Достапни линкови

Претседател за народот


Граѓански надежи и очекувања од новиот претседател
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:51 0:00

Граѓански надежи и очекувања од новиот претседател

Сакаме претседател кој ќе работи во интерес на граѓаните и кој ќе обединува, бидејки партиите го поделија народот. велат граѓаните во анкетата на РСЕ

Тројцата кандидати за претседател кои собраа потписи за да влезат во трката се Гордана Силјановска - Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река. Нивните партии очекуваат нивниот кандидат да биде изгласан, како претседател за сите граѓани, така барем најавуваат.

Но, кои се очекувањата на граѓаните? Прошетавме низ центарот на Скопје, каде ги анкетиравме граѓаните за нивните очекувања за претседател, дали е можно да имаме претседател кој обединува и колку актуелните кандидати можат да ги исполнат нивните очекувања. Повеќето сметаат дека не е можно да имаме претседател кој ќе работи во интерес на граѓаните, а дел од нив велат дека е време за претседател кој обединува.

„Очекувам претседател што народот ќе го избира на фер избори“, вели Андон Мариќевиќ, одговарајќи кои се неговите очекувања.

Тој дополни дека не верува дека ќе се избере претседател за сите граѓани.

„Затоа што досега праксата покажала дека тоа не се случува, последен беше покојниот Борис Трајковски. Затоа што веќе партиите го поделија народот и тие ќе се раководат по тој принцип“, додаде Мариќевиќ.

Според Сергеј Димовски, пак, ништо не може со сигурност да се каже.

„Ќе видиме, ова е тест, дали граѓаните ја поддржуваат оваа сегашна политика или не. Ништо не може да се каже пред да се случат изборите“, изјави Димовски.

Но, за разлика од него, некои се со многу поцврсти ставови.

„За народот. Кратко и јасно. Мислам дека е можно. Искуството кажува нешто поинаку, меѓутоа јас се надевам дека некои работи веќе конечно ќе мора да се променат во Македонија“, изјави Зоран Зариевски за неговите очекувања за претседател.

„Верувам дека ќе се избере некој со вредности, некој кој што ќе зрачи позитивност во нашето општество“, вели Џихад Велиу.

„Па ни треба еден претседател кој што ќе работи за народот“, изјави Омер Џафери.

„Кој и да биде избран, ниту еден не работи за народот, туку работат за себеси“, смета Ѓурсал Бекири.

Инаку, владејачката партија го избра Стево Пендаровски како кандидат избран од 31 партија.

„Стево е човек кој одамна донесе одлука да влече напред наместо назад. Ги избра граѓаните... Големи луѓе, локомотиви во владата кои одлучија да одработат во Владата, за реформите, за граѓаните. Одлучија да дадат предност на надпартискиот Стево Пендаровски“, рече премиерот Зоран Заев.

И опозицијата својот кандидат го претставува како натпартиски кандидат.

„Кандидатот Гордана Силјановска -Давкова претставува вистински консензуален претседателски кандидат на Македонците и на сите граѓани на Македонија“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Поддржувајќи го Блерим Река, кој не е партиски член, Алијансата за Албанците и Беса, пак, истакнаа дека со него ќе докажат дека сме подготвени за непартиска личност да стои на чело на државата.

Според партиските соопштенија и според ставовите на граѓаните, кампањата која не е официјално започната ќе се води токму за тоа кој е подобар натпартиски претседател.

XS
SM
MD
LG