Оперски пејач кој дипломирал со висок просек не успеал да се вработи во државно, зашто не бил партиски член, а за неговата професија не можел да искористи некоја од мерките за вработување што досега ги нудеше Агенцијата. Исто така магистер по правни науки не искористил средства заради сложените административни процедури. И покрај мерките за вработување на млади, тие најчесто наоѓаат сезонска работа како келнери, шанкери по ресторани, сендвичари, а многумина поради ниските плати заминуваат во странство. Ова беа само дел од искуствата што битолчани ги соопштија на трибината „Дијалог за младинската невработеност“ во организација на МКЦ Битола.
„Зошто младите заминуваат од Македонија и одат на сезонска работа во странство? Не е точно дека не можеме да најдеме сезонска работа. Сезонска работа ќе најдеме, кој ќе оди во угостителство каде е крајно лошо да се работи или ќе работи во сендвичара, но ќе работи во мизерни услови, за многу ниски плати. Ниските плати не се само проблем на младите, туку и на нашите родители. Не е работата само да имаме некаква работа и да земаме минимална плата, мизерно е да се зема плата од 12.000 денари зашто трошоците за живот се многу високи“, рече Ивана Атанасовска.
„Јас сум дипломиран оперски пејач и ниедна од овие мерки не ми се атрактивни. Дипломирав со многу висок просек. Невработен сум седум години. Наидов на сите затворени врати, не успеав ни да покажам минимално од она што го знам, а знам прилично. Графички дизајнер, информатичар може да се пронајде во овие мерки. Но јас не. Сега имам 29 години и со професијата не сум атрактивен ни за Агенцијата за вработување“, рече оперскиот пејач, кој сака да остане анонимен.
„Јас сум млада личност која активно бара вработување. Со досегашните мерки немавме некоја придобивка. Со новите мерки се надеваме дека ќе имаме некои придобивки и позитивни работи за да се намали невработеноста и иселувањето во странство“, рече магистерот по правни науки Дејан Трајковски.
Во Македонија има над 200.000 невработени од кои половина активно бараат работа. Од нив околу 23 проценти се млади, помалку со факултетско, а повеќе со средно образование. Досега во Битола се прикажуваше бројка од 6.000 невработени, од кои над илјада млади. Но, во јавноста често пати беа изнесувани критики дека бројката е нереална и дека преку различни мерки, бришење од список и слично, се прикажува помал број невработени.
Директорката од Агенцијата за вработување на Македонија, Билјана Јовановска, деновиве се сретна со младите од Битола и порача дека досега многу мала била искористеноста на мерките за вработување. Таа вети нивно ревидирање.
„Мерките имаат одредени пропусти како во нивното креирање, така и во текот на реализацијата. Ќе се ревидираат сите активности што се преземаат од планирањето до склучувањето на договорите. Има многу административни проблеми и потешкотии и затоа сето тоа ќе го ревидираме. Има многу низок степен на извршност на активните мерки досега, гледано од буџетски аспект, искористени се само 35 проценти од буџетот“, рече Јовановска.