Поголеми плати или одржлив развој

Илустрација

Синдикатите велат дека бизнисмените бадијала се жалат и оти работниците треба повеќе да бидат платени. Коморите, пак, посочуваат дека нивните укажувања имаат за цел долгорочен и одржлив раст.

Бизнисмените се жалеа дека зголемувањето на минималната плата и воведувањето на прогресивниот данок ќе бидат удар врз бизнисот, ќе ја зголемат сивата економија и доведат до отпуштање на вработени. Официјалните податоци од првиот квартал, пак, покажуваат дека растот на економијата е 4,1 отсто, а бројот на вработени се зголемува. Синдикатите велат дека бизнисмените непотребно се жалат, стопанствениците, пак, посочуваат дека нивните укажувања се за да се обезбеди одржлив развој на подолг рок.

Видете и ова: Прогресивниот данок ќе предизвика даночна евазија

Слободан Трендафилов од ССМ вели дека токму работниците го обезбедиле растот на економијата, па затоа и треба да бидат повеќе платени. Тој посочува дека при зголемувањето на минималната плата, работодавачите се жалеле дека тоа ќе значи отпуштање работници и затворање на нивните бизниси, а на крај ниту имало отпуштања, ниту затворања, а работодавачите не ги ни искористиле парите за владина помош за зголемувањето на платите, што значи дека нивните поплаки не се издржани.

„Претпоставуваме дека работодавачите се жалат за да можат да го зголемат својот капитал. Претпоставуваме дека работодавачите се жалат за да исплаќаат помали плати. Претпоставуваме дека се жалат поради нивната алчност и жед за остварување на поголеми лични профити и поудобен живот за себе, а од друга страна, да го маргинализираат работникот кој придонесува во зголемување на нивниот капитал со неговиот труд“, вели Трендафилов.

Тој посочува дека минималната плата, која сега е околу 12 илјади денари, мора да се зголеми за барем да ја покрие минималната потрошувачката кошница, која е скоро 14 илјади денари.

Од друга страна, Зоран Јовановски од Стопанската комора на Македонија вели дека тие имаат принципиелни ставови со цел долгорочен и одржлив развој, а не краткорочни ефекти.

„Економијата може да се развива на одржлив начин, значи тоа да се случува долгорочно, и работните места што ќе се креираат да бидат долгорочни и одржливи ако се случуваат во приватниот сектор. Бидејќи приватниот сектор е онаа вистинска локомотива на развојот, многу е важно да се слушне што кажува приватниот сектор кога се носат економските политики или поодделни парцијални мерки, бидејќи укажувањата на приватниот сектор ја следат здравата логика“, вели Јовановски.

Видете и ова: Прогресивниот данок ги вознемири бизнисмените

Тој посочува дека е потребна поголема предвидливост во однос на даночната политика за фирмите да може да ги планираат тие трошоци и предлагаат објавување даночен календар. Во однос на минималната плата, тој вели дека таа треба да се движи во линија со продуктивноста, односно дека платата може да расте ако расте и сработеното.

Владините претставници постојано се фалат дека растот на БДП-то во првиот квартал бил 4,1 отсто, невработеноста е намалена на рекордни 17,8 отсто и има голем раст на странските инвестиции.

Ако се следат искуствата од другите земји од Источна Европа, платите во иднина ќе мора да растат, и тоа не поради владини мерки, туку поради огромното иселување со што се создава дефицит на работна сила. Според истражувањето на хрватскиот весник Нови лист, платите во Бугарија, Романија, Унгарија и во Полска растат по 8 до 15 отсто годишно, токму поради тоа што недостигаат работници.