Вести
По еднодневна пауза, Русија ги продолжува масовните напади врз Украина

Русија започна нови воздушни напади врз Украина по еднодневна пазуа од напади со дронови. Во регионот Запорожје, едно лице загинало, а две други се повредени, изјави во среда (2 април) на Телеграм регионалниот гувернер Иван Федоров.
Петнаесет беспилотни летала, исто така, го нападнале источниот град Харкив, при што биле повредени најмалку осум лица.
Украинските сили за цивилна одбрана соопштија дека биле погодени згради кои припаѓаат на цивилни фирми, а исто така била нанесена штета и на станбени области.
Откако Украина во вторникот ја доживеа првата ноќ без беспилотни летала во годината, воздушната одбрана на земјата извести дека Русија распоредила 74 дронови и мамки со беспилотни летала во текот на ноќта до среда наутро.
Нападите првенствено ги погодиле регионите Харкив, Доњецк и Одеса.
Во Москва, руското Министерство за одбрана тврдеше дека соборило 93 украински беспилотни летала во текот на ноќта, главно над пограничниот регион Курск.
Војувањето со беспилотни летала стана речиси секојдневна тактика во војната, иако размерите на уништување и жртви предизвикани од руските напади го надминуваат влијанието на украинските напади.
Украина се брани од руската инвазија повеќе од три години, потпирајќи се во голема мера на поддршката од Западот.
Дурмиши: Секој има право да излезе на улица и да покаже револт

Живееме во демократија и секој има право да излезе на улица и да протестира и да го каже својот револт, но на синдикатите веќе им истече мандатот и веќе не се репрезентативни, порача денеска (2 април)министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
„Како Влада ја формиравме комисијата која треба да ја утврди репрезентативноста на синдикатите и таа комисија веќе работи. Веднаш кога ќе се определи кој синдикат е репрезентативен ќе ја свикам седницата на Економско социјалниот совет (ЕСС). Токму таму синдикатите треба да ги кажат своите барања, а не на улица“, изјави Дурмиши во одговор на новинарско прашање пред почетокот на конференцијата „Реформа на Законот за работни односи – предизвици и насоки“.
Како Влада, нагласи дека се за социјален дијалог. Одговарајќи на прашање рече дека како Влада постапиле според законот и методологијата за минималната плата, со која се усогласени сите засегнати страни, односно и синдикатите и работодавачите, и го објавиле износот на минималната плата на крајот на март.
„Според тој правилник минималната плата изнесува 400 евра и е покачена нето платата за 1800 денари. Како надлежен министер за економија и труд јас ја објавив минималната плата по одлука на Владата, рече Дурмиши.
Нагласи дека немале согласност од ЕСС за износот на минималната плата поради тоа што нема репрезентативност од синдикатите.
„Јас според законот кој е во сила и кој е потпишан и од синдикатите и од работодавачите и по одлука на Влада обврзан сум пред 31 март да ја објавам минималната плата. Од минималната плата потоа се пресметува и просечната плата и другите плати. Ако не ја објавевме до 31 март ќе се блокираше целата држава и сите институции, а приватниот сектор не ќе можеше да пресмета плати за нивните вработени“, истакна Дурмиши.
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска одржува јавна седница пред зградата на Работничкиот дом на која ќе ги искаже своите ставови за минималната плата.
Советот на јавни обвинители даде негативно мислење за разрешување на Коцевски

Советот на јавни обвинители даде негативно мислење по предлогот на Владата за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. За прифаќање на предлогот гласаа тројца, додека шест члена гласа против.
Претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриеска, рече дека со оглед дека Советот одлуките ги носи со мнозинство, мнозинството дадоа негативно мислење. За прифаќање на предлогот на Владата за разрешување на Коцевски гласаа Кети Петкова, Ардиан Демири и Марјана Илиевска.
Советот на јавни обвинители претходно ја исклучи јавноста од точката за разгледување на предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Членовите на Советот едногласно го поддржаа предлогот на членот Зорица Павловиќ, која повикувајќи се на член 10 од Законот за совет на јавни обвинители побара да се исклучи јавноста поради, како што кажа, сензитивноста на процесот и за заштита на угледот и интегритетот на јавниот обвинител.
Светлана Стојковиќ, го поддржа предлогот, дополнувајќи дека јавноста треба да биде исклучена и поради тоа што во произнесувањето од Коцевски по предлогот за негово разрешување, се изнесени и информации и докази од дисциплинските постапки што се води против двајца јавни обвинители. Расправата, како што нагласија, ќе биде затворена, а јавноста ќе биде вклучена само за гласањето по мислењето за предлогот на Владата за разрешување на Коцевски.
Седницата за разгледување на предлогот претходно на два пати беше одложена. Првично беше закажана за 18 март, но беше одложена поради седумдневната жалост по трагедијата во Кочани, а минатата недела, на 26 март беше одложена поради немање на кворум. Согласно законските рокови за разгледување на предлогот за разрешување на Коцевски, Советот треба да го разгледа најдоцна до крајот на неделава, иако Владата објави дека ќе ја прекине постапката.
Портпаролката на Владата Марија Митева, на 26 март годинава, изјави дека Владата ќе ја прекине постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и доколку добие мислење од страна на Советот на ЈО, истото нема да го проследи до Собранието.
Премиерот Христијан Мицкоски по трагедијата во Кочани изјави дека постапката за разрешување на јавниот обвинител Коцевски ќе се запре во моментот до таму каде што се наоѓа.
Владата на 11 февруари година донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Коцевски кој беше избран на оваа позиција пред една година, а неговиот мандат трае шест години.
Министерството за правда, постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата, го изготви Предлог-мислењето за разрешување на државниот јавен обвинител. Коцевски, како што велат од Министерството за правда, постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе.
Републичкиот обвинител Коцевски го демантира тврдењето дека незаконски постапил посочувајќи дека го следел законот и роковите во него.
Данската премиерка во посета на Гренланд

Данската премиерка Мете Фредериксен денеска (2 април) ќе отпатува во Гренланд, каде што ќе се сретне со претставници на новата влада на полуавтономниот остров, во време кога американскиот претседател Доналд Трамп продолжува да изразува интерес за анексија на територијата.
Фредериксен го започнува своето тридневно патување помалку од една недела по посетата на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, кој беше пречекан со воздржаност од страна на данските и гренландските власти.
Идниот премиер на островот, Јенс-Фредерик Нилсен, кој ја предводеше победничката коалиција на неодамнешните избори, истакна дека го поздравува доаѓањето на Фредериксен и нагласи дека Данска останува „најблизок партнер на Гренланд“.
Односите меѓу Гренланд и Данска се затегнати поради откритијата за малтретирање на гренландското население за време на колонијалниот период. Меѓутоа, интересот на Трамп за контролирање на островот како дел од геополитичката трка за Арктикот ја поттикна Данска да ги интензивира напорите за подобрување на врските со Гренланд.
Во понеделникот, Нилсен изјави дека Гренланд ќе ги зајакне односите со Копенхаген, додека постепено работи на остварување на својата цел – независност.
„Разговорите за анексија и непочитување на суверенитетот се знак на непочитување. Ајде да започнеме со взаемна почит и да изградиме подобро партнерство“, порача Нилсен.
Фредериксен, пак, оцени дека народот на Гренланд сам треба да ја одреди својата иднина и ги нарече забелешките на Венс за Данска „неправични“.
Османи предложи Косово и Британија да склучат договори за одбрана и економија

Косовската претседателка Вјоса Османи денеска (2 април) му предложи на британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами да склучи договори за одбрана и економија меѓу двете земји.
Лами е во официјална посета на Косово, како дел од турнејата низ Западен Балкан, чија цел, како што соопшти Владата на Обединетото Кралство, има за цел зајакнување на соработката во борбата против нерегуларната имиграција и организираниот криминал.
На заедничката прес-конференција со Лами, Османи рече дека со шефот на британската дипломатија разговарала за „стратешкото продлабочување на соработката“ меѓу Косово и Обединетото Кралство, што, според неа, „особено ќе ги опфати областа на одбраната и економијата“.
Таа истакна дека имала „долг“ разговор со Лами, кој ја поздравил идејата за зајакнување на соработката. Османи рече дека косовските власти се посветени на соработка со Британците на обликување на договорот, така што тој треба да биде потпишан што е можно поскоро. Османи повика и на поактивно присуство на Обединетото Кралство на Косово.
Лами рече дека Балканот е регион кој е важен за Британија денес, како што беше и за време на мандатот на тогашниот премиер Тони Блер. Тој додаде дека Британија „ќе продолжи да ја игра улогата на клучен пријател и партнер“ на Косово.
Шефот на британската дипломатија рече дека неговата земја сака „стабилна и мирна нормализација“ меѓу Косово и Србија и ги повика косовските власти да се вклучат со целосна енергија во дијалогот со Србија со посредство на Европската Унија.
Османи рече дека „Косово останува конструктивна страна, посветена на мирот и стабилноста и покрај тоа што постојано се соочуваме со опструкции и провокации од Србија, вклучително и повторени напади кои почнаа пред неколку години и продолжуваат сега, за што сакам повторно да нагласам дека е императив да има одговорност и Србија да ги изведе одговорните пред лицето на правдата“.
Лами рече дека Британија дава важен придонес во мировната мисија на НАТО на Косово (КФОР), што, според него, е „апсолутно клучно“ за безбедноста на Косово.
Британскиот дипломат во вторникот вечерта во Приштина беше примен од вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти и министрите од неговата влада. Курти со Лами разговарал, меѓу другото, за актуелната состојба во регионот и геополитиката во Европа, како и за безбедносните прашања, соопштија од кабинетот на премиерот.
Вршителот на должноста шеф на косовската извршна власт „го истакна фактот дека сè уште нема правда и одговорност за терористичкиот напад во Бањска, додека Милан Радоичиќ оди слободно и заштитен од српскиот државен апарат“, се вели во соопштението на премиерот.
Во септември минатата година, Специјалното обвинителство на Косово покрена обвинение против 45 лица, меѓу кои и Милан Радоичиќ, за вооружен напад врз косовската полиција во Бањска на 24 септември 2023 година, кога беше убиен наредникот Африм Буњаку.
Властите во Србија одбиваат да го екстрадираат Радоичиќ на Косово и велат дека ќе му судат „српски судови“, додека властите во Косово велат дека му понудиле заштита. Курти додаде дека Радоичиќ „треба да биде екстрадиран на Косово каде што ќе му се суди праведно за неговите постапки“.
Обединетото Кралство оваа есен ќе биде домаќин на состанокот на лидерите од Западен Балкан во Лондон во рамки на самитот во Берлинскиот процес, кој, меѓу другото, има за цел да ја поддржи стабилноста, безбедноста и економската соработка меѓу земјите од регионот.
Израел ги проширува копнените операции во Газа „за да го уништи“ Хамас

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац најави големо проширување на операциите на војската во Појасот Газа, чија цел е да се „разбие и исчисти областа од терористи и терористичка инфраструктура“.
Министерот во средата рече дека операцијата „ќе заземе големи области кои ќе бидат додадени во израелските безбедносни зони“, без да даде дополнителни детали. Војската распореди дополнителна единица за проширување на операциите во јужниот дел на Газа, според извештаите на медиумите. Кац ги повика жителите на крајбрежниот појас „да дејствуваат сега за да го отстранат Хамас и да ги вратат сите заложници“.
„Ова е единствениот начин да се стави крај на војната“, рече Кац.
Во средината на март, Израел продолжи со масовните воздушни напади откако не беше постигнат договор со Хамас за условите за продолжување на примирјето.
Оттогаш, Израел, исто така, започна копнени операции против палестинските милитанти во Рафа, а во саботата, наводно, ја проширил офанзивата на второто соседство.
„Целта на новата копнена офанзива исто така е да се воспостави тампон зона долж границите на крајбрежната област“, рече Израел.
Војната избувна откако Хамас и други екстремистички групи го нападнаа Израел на 7 октомври 2023 година, при што беа убиени околу 1200 луѓе и заробени повеќе од 250 заложници. Според здравствените власти во Газа под контрола на Хамас, досега се убиени повеќе од 50100 луѓе, од кои една третина деца и млади луѓе.
Бројките не можат да се потврдат независно. Меѓутоа, меѓународните организации како што се ОН ги сметаат за веродостојни.
Почина холивудскиот актер Вал Килмер

Вал Килмер, холивудскиот актер кој се прослави како Џим Морисон и Бетмен и често играше позначајни споредни улоги, почина во Лос Анџелес на 65-годишна возраст. Причината за смртта е пневмонија, соопшти неговото семејство.
Неговата професионална кариера започна во театарот, а своето филмско деби го имаше во 1984 година во пародијата „Top Secret“, каде ја играше рок ѕвездата Ник Риверс.
Во 1980-тите, тој стана сè попознат по неговите улоги во филмови како што се Top Gun (1986) и Willow (1988).
Својот вистински пробив го постигна во 1991 година со улогата на Џим Морисон во биографскиот филм за Оливер Стоун, „The Doors“. Неговиот настап беше пофален за неговата исклучителна автентичност, бидејќи тој самиот ги испеа сите песни во настапот.
Во текот на 1990-тите Килмер имаше голем број значајни улоги, вклучувајќи ги: Док Холидеј во вестерн филмот „Tombstone“ (1993), Бетмен/Брус Вејн во „Бетмен засекогаш“ (1995) и Крис Шихерлис во култниот криминален трилер „Heat“ (1995).
Зеленски: Партнерите на Украина ќе разговараат за распоредување странски војници

Западните воени лидери ќе разговараат за можното распоредување на војници во Украина кои би го надгледувале потенцијалниот прекин на огнот во конфликтот со Русија и ќе бидат дел од новата безбедносна структура на земјата, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето ноќно видео обраќање (1 апил).
„Ова е нашата почетна точка: украинската армија мора да биде доволно силна и на оваа основа е изградена целата безбедносна архитектура. Ќе се одржи состанок за само неколку дена, во петок (4 април) со претставници на нашите земји партнери - тоа ќе бидат воени претставници“, рече Зеленски.
Зеленски се состана во Киев на 1 април со германската министерка за надворешни работи во заминување Аналена Бербок, велејќи дека „тесен круг земји“ е подготвен да испрати контингенти.
Украинскиот лидер на заедничката прес-конференција со Бербок рече дека чека „поконкретни“ одговори од сојузниците за нивната подготвеност да учествуваат.
Франција и Велика Британија изразија подготвеност да испратат војници како дел од таканаречената коалиција на подготвени да го надгледуваат потенцијалниот прекин на огнот. Но, Русија силно се спротивстави на какво било распоредување на странски трупи во Украина.
Во своето видео обраќање, Зеленски исто така рече дека Украина сега ги споделила „сите потребни информации во врска со прекршувањата на Русија во енергетскиот сектор“ со своите американски партнери. Тој рече дека имало напади на 1 април во Херсон, вклучително и руско беспилотно летало кое цели на енергетски објект и опрема „целосно намерно и намерно“ и дел од градот останал без електрична енергија.
„Ние инсистираме дека секое такво прекршување мора да биде документирано и да добиеме одговор од нашите партнери. Токму овие мали детали придонесуваат за големите одложувања на Русија во дипломатскиот процес“, рече тој.
Зеленски се осврна на договорот меѓу Киев и Москва да не напаѓаат едни со други енергетски капацитети. Договорот беше објавен од Белата куќа на 25 март заедно со прекин на огнот за да се овозможи пловидба по Црното Море.
Киев рече дека договорот за енергетските капацитети ќе стапи на сила веднаш. Москва, сепак, соопшти дека ќе следи делумно укинување на санкциите кои се однесуваат на руските компании и банки вклучени во меѓународната трговија со храна.
Германија објави обврска за дополнителни 130 милиони евра (140 милиони долари) во хуманитарна помош и фондови за стабилизација за време на посетата на Бербок.
„Пакетот ќе ја донесе германската помош од почетокот на руската инвазија во Украина до 7 милијарди евра, рече Зеленски.
Зеленски и се заблагодари на Германија што се погрижи нејзината поддршка за Украина да остане предвидлива и систематска. Стабилноста на поддршката е еден од клучните фактори во одбраната од руската агресија, рече тој.
„Тоа се прекините во снабдувањето, несогласувањата меѓу партнерите и сите знаци на нестабилност на кои рускиот претседател Владимир Путин многу смета“, рече тој.
Руските трупи извршија масовен напад со беспилотни летала врз Харкив ноќта на 1 април. Градоначалникот Ихор Терехов рече дека 13 дронови „Шахед“ го погодиле градот, а четири лица се повредени.
Во Србија почнуваат консултации за нова влада

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска (2 април)почнува со консултации за формирање нова влада, и за првиот ден се закажани разговори со претставници на четири изборни листи.
За днеска се чекуваат разговори со претставниците на листата „Руска партија - Слободан Николиќ“, „Сојуз на Војводински Унгарци (СВМ)“, „Усаме Зукорлиќ - Обединети за правда - Партија на правдата и помирувањето - Босанците од Санџак, како и „Томислав Жигманов – Демократски сојуз на Хрватите во Војводина“ и пратеничката група „Ние – глас од народот“.
Вучиќ вчера изјави дека испратил писмо до сите носители на листи и пратенички групи во српското Собрание, а за учество на консултациите се пријавиле пет-шест листи. Според него, консултациите ќе завршат до петок.
Дел од парламентарните опозициски партии претходно најавија дека нема да одговорат на повикот на претседателот за консултации за формирање нова влада. На 20 март соопштија дека постигнале консензус дека формирањето преодна влада е неопходно за излез на државата од социјалната и политичката криза. Опозициските партии најавија дека идејата е тоа да биде таканаречена „Влада на народна доверба“ која би била „привремена влада, со максимално времетраење до девет месеци, што би имала конкретни задачи“.
На 19 март Собранието на Србија ја констатираше оставката на премиерот Милош Вучевиќ, со што заврши мандатот на актуелната влада. Рокот за формирање на нова влада е 18 април на полноќ. Доколку до тој датум не се формира влада, ќе бидат закажани вонредни парламентарни избори. Вучевиќ на 28 јануари поднесе неотповиклива оставка од таа функција, откако во Нови Сад се случи напад врз студентите во блокада.
Српскиот претседател нагласи дека очекува најбројната пратеничка група - СНС да го извести дали сакаат да формираат влада или сакаат нови избори, а она што е сигурно, како што рече, е дека во таа партија нема расположение за каква било преодна влада, со што и тој се согласува.
Вучиќ претходно рече дека негова уставна обврска е да им го довери мандатот за состав на влада на оние кои велат дека можат да обезбедат мнозинство, односно најмалку 126 гласа во парламентот. Според член 127 од Уставот на Србија, кандидатите за функцијата премиер на Народното собрание му ги предлага претседателот на Републиката по консултација со претставниците на избраните изборни листи.
Првиот вицепремиер и министер за финансии во техничкиот мандат, Синиша Мали, претходно изјави дека сите опции се на маса кога станува збор за тоа дали ќе се избере нова влада или дали ќе се одржат вонредни избори и посочи дека е важно што поскоро да има нова влада.
Социјалистичката партија на Србија потврди дека коалицијата собрана околу таа партија ќе оди на консултации со Вучиќ, и едногласно донеле одлука за продолжување на соработката со Српската напредна станка и Александар Вучиќ. Тие изразиле подготвеност да учествуваат со нивните коалициски партнери во дискусиите за формирање и избор на нова влада.
Дел од парламентарните опозициски партии изјавија дека нема да одговорат на поканата на претседателот Александар Вучиќ за консултации за новата Влада на Србија, наведувајќи дека можат да разговараат само за преодна влада.
Во заедничката изјава потпишана од Партијата на слободата и правдата, Народното движење на Србија, Новата демократска партија на Србија, ПОКС, Движењето на слободни граѓани, Партијата Србија Центар - СРЦЕ и Зелено-левиот фронт, беше оценето дека „единствениот начин Србија да оди напред е исполнување на студентските барања“ и мирни услови за промена на власта.
На поканата за консултации за новата влада нема да одговорат ниту Демократската партија, ниту движењето Еколошко востание, чии претставници изјавија дека не ја добиле поканата. На консултациите со претседателот Вучиќ нема да одат ниту претставниците на пратеничката група „Ние силата на народот“ на Бранимир Несторовиќ, кои сметаат дека „изборите мора да се распишат што е можно поскоро“.
Доколку не се избере нова влада до 18 април на полноќ, кога истекува законскиот рок од 30 дена за избор на нов премиер и членови на владата, откако српскиот парламент ја констатира оставката на премиерот Милош Вучевиќ на 19 март, со што го прекинува мандатот на целата влада, претседателот на државата е должен да го распушти Парламентот.
Путин започна најголема мобилизација на војници во последниве години

Претседателот Владимир Путин повика 160.000 мажи на возраст од 18 до 30 години, што е најголем број регрути во Русија од 2011 година, додека земјата се обидува да ја прошири својата војска.
Пролетниот повик за едногодишна воена служба дојде неколку месеци откако Путин рече дека Русија треба да ја зголеми вкупната големина на својата војска на речиси 2,39 милиони, а бројот на активни војници на 1,5 милиони.
Тоа е зголемување за 180.000 во следните три години.
Вицеадмиралот Владимир Цимљански рече дека нови регрути нема да бидат испратени да се борат во Украина како дел од, како што Русија го нарекува својата „специјална воена операција“. Сепак, имаше извештаи за регрути кои загинале борејќи се во пограничните региони на Русија и биле испратени да се борат во Украина во првите месеци од војната во полн обем, пишува Би-Би-Си.
Тековниот повик, кој се одржува меѓу април и јули, доаѓа и покрај обидите на САД да постигнат прекин на огнот во војната.
Насилството не стивна во вторникот, кога Украина соопшти дека рускиот напад врз електрана во јужниот град Керсон оставил 45.000 луѓе без струја.
Русија, исто така, тврдеше дека заземала уште едно украинско село, Розљив во областа Доњецк.
Русија повикува на регрути во пролет и есен, но последниот повик за 160.000 млади мажи е за 10.000 повеќе отколку во истиот период во 2024 година.
Покрај поканите доставени по пошта, младите мажи ќе добиваат известувања и на државната веб-страница на Министерството за правда.
Покрај двегодишниот нацрт, Русија повика и голем број мажи како војници со договор и регрутира илјадници војници од Северна Кореја.
Москва мораше да одговори на големите загуби во Украина, при што повеќе од 100.000 војници потврдија од Би-Би-Си и Медиазон дека загинале во Украина.
Вистинската бројка би можела да биде повеќе од двојно поголема.
Путин ја зголеми тројно големината на војската откако им нареди на војниците да ја окупираат Украина во февруари 2022 година. Руското Министерство за одбрана го поврза зголемувањето на големината на армијата во декември 2023 година со „растечките закани“ како од војната во Украина, така и од „постојаното проширување на НАТО“.
НАТО се прошири за да ги вклучи Финска и Шведска, како директен резултат на руската инвазија на Украина.
Финска ја има најдолгата граница на НАТО со Русија од 1.343 километри, а премиерот Петери Орпо во вторникот рече дека неговата земја ќе им се придружи на другите соседи на Русија во повлекувањето од Конвенцијата од Отава, која забранува противпешадиски нагазни мини.
Полска и балтичките земји донесоа слични одлуки пред две недели поради воената закана од Русија.
Орпо рече дека одлуката за повторна употреба на противпешадиски мини е донесена врз основа на воени совети и дека народот на Финска нема за што да се грижи.
Владата во Хелсинки, исто така, рече дека трошоците за одбрана ќе се зголемат на 3 отсто од бруто домашниот производ, во однос на 2,4 отсто минатата година.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете