Премиерски советници за сè и сешто

Архивска фотографија- премиерот Зоран Заев на владина седница

Можноста за ангажирање на советници се користи и како награда за некои луѓе за претходни услуги или друга поврзаност, оценуваат дел аналитичари откако премиерска советничка листа се зголеми на 63 советници.

Бројот на надворешни соработници на премиерот Зоран Заев порасна на 39 лица. Заедно со редовните сега има вкупно 63 советници. До оваа бројка се доаѓа по објавата на ИРЛ Македонија дека меѓу новите ангажирани со постојан месечен хонорар се и универзитетскиот професор од Kaтедрата за македонски јазик Венко Андоновски и Александар Ружин, син на поранешниот дипломат и актуелен професор на ФОН, Нано Ружин.

Повеќето од 63 советници кои сега се ангажирани од премиерот се на државен трошок. Од друга страна за голем дел од сферите кои се најмени да го советуваат има и цели министерства кои работат во тие области.

На пример, премиерот има повеќе од десет советници за економски теми и прашања поврзани со странски инвестиции, иако постојат министерствата за економија, за финансии, вицепремиер за економски прашања и четири министри без ресор кои работат за подобрување на економијата и странски инвестиции.

Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје вели дека ако имало систем за мерливост на сработеното немало да биде толку голем проблем бројот на ангажирани советници, оти ќе се знаело кој што работи и што сработил.

„Но, очигледно е дека можноста за ангажирање на советници се користи и како некоја награда или некоја услуга за некои луѓе кои на некој начин се блиски или и направиле услуга на власта”, вели Божиновски.

Дел од советниците се познати во јавноста како на пример аналитичарите Исмет Рамадани, Мерсел Биљаљи, професорот од Правниот факултет Ванчо Узунов, професорот Мирослав Грчев или поранешниот министер за економија Фатмир Бесими.

Но, голем дел од нив се целосно непознати. За Алиса Дограмаџиева Живановиќ, Драган Василевски, Зоран Гавриловски или Џелил Ахмед нема многу информации во јавноста, исто како и за Филип Андов кој го советува премиерот за креирање политики од посебен интерес за граѓаните на Град Скопје. Засега, не е јасно која владина политика за главниот град е спроведена по советот на Андов, или, пак, што сработел контроверзниот српски бизнисмен Зоран Башановиќ, кој на премиерот Заев му е надворешен соработник за економски прашања и според пишувањата во медиумите за тоа зема надоместок од 1500 евра.

Видете и ова: Кои се луѓето на премиерската соработничка листа?

Позицијата советник е тешко да се мери од аспект на лични перформанси, вели Марко Панковски од Институтот за демократија.

„Но, поважно би било квалификациите и компетенциите на тие луѓе што се најмени како советници да се во согласност со советувањето што треба да го вршат и да се објасни како тие советници имаат додадена вредност во однос на останатите служби и министерствата кои веќе можеби работат во тие полиња”, вели Панковски.

Инаку актуелниот премиер Заев засега не е рекордер по бројот на советници. Поранешниот прв човек на владата, Никола Груевски имаше 86 советници.