Третиот „АртАреа“ со стремеж кон творечката интермедијалност

Со цел да воспостави жива платформа за поврзување и дијалог меѓу авторите од различните културни домени, од 24 до 26 јануари во Кино Култура во Скопје, во организација на издавачката куќа Бегемот, ќе се одржи третото издание на интермедијалниот фестивал „АртАреа“.

На Скопје во безмалку културно сивиот јануари по трет пат ќе му се случи интермедијалниот фестивал „АртАреа“ чија иницијална идеја цели кон воспоставување жива платформа за поврзување и дијалог меѓу авторите во различните културни домени и тенденции, спојувајќи ги во богата културна програма за време на три фестивалски дена.

Така, во деновите од престојниот викенд, од 24 до 26 овој месец, во Кино Култура, во организација на издавачката куќа Бегемот, и овојпат ќе биде реализирана програма со која, како што ќе забележат потписниците на манифестацијата, се сака да се овозможи средба и спојување на сегментираната публика што ја генерираат прилично атомизираните области на културата. Односно, „во таа смисла, фестивалската заложба е да се збогати, но и да се преиспита значењето на современите културни практики“. И конечно, со ова проектот наново како свои клучни приоритети ги поставува културната интегративност и творечката интермедијалност, кои се покажуваат како нужни предуслови за развивање новаторска, богата и добро вмрежена култура“.

И, кога сме веќе тука Фестивалот, кој патем е поддржан од Град Скопје, ќе започне во петок во 19 часот со две изложби – една на фотографија насловена како „Skopje Street Life“ чиј автор е Ѕвонко Плавевски и една на илустрација на неуморниот мултимедијалец Владимир Лукаш. Половина час подоцна ќе се случи промоцијата на романот „Пропаст“ на познатиот бугарски писател Владимир Зарев, издание на Или-Или, чиј промотор ќе биде Оливера Ќорвезировска.

За 20.30 часот, пак, е предвидено уште едно претставување на книга. Во рамките на Книжевни муабети ќе се стори промоцијата на првиот роман за возрасни „Девет приказни за госпоѓа Сит“ од Билјана С. Црвенковска, издание на Чудна шума, за кој свои видувања ќе изнесат Калина Малевска и Фросина Пармаковска. Конечно, програмата за првиот ден на Фестивалот ќе биде заокружена со џез концерт на БОЈАН ШАМБА ТРИО.

За сабота најнапред е предвидено прикажувањето на „Кружно патување со Жарко Иванов“, анимираниот филм работен по сценарио на режисерот Иванов и на писателот Александар Прокопиев, и потем и на видео-есејот „Славко од нашата улица“ на Наум Пановски, во кој професорот и режисер, во Годината на Славко Јаневски, ќе проговори за ликот и делото на македонскиот книжевник.

Во 20.30 часот ќе започне дебатата насловена „Правда за кратката проза“ во која учесници ќе бидат Ѓорѓи Крстевски, Виолета Бојковска, Владимир Мартиновски, Ѓоко Здравески и Живко Грозданоски, а модератор Иван Шопов. И, потем се некаде до полноќ сцената ќе ја освојат ВИС ТРКАЛЕЗНА МАСА со својот поетско-музички перформанс.

В недела пак, отворањето на портите на „АртАреа 2020“ најнапред ќе понуди креативна работилница за деца „Добре дојдовте во Страшкоград" сo Билјана Црвенковска и Нита Муча, а од 20.30 часот во рамките на Наш мал театар, Театар на сенки ќе ги изведе претставите „Заробената љубов“ и „Марко патува околу светот“.

Инаку, на Саемот на книгата кој во трите дена ќе работи од 18 часот, посетителите ќе имаат можност по намалени цени да ги најдат изданијата на Бегемот, Или-или, Темплум, Готен, Слово, Табахон, ПНВ публикации, Гаврош, Чудна шума и Антолог, а влезот за сите настани е слободен.

ВИС ТРКАЛЕЗНА МАСА

Во пресрет на „АртАреа“, Андреј Јованчевски од Бегемот знае да каже дека тие како организатори очекуваат на ова трето издание да видат дали конечно Фестивалот има пуштено корен и дали на манифестацијата и претстои убава иднина.

Истакнува дека минатогодишното се покажало како покревко, но поетаблирано во однос на препознаеното од публиката за различни уметнички медиуми. Дека притоа посетеноста била поголема, но и нивното искуство во однос на умешноста да ги координираат сите активности во програмата.

„Корените нормално се пуштаат во вакви проекти којшто се мултимедијални фестивали преку се посериозно поврзување на тие разделени сегменти на културата што е и смислата на самиот Фестивал. Ние произлегуваме од доменот на издаваштвото и стожерен ни е тој мал јануарски саем на книгата, меѓутоа околу него сакаме да ги врземе тие групи публика или луѓе од културата којшто се зачипчени или следат само одредени тенденции од културата. Да речеме одат само на филм, се држат строго за литература или до концерти. Овие две минати изданија скромно, но успешно, ја постигнаа таа цел да ја пресечат оваа публика, а се разбира уште поважно да ги пресечат и интересите на авторите што дејствуваат во различните домени, да воспостават ете некоја почетна соработка меѓу нив и резултатите од тоа веќе ги гледаме. Самиот визуелен идентитет на Фестивалот е соработка на двајца визуелни автори, дизајнери и илустратори, и кон тоа ќе тежнееме и во иднина“, вели Јованчевски.