Во конечната одлука на кој од тројцата претседателски кандидати на изборите во недела ќе му го дадат својот глас, граѓаните велат дека ќе се раководат од личноста, но и од ветувањата во која насока ќе ја водат државата.
„Да ќе излезам да гласам, а што ќе ми биде поводат да излезам, тоа е за подобро утре. Се знае што е тоа, да не повторувам, секој ден е исто, судство... една работа е сигурно дека НАТО ќе не примат, а за ЕУ ќе видиме.“
„Преспанскиот договор за нас не е добар. Партиската припадност за мене е битна, личноста за мене не е важна, зашто кај нас претседателот ќе биде само фигура, а друг ќе го командува“, велат дел од граѓаните.
Се забележува дека на луѓето исто така им се важни и добрата програма и визијата на кандидатите за решавање на проблемите во земјата.
За Глигор Стојменов од Скопје битно е ветувањата на кандидатот за тоа во која насока ќе ја води државата, а за друга граѓанка која сакаше да биде анонимна идниот претседател треба да се раководи од интересите на земјата, а не од интересите на партијата.
Ибрахум Хазими вели дека ќе излезе да гласа за претседател кој професионално ќе ја врши својата функција.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Секако ќе гласаме, обврска е. Ќе се раководам од тие што нудат перспектива и иднина од тоа ќе се раководам да се отвори вратата за напред“, вели Стојменов.
„Ќе се раководам од моите вредности. Колку се совпаѓаат со личноста што ја застапуваат кандидатите, тоа е критериумот“, вели граѓанка од Скопје.
„Најпрво треба да биде свесен човек и професионален. И крајно време е да биде човек кој ќе биде доследен на времето во кое сме за промените и епохата во која живееме“, вели Хазими.
Надпартискиот кандидат Стево Пендаровски кој е поддржан од владејачката коалиција во кампањите изјавува дека Преспанскиот договор со Грција отвора европски перспективи, а независната кандидатка Гордана Сиљановска - Давкова која е поддржана од опозицијата го критикува договорот и најавува негово преоценување. Блерим Река кандидaтoт зад кој стојат две албански политички партии исто така го поддржува Договорот со Грција.
И Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка вели дека граѓаните сакаат чесен претседател, но оти тие ќе се раководат и од одговорноста на кандидатите кон државните интереси. Тој дополнува дека перцепцијата кај луѓето во земјава е различна за тоа што се државни интереси.
„Чесноста е на прво место, потоа одговорноста за државните интереси- тука добро фигурираат и двајцата кандидати иако перцепцијата кај гласачите е различна што се државни интереси и што подразбираат под тоа во однос на Преспанскиот договор што се тоа државни интереси. Сметаат дека и едниот и другиот кандидата се грижат за државните интереси иако сосема спротивни ставови имаат за битното прашање – евроинтеграциите“, вели Александар Кржаловски од МЦМС.
Видете и ова: Претседателската кампања генерална проба за парламентарни избори
Но се забележува и дека на дел од гласачкото тело му е доста од празни приказни и има голема разочараност кај некои граѓани од политички понуди.
„Не сакам да разговарам за политика, разочаран сум од сите партии“, вели еден граѓанин на Скопје прашан дали ќе излезе да гласа на претседателските избори.
Експертите велат дека тешко е да се очекува од некој што едвај преживува да се интересира за политиката
Марко Трошановски од Институтот за демократија вели дека мотивацијата на гласачите за излегување и според истражувањата не е на задоволително ниво и оти достигнувањето на цензусот од 40 проценти е доведен во прашање во вториот круг.
„Голем дел од граѓаните чувствуваат разочараност генерално од политиката, но и се исцрпени од политички битки и изборни процеси во изминатите неколку години и мислам дека исклучително тешко ќе биде да излезат и да се мотивираат оние што се неопределени и оние што се разочарани вклучувајќи и разочараност меѓу париските симпатизери“, вели Трошановски.
Кржаловски вели дека тие засега немаат анкета, но оти има елементи кои укажуваат на можност од проблематичност со цензусот во вториот круг, поради разочараност на гласачите и од владејачката партија и од опозицијата, па и во албанското гласачко тело. Тој вели дека во игра се повеќе опции и очекува дека можеби клучно за исходот да биде како ќе гласаат Албанците во вториот круг, односно дали двете албански партии кои го поддржуваат Река во вториот круг ќе повикаат да се поддржи некој од кандидатите што ќе се натпреваруваат во вториот круг.
Инаку историјата на гласање во земјава покажува дека традиционално излезноста е поголема на парламентарните избори за разлика од претседателските. На претседателски избори кои се одржаа пред 15 години и излезноста беше 53,6 отсто. На изборите во 2009 кои се одржаа заедно со локалните излезноста беше 42,61 малку над потребниот минимум. Во 2014 претседателските избори беа заедно со предвремените парламентарни и одѕивот тогаш беше околу 54 отсто.