Неоправдано поскапување на струјата, кое може да влијае на поскапување на другите основни животни производи, велат бизнисмени и економисти со кои разговаравме, откако Регулаторната комисија за енергетика минатата недела донесе одлука за покачување на цената на струјата за домаќинствата за 7,4 отсто. Тоа значи уште една цела месечна сметка за струја годишно.
Видете и ова: Анѓушеви лидери во бизнисот со мали хидроелектраниСекој што плаќал 1500 денари месечно, сега ќе плаќа 100 денари повеќе. Кога ќе дојде наредната грејна сезона, оние кои се греат на струја сериозно ќе го почувствуваат покачувањето, зашто на сметка од 6000 денари сега ќе треба да се платат 400 денари повеќе.
Зошто поскапува струјата?
Сите енергетски компании во земјава побараа зголемување на цената на струјата поради зголемените трошоци и намалената потрошувачка, како и поради проблемите со ликвидноста што ги предизвика пандемијата со ковид-19.
Синдикатите и опозицијата се противат на поскапувањето, граѓаните потпишуваат онлајн петиција и најавуваат протести, додека власта тврди дека Македонија и натаму има една од најниските цени на електрична енергија во регионот и во Европа.
Бизнисменот Мендерес Кучи, кој е и поранешен претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија, вели дека поскапувањето на струјата може да доведе до поскапување на сите други производи. За него, поскапувањето е неоправдано.
„Затоа што не станува збор за трошоци кои не може да се поднесат од страна на тие компании, туку просто се работи за еден профит којшто било очекувано да се реализира, а сега прогнозите се да не биде толку голем колку што било предвидено“, вели Кучи.
Поскапува струјата за домаќинствата, а не и за индустријата, којашто дури е и поевтинета, велат во Регулаторната комисија за енергетика. Но, Кучи вели дека и покрај тоа голем број компании ќе го искористат тоа како изговор за да ги поскапат своите производи.
Видете и ова: Граѓаните се жалат а ЕВН вели ќе ги порамнува сметките за струјаПрофесор Марија Зарезанкова Потевска вели дека покачувањето ќе го влоши и онака нискиот животен стандард, кој веќе е на удар од економските последици од пандемијата на коронавирусот.
„Стручњаците од Регулаторната комисија велат дека ние сме имале најниска цена на електричната енергија во Европа, но тие треба да имаат во вид дека ние како Македонија имаме и најмала плата, односно најниски лични приходи. Ние сме во трите најсиромашни земји во Европа, според Еуростат, така што не може да се очекува цената на електричната енергија да биде толку висока“, вели таа.
Според податоците на европската статистичка агенција Еуростат, поевтина струја од Македонија има во Србија, Косово и во Украина. Најскапа струја во ЕУ се плаќа во Германија од 0,3 евра за киловатчас, додека најевтина во Бугарија каде што е три пати пониска. Во Македонија киловатчас со даноци чини 0,08 евра.
Но, ако се спореди цената на струја во однос на просечната плата, Македонија е блиску до самото европско дно. Според пресметките на Фејсбук платформата Рефлектор, направени врз основа на податоците објавени од Еуростат, струјата во Македонија, како процент од просечната плата, е меѓу најскапите во Европа. Така на пример, еден мегаватчас електрична енергија во Македонија чини 19,1 отсто од просечната плата, додека на пример еден Исланѓанец троши само 3,4 отсто од платата за истата количина струја во неговата земја.