Достапни линкови

Дали Џафери ќе биде „победник“ на претседателските избори?


Претседателот на Собранието Талат Џафери
Претседателот на Собранието Талат Џафери

Според дел аналитичари можно е опозицијата да се одлучи на бојкот на вториот круг избори со што поизвесно би било дека нема да има цензус. Во тој случај претседател ќе биде претседателот на Собранието Џафери, но правните експерти велат дека нема рокови колку долго може да ја врши и таа функција.

На нешто повеќе од еден месец до претседателските избори, тројцата кандидати се извесни, но неизвесно останува дали ќе се достигне потребниот цензус од 40 отсто во вториот круг. Делумно неизвесно е и како ќе се однесува ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг гласање, односно дали ќе повикаат на бојкот, опција со која цензусот би се чинел недостижен.

Партискиот лидер Христијан Мицкоски вели дека нема да бојкотираат оти немале причина за тоа бидејќи нивната кандидатка Гордана Силјановска Давкова била фаворит. Но, во интервјуто за телевизија Сител употреби неколку “ако” како можности за таква одлука во вториот круг.

Наброја дека не само ВМРО-ДПМНЕ, туку и граѓаните можеле да пројават еден вид пркос и револт и да не излезат на вториот круг ако имало “злоупотреба на правото на глас, ако се случеле настаните кои се случија на референдумот, ако продолжела злоупотребата на државната администрација, има политички прогон, притисоци, вештачки вработувања во државната и локалната администрација”.

Политичкиот аналитичар Тодор Пендаров смета дека опцијата опозицијата да го бојкотира вториот круг е се по извесна.

“Ако нема цензус нема да има претседател, Мицкоски ќе испадне херој за некој потесен круг во партијата. Како се развиваат работите, мене се повеќе ми изгледа дека победник на овие избори ќе биде Талат Џафери”, вели Пендаров.

Непрецизни рокови за нови претседателски избори

Ако во вториот круг нема цензус дел од работите се предвидени во Уставот и Изборниот законик. Членот 82 од Уставот наведува дека “во случај на смрт, оставка, трајна спреченост да ја врши функцијата или престанок на мандатот по сила на Уставот, до изборот на нов претседател на Републиката, функцијата претседател на Републиката ја врши претседателот на Собранието” . Тогаш Џафери би бил и претседател на државата, ќе го води и парламентот, но нема да има право на глас како пратеник.

Во членот 81 од Уставот се наведува дека ако и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка, а речиси истото за ваквата ситуација е предвидено и во Изборниот законик.

Но и во двата правни документи не е предвидено за колку точно мора да се распишат нови избори за претседател во случај да нема цензус. Упатените во правниот систем се повикуваат на различни рокови. Според дел од нив нема ограничувања кога мора да се распишат избори во случај на немање цензус, па тоа останува да биде политичка одлука.

Други, пак, се повикуваат на членот 14 од Изборниот законик во кој се наведува дека “во случај на престанок на мандатот на претседателот на Републиката, од кои и да е причини, изборот за нов претседател се врши во рок од 40 дена од денот на престанокот на мандатот”. Ако се следи овој член тогаш Џафери би требало да ги распише изборите веднаш по вториот круг ако нема цензус.

И поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски смета дека во случај на немање 40 отсто излезност треба да се примени тој член.

“Индиректно може да се смета дека со чинот на гласањето не се добил претседател па во рокот од 40 дена треба да се спроведат изборите. Јас барем го толкувам така, дека тоа е рокот иако тука се можни и други барања на политички решенија”, вели Ивановски.

Промена на Устав или предвремени парламентарни избори

Како едно од решенијата се посочува промена на Уставот за претседателот да се бира во Собранието, но таа постапка би траела со месеци земајќи ја предвид долгата процедура за промена на Уставот која ја предвидува собранискиот деловник. Друга можност се предвремени парламентарни заедно со претседателските избори, бидејќи на изборите за пратеници излезноста е поголема.

Инаку, последни претседателски избори без со нив да има предвремени парламентарни или локални се одржаа пред 15 години кога Бранко Црвенковски го победи Сашко Кедев. Тогаш излезноста беше 53,6 отсто. Потоа цензусот беше намален на 40 отсто во вториот, па на изборите во 2009 година кои се одржаа заедно со локалните и Ѓорге Иванов го победи Љубомир Фрчкоски, а одзивот беше 42,61,малку над потребниот минимум. Во 2014 година претседателските избори беа заедно со предвремени парламентарни, а одзивот тогаш беше околу 54 отсто.

За кандидат да стане претседател во првиот изборен круг потребно е да добие мнозинство од миниму излезени 40 насто гласачи.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG