Стево Пендаровски се сретна со граѓаните на Тетово, Гордана Силјановска Давкова разговараше со граѓаните на Делчево. Вака кандидатите за претседател од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ ја почнаа неделава, иако кампањата за претседателските избори не е почната. До нејзиниот почеток има половина месец. Кампањата почнува на први април, а тројцата Пендаровски, Силјановска Давкова и Блерим Река кои собраа потписи за кандидатура треба да се пријават до Државната изборна комисија најдоцна до идниот четврток, односно 21 март.
Од тогаш всушност тие и официјално ќе станат кандидати за шеф на државата. Сега, во оваа фаза, тие се уште не се кандидати, па затоа и не ги опфаќа изборниот законик и роковникот на ДИК кој предвидува точен термин за почеток на кампањата, објаснуваат од изборната комисија. Претседателот на комисијата Оливер Деркоски неодамна нагласи и дека до терминот за старт на кампањата, први април, сите активности на кандидатите се сметаат за партиски средби, а не неофицијален почеток на предизборната кампања.
Ова е уште една аномалија кај нас, се носат закони кои потоа се заобиколуваат, коментира политичкиот аналитичар Алберт Муслиу. Тој додава дека има држави во кои кандидатите се сметаат за официјални од моментот кога ќе кажат дека се кандидати и од тогаш и им започнува кампањата, но и финансиските контроли.
“Тука, кај нас, има законска дупка и во секој случај не се очекува од идниот претседател или претседателка да ги злоупотребува тие недоречености. Мислам дека треба некои законски измени да се направат за да може и Државната комисија за спречување корупција да ги контролира финансиите на кандидатите, а и тие согласно законот да си водат кампања”, вели Муслиу.
Митко Гаџовски, политиколог од Факултет за општествени науки, вели дека тројцата кандидати кои ги собраа потписите, без разлика што немаат официјални кандидатури до ДИК, може да се сметаат и за загарантирани кандидати.
“Од аспект на морал и етика, не смееме да заборавиме дека живееме во држава во која требаат уште доста години за моралот и етиката да се подигнат на повисоко ниво, така што сметам дека на некој начин се уште не сме зрели за докрај да ги почитуваме етичките и морални норми”, вели Гаџовски.
Инаку, според членот 69-а од Изборниот законик за “изборна кампања се смета јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на учесникот во изборната кампања, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми”.