Фирмите побарале државна помош за само околу 20 отсто од вработените што добија покачување на минималната плата кон крајот на 2017 година, а добиле само за половина од нив, во услови кога се жалат дека немаат пари за покачување на платите и оти тоа е сериозен удар врз бизнисот.
Бизнисмените се жалат на сложената бирократска процедура за барање државна помош, синдикатите велат дека покачување на платите мора да има за работниците да не „избегаат во странство“, а владата најавува ново зголемување на минималната плата.
Според законот, при претходното покачување на минималната плата, за работниците кои до септември 2017 година земаа плата пониска од 11.500 денари, државата ќе обезбеди меѓу 500 и 2000 денари помош во првите шест месеци, а во наредните шест месеци таа помош се преполовува. Според податоците од Министерството за труд и социјална политика, околу 70 илјади вработени тогаш добивале помалку од 11.500 денари. Сепак, според информациите што ги добивме од УЈП, само околу 7.000 вработени добиле државна помош за зголемување на платите.
Пред година и половина, пред последното покачување, плата под 10 илјади денари добивале над 5.200 вработени, меѓу 10 и 10,5 илјади денари добивале над 26 илјади луѓе, меѓу 10,5 и 11 илјади денари добивале 20 илјади луѓе, и уште 18 илјади работници со плата меѓу 11 и 11,5 илјади денари.
Законот вели дека помош следува за оние вработени што имале плата пониска од 11,5 илјади денари, ако вработениот не бил ослободен од придонеси, ако фирмите не се во стечај или во ликвидација или ако „во 2016 година оствариле загуба или нето добивка по оданочување во износ помал од 10 отсто од вкупните расходи. Последниот услов е фирмата редовно да плаќа плати и придонеси. Значи, помош не им следува на фирмите што работат многу лошо и на оние што работат добро.
Комплицирана процедура за барање државна помош
Според податоците на УЈП, во септември 2017 година била побарана државна помош за рекордни 21 илјади работници, а во август 2018 за 11 илјади вработени. Помош од државата добиле меѓу 6.100 и 8.300 вработени, или во просек по околу 7.000 вработени во зависност од месецот. Вкупно за оваа намена од септември 2017 до август 2018 година, државата исплатила 1,25 милиони евра.
Во Текстилниот кластер велат дека малку фирми побарале државна помош, поради „напишаното со мали букви во законот“, односно дека процедурата за добивање е многу комплицирана. Маријана Перковска од Текстилниот кластер вели дека помошта ниту е доволна, ниту е соодветна.
„Толку се искомплицирани тие аплицирања, податоци, евиденции, така што на крајот сите се откажуваат, а помошта, којашто се вели дека е многу голема, излегува дека не се исплати да вработите еден човек којшто ќе ја води таа евиденција, за да наплатите нешто што не ви покрива ни 10 отсто од трошоците коишто сте ги дале“, вели таа.
Перковска се жали дека фирмите не може да издржат ново зголемување и предлага поинаков тип на државна помош, односно дел од придонесите да ги надомести државата, како што добиваат странските инвестиции.
Текстилците во Македонија имаат пониски плати отколку во Кина
Претседателот на Синдикатот на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија, Љупчо Радовски, пак, вели дека сопствениците мора да прифатат намалување на профитот и да ги зголемат платите, зашто во спротивно може да останат без квалификувани работници.
„Деновиве имав еден состанок со Светската и Европската организација каде што сме здружени, каде што дадоа податоци кои велат дека минималната плата во Македонија веќе е помала и од Кина, каде што е 350 евра. Така што, за да не бегаат младите и да не згасне оваа гранка, мора да најдат начин, сите работодавачи да скратат од нивните давачки, а сепак да ја зголемат платата кај работниците“, вели
Наредниот месец ќе има усогласување на минималната плата согласно трошоците за живот. Министерот за финансии Драган Тевдовски најави дека тоа покачување ќе биде околу 600 денари бруто, но оти има простор и за дополнително зголемување на минималната плата.