Веќе од следната недела ќе биде објавен повикот за граѓаните во најзагадените градови во државата за субвенционирање на инвертер клими. Оваа мерка ќе се реализира со финансиски средства од заштедите на Електрани на Северна Македонија, во чии рамки е и РЕК „Битола“, па преку оваа мерка, како општествено одговорна компанија, во крајот каде што загадува ќе вложи средства за еколошко греење на домаќинствата. Околу 10 илјади семејства ќе добијат до 1000 евра за набавка на овие грејни тела во Битола, Тетово, Кичево и во Скопје. Од нив, 2500 инвертери ќе завршат во Битола.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев изјави дека во овој проект дел од заштедата ќе вложи ЕСМ, кој акумулира над 43 милиони евра профит во своите завршни сметки од последните две-три години и скоро двојно повеќе ликвидни средства на своите сметки. Воедно РЕК до септември годинава производството го има натфрлено за 15 проценти, производната цена на струјата е намалена за 10 проценти, па по овој основ имаат заштедено над 10 милиони евра.
„Се надеваме дека овој пилот проект ќе даде сериозен импакт бидејќи станува збор за минимум 10 илјади семејства кои ќе добијат субвенција по 1000 евра и тие да ги заменат системите за греење во домовите и така да придонесат за намалување на загадувањето во најзагадените региони и градови. Доколку се видат значителни ефекти од ова, очекуваме истите да бидат докажани, во тој случај ќе се примени поширока акција која законски ќе се детерминира во делот на забрана на користење фосилни горива и дрва. Но, не можете на граѓаните да им забраните без да им дадате алтернатива и помош“, рече Анѓушев.
Според заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули, во Битола големи загадувачи се домаќинствата, кои освен на дрва се греат и на јаглен.
„Она што се однесува на Битола, согласно планот, 2500 семејства ќе можат да ја искористат мерката од страна на ЕСМ по повикот. Не само поради РЕК Битола е загадувањетото, туку 80 до 85 проценти домаќинства се греат индивидуално. Повеќето од нив не користат само дрва, туку и јаглен кој е најштетен за нив и нивните деца. Се разбира граѓаните не сакаат да загадуваат, но не можат тоа да го направат поради економски причини, па затоа Владата помага со инвертор климите“, рече Макрадули.
Ќе следува кампања за да се известат граѓаните околу критериумите и начините за аплицирање.
„За оваа голема еколошка мерка за набавка на 10 илјади инвертери во вредност од 10 милиони евра, како општествено одговорна компанија ќе ги обезбедиме средствата за инвертерите, но ќе се вклучиме и во кампањата за промоција на оваа еколошка мерка, па преку медиумите и останатите начини на информирање ќе ги запознаеме граѓаните кои се условите и начинот да аплицираат. Но, ќе ги запознаеме и фирмите кои сакаат да бидат продавачи на климите инвертери, доколу ги исполнат сите услови, пред сè еколошките мерки кои се предвидени со продажбата на овие клими инвертори“, рече Васко Ковачевски, генерален директор на ЕСМ.