, или ќе ја намали помошта за украинските бегалци.
Фицо рече дека владата, исто така, може да ја запре хуманитарната помош или да го искористи правото на вето врз одлуките на ЕУ за Украина, истовремено инсистирајќи дека не сака да ги зголемува тензиите.
„Не постои ништо, ниту меѓународното право ниту санкциите, што го спречува транзитот на гас низ Украина“, изјави тој за новинарите во Брисел.
„Доколку штетата за ЕУ е трајна, како и штетата за Словачка, Словачка ќе преземе реципрочни мерки“, додаде тој.
Словачка и Европската комисија објавија дека се договориле да формираат работна група за ова прашање.
Фицо ја промени надворешната политика на Словачка откако ја презеде власта во 2023 година, негувајќи ги односите со Русија и одбивајќи да обезбеди воена помош за Украина.
Сепак, не е јасно како стигнал до проценката на потенцијалните загуби на Словачка.
Словачкиот оператор за пренос на гас Eustream, во кој државата има 51 отсто сопственост, пријави приход од 226 милиони евра за целиот транзит на гас за годината што завршува во јули 2023 година, што е последниот достапен податок и вклучува мал удел на гасот што не доаѓа од Русија.
Словачка предложи технички решенија, вклучително и преземање на сопственоста на рускиот гас пред да стигне до Украина, но Киев ги отфрли на самитот на ЕУ во декември. Неколку дена подоцна, Фицо се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во Москва за да разговара за ова прашање.
На Словачка, која има договор со руски Газпром, годишно и се потребни 4-5 милијарди кубни метри гас за да ги задоволи потребите, а од Русија преку Украина увезувала околу три милијарди кубни метри гас.
Словачката државна компанија за гас SPP сега купува течен природен гас (LNG) од BP, ExxonMobil, Shell, Eni и RWE.
Извор: Ројтерс
Бајден подготвува нови санкции за Русија пред мандатот на Трамп
Американскиот претседател Џо Бајден се очекува следната недела да воведе нови санкции против руската економија, според американски функционер, како дел од мерките за зајакнување на Украина соочена со агресијата на Москва, пред Доналд Трамп да ја преземе функцијата.
Санкции се очекуваат, рече функционерот кој побара да остане анонимен, бидејќи администрацијата на Бајден денеска (9 јануари) објави нова воена помош од 500 милиони долари за Украина, која се очекува да вклучи проектили за противвоздушна одбрана, муниција и опрема за поддршка на борбените авиони Ф-16.
Враќањето на новоизбраниот претседател Трамп во Белата куќа на 20 јануари ги поттикна шпекулациите за дипломатско решение за ставање крај на инвазијата на Москва, но и стравот во Киев дека набрзина постигнатиот мир може да има висока цена.
Советниците на Трамп изнесоа предлози за ставање крај на војната во Украина, со кои практично во догледна иднина на Русија би и се отстапиле големи делови од украинската територија.
Соработниците на Бајден велат дека сакаат да ја стават Украина во најсилна позиција на бојното поле за да имаат предност во можните преговори со Русија оваа година.
Засега нема детали за санкциите што Бајден би ги наметнал на Русија во своите последни денови како претседател, иако неговите соработници ги информирале соработниците на Трамп за чекорите што ги преземаат, рече функционерот.
Ројтерс претходно оваа недела објави дека три извори рекле оти САД планираат дополнителни санкции насочени кон приходите на Русија од нафтата, кои помагаат во финансирањето на нејзината војна против Украина.
Еден од изворите рече дека санкциите ќе бидат насочени кон две руски нафтени компании, повеќе од 100 танкери, трговци со нафта и руски осигурителни компании, без да прецизира за кои субјекти станува збор.
Извор: Ројтерс
МНР ја осуди изјавата на лидерот на бугарска „Преродба“ за припојување на Северна Македонија кон Бугарија
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија соопшти дека „силно ја осудува објавата на лидерот на бугарска политичка партија Преродба, Костадин Костадинов, и актуелен пратеник во Народното собрание на Бугарија, на Фејсбук со која изразува јасни територијални претензии кон нашата држава“.
„Таквите злонамерни изјави на официјални личности од бугарската политичка сцена се директен напад на суверенитетот, интегритетот и независноста на нашата држава и истовремено се во директна спротивност со правилата и принципите на меѓународното право, немешањето на државите во нивните внатрешни работи и политиката на градење добри меѓусоседски односи“, македонското МНР во реакцијата.
Лидерот на ултаранационалистичката и крајнодесничарска бугарска партија „Преродба“, Костадин Костадинов, ја повика владата во Софија официјално да објави претензии за припојување на Македонија и на украинската област Јужна Бесарабија кон Бугарија.
Оваа негова изјава е дел од објавата, во која Костадинов ги поддржува изјавите на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, за Канада и Панамскиот Канал.
Изјавата на Костадинов, за македонското МНР е „недолична и непримерна“.
„Ваквата недолична изјава на Костадинов, очекуваме од официјална Софија да биде отфрлена како непримерна на духот и времето во кое живееме, европските стандарди кои силно ги почитуваме и спротивно на нашите залагања за обезбедување траен мир, безбедност и просперитет во Европа и пошироко“, стои во соопштението на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Јаневска: Мора да се запре со нарачаните магистерски и докторски трудови
Појавата на нарачана изработка на магистерски и докторски трудови мора да запре, порачува Министерката за образование, Весна Јаневска.
Според неа, Министерството веќе работи на воведување стандарди и мониторинг во високото образование.
„Веќе е јавна тајна во Македонија дека се случуваат вакви неправилности. Она што го правиме секојдневно според можностите кои ни ги дава законот и според човечките капацитети кои ни се на располагање, е да сме присутни во сите високообразовни институции и научни институции. Во неколку државни универзитети веќе се одземени неправилно стекнати звања. Одредени луѓе се отпуштени од работа“, рече Јаневска на денешната прес-конференција во Министерството за образование и наука (МОН).
Таа очекува новиот Закон за високо образование на кој работи МОН, Законот за научни истражувања и националната рамка за квалификација на полиња, подрачја и области, кои треба да се донесат како пакет, да го подобрат квалитетот на високото образование.
„Кога ќе бидат готови, уште еднаш комисија од МОН ќе ги помине сите три документи, ќе направиме повеќе јавни расправи во универзитетите, доколку има потреба овојпат ќе имаме јавна расправа и во Собрание и потоа ќе го предадеме во владина и собраниска постапка“, дополни министерката.
Јанева рече и дека Законот за високо образование е при крај, а на него го подготвува работна група формирана во новото национално координативно тело за реформи во високото образование.
Командантот на либанската армија избран за претседател на земјата
Либанскиот парламент денеска (9 јануари) го избра армискиот командант Џозеф Аун за претседател на земјата, откако местото беше празно повеќе од две години поради неможноста за договор.
Изборот на Аун, за што има одобрение од САД, го покажува намаленото влијание на Хезболах поддржан од Иран по разорната војна на либанската милитантна група со Израел.
Хезболах е на американската листа на терористички организации, додека само неговото вооружено крило е на црната листа на ЕУ, но не и политичката партија која има места во либанскиот парламент.
Исходот од гласањето во либанскиот парламент, според Ројтерс, ја одразува промената на рамнотежата на силите во Либан и на поширокиот Блиски Исток, каде што шиитскиот муслимански Хезболах беше разнишан во минатогодишната војна со Израел, додека неговиот сириски сојузник Башар ал -Асад беше соборен во декември.
Тоа, исто така, укажува на оживување на влијанието на Саудиска Арабија во земја кадешто улогата на Ријад долго време беше засенета од Иран и Хезболах.
Претседателската функција во Либан, резервирана за маронитските христијани според системот на верска поделба на власта, е празна откако мандатот на Мишел Аун заврши во октомври 2022 година, бидејќи длабоките поделби спречија договор за кандидат кој би можел да освои доволно гласови во парламентот со 128 места.
Извор близок до саудискиот кралски двор рече дека француските, саудиските и американските пратеници му рекле на претседателот на парламентот Набих Бери, близок сојузник на Хезболах, оти меѓународната финансиска помош - вклучително и од Саудиска Арабија - е зависна од изборот на Аун.
Изборот на Аун е првиот чекор кон заживување на владините институции во земја која нема ниту шеф на држава ниту влада со целосни овластувања откако претходниот претседател Аун ја напушти функцијата.
Либан, чија економија сè уште се опоравува од разорниот финансиски колапс во 2019 година, има огромна потреба од меѓународна поддршка за обнова од војната, која според проценките на Светска банка би ја чинела земјата 8,5 милијарди долари.
Таравари: Нема лекарска грешка во врска со смртта на седуммесечното бебе
Нема лекарска грешка според извештајот во врска со седуммесечното бебе кое почина на детската клиника во Скопје, изјави денеска (9 јануари), министерот за здравство Арбен Таравари.
„За среќа, професионалците констатираа дека докторите немаат никаква грешка“, рече Таравари на денешната прес-конференција.
На прашањето каде бил проблемот за смртта на седуммесечното бебе, Таравари одговори дека најверојатно бебето е донесено подоцна на Клиниката.
„Можеби болеста си го направила своето, можеби подоцна е донесено детето. Меѓутоа, констатирано е дека нема лекарска грешка“, додаде Таравари.
Седуммесечно бебе починало на 16 декември на интензивна нега на Детската клиника во Скопје.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), кој изврши вонреден инспекциски надзор на Детската клиника откако почина седуммесечно бебе, предложи Министерството за здравство да покрене постапка за стручен надзор над лекувањето на бебето.
Било донесено на Клиниката на 9 декември, а потоа и на 11 декември кога заради влошената клиничка слика, хоспитализирано е на Одделот за неврологија. Креирани му се упати за повеќе испитувања, а на 13 декември заради натамошно влошување на здравствената состојба, трансферирано на Одделот за интензивна нега и терапија.
Откако во јавноста излезе веста за смртта на бебето, директорот на Детската клиника, Реџеп Мемеди рече дека биле запазени сите процедури и третмани и дека нема лекарска грешка.
Тој тврдеше дека се работи за неоснован притисок врз Клиниката и здравствениот персонал во оваа институција.
За неколку месеци ова е четврто починато дете на Детската клиника. Последниот случај беше со петтгодишно девојче кое почина од воспаление на мозокот.
По 12 неуспешни обиди, Либан близу до избор на претседател
Либанскиот парламент се очекува денеска (9 јануари) да го избере генералот Џозеф Аун за нов претседател на државата, по повеќе од две години политички застој.
Аун (60), кој е врховен командант на либанската армија, е фаворит за функцијата.
Неговото именување би помогнало во надгледувањето на примирјето на југот на Либан, каде конфликтите со Израел оставија голема штета.
Либан нема претседател од октомври 2022 година, кога истече мандатот на Мишел Аун.
Дванаесет претходни обиди за избор на претседател пропаднаа поради политичките поделби.
Меѓународниот притисок за избор на претседател се зголемува, а дипломатите од САД, Франција и Саудиска Арабија бараат итно решавање на кризата.
САД најавија нов пакет воена помош за Украина од 500 милиони долари
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на состанокот на земјите кои го поддржуваат Киев во Германија најави нов пакет воена помош за Украина од 500 милиони долари.
„Пакетот вклучува „дополнителни ракети за украинската воздушна одбрана, повеќе муниција, повеќе муниција воздух-земја и друга опрема за поддршка на украинските Ф-16“, рече Остин.
Украинските сојузници и претседателот Володимир Зеленски се состанаа во американската воена воздухопловна база Рамштајн во Германија за да разговараат за континуираната поддршка за Киев во војната со Русија.
На почетокот на состанокот во Рамштајн, Остин рече дека војната на Украина против инвазијата на руските сили „ е важна за сите нас“.
„Сите ние имаме удел во осигурувањето дека автократите не можат да ги стават своите империјални амбиции пред основните права на слободните и суверени народи“, рече Остин.
На состанокот Зеленски се залагаше за распоредување на западни трупи во Украина како еден од „најдобрите инструменти“ за „присилување на Русија на мир“.
„Нашата цел е да најдеме што е можно повеќе инструменти за да ја принудиме Русија да склучи мир. Верувам дека таквото распоредување на партнерски контингенти е еден од најдобрите инструменти“, рече Зеленски, осврнувајќи се на дискусиите за можното распоредување на западните трупи.
Зеленски рече дека сојузниците на Украина ќе мора повеќе да соработуваат кога новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата, додавајќи дека новата администрација ќе донесе „нови можности“ за САД.
„Јасно е дека започнува ново поглавје за Европа и за целиот свет - за само 11 дена, време кога мораме уште повеќе да соработуваме, уште повеќе да се потпираме еден на друг и заедно да постигнеме уште поголеми резултати. Јас на тоа гледам како време на можности“, рече Зеленски.
Рамштајн е најголемата воздухопловна база надвор од Соединетите Држави и беше домаќин на слични состаноци откако Русија ја нападна Украина пред речиси три години.
На конференцијата Остин ги покани министрите за одбрана и високите воени лидери од земјите-членки на украинската Контакт група.
Британскиот шеф на дипломатијата предупредува на дестабилизирачка реторика на Трамп
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами денеска (9 јануари) изјави дека е уверен дека повторно избраниот претседател на САД, Доналд Трамп, го признава Гренланд како дел од Кралството Данска, но сепак предупреди дека неговата реторика може да биде дестабилизирачка.
„Знаеме од првиот мандат на Доналд Трамп дека длабочината на неговата реторика и понекогаш непредвидливоста на тоа што го изјавува можат да бидат дестабилизирачки“, рече Лами во интервју за Би-Би-Си радио, одговарајќи на прашањето за намерите на Трамп да го направи Гренланд дел од САД.
„Што се однесува до Гренланд, мислам дека неговата загриженост е насочена кон активностите на Русија и Кина во Арктикот, како и кон националната економска безбедност. Сепак, уверен сум дека тој признава дека Гренланд денес е дел од Кралството Данска“, нагласи министерот Лами.
Уште во својот прв мандат, новоизбраниот претседател Доналд Трамп го изрази својот интерес за купување на Гренланд, кој е полуавтономна територија на Данска, американски сојузник и една од земјите што го основаа НАТО.
Исто така, таму има и голема американска воена база.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете