Достапни линкови

Дали е одржливо субвенционирањето на минималната плата?


Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

Работадавачите оценуваат дека владините субвенции на минималната плата се добредојдени, но оти нема да биде лесно да ги одржат. За економистите тоа е популулизам. Од Синдикатот очекуваaт зголемување и на сите категории плати за да се намали трендот на иселување на работници.

И покрај тоа што за економистите владиното субвенционирање на минималната плата е популистичка мерка, за синдикалците тоа е добредојдено во време кога од Македонија со години наназад се иселуваат работници поради ниските плати. Од синдикатите посочуваат дека се потребни и порадикални мерки со кои ќе бидат опфатени сите категории на плати во државава.

До нивниот коментар доаѓа откако Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата помина на Владата и предлогот е доставен до Собранието за да се донесе по скратена постапка. Доколку работникот има минимална плата од 12 илјади денари, а работодавачот му ја зголеми на 3000 денари, со решенијата во законот, се предвидува од изност од 3000 денари Владата да субвенционира 30 проценти.

Иван Пешевски, заменик претседател на Синдикатот за градежништво коментира дека потребно е да се мотивираат работодавачите да ги зголемуваат платите согласно трошоците за живот, укажувајќи дека во спротивно ќе продолжи трендот на иселувањето на работници од Македонија

„Новите мерки се поволни и очекувам да бидат стимул за зголемување и на другите плати. Во изминатиот период имаме голем одлив на работници, не само во градежништвото. Не е тоа доволна плaта за 4 члено семејство. Треба да се зголемуваат минималните плати, особено за тешки работи и професии со ризик. Треба минималната плата да дојде до степен на средината со синдикалната кошница која е 33 илјади денари. Под 16 илјади денари да не биде. Ако се смени тоа ќе имаме поголема мотивираност на работниците, а во спротивно и натаму ќе има поголем одлив на работници во странство. Тоа не е добро и за стопанството и за индустријата“ вели Пешевски.

Пред една година Владата ја зголеми минималната плата и таа изнесува 12 илјади денари. Синдикатот не се ипресионира многу од зголемувањето, посочувајќи дека плата од 12 илјади денари е социјална, а не економска категорија.

Работодавачите, нагласуваат дека е потребна и економија која ќе расте за да може компаниите сами да исплаќаат поголеми платите. Дел од нив изразуваат сомнеж дали фирмите ќе може на вработените да им исплаќаат повисоки плати откако ќе заврши периодот на подршка. Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи вели дека многу важна работа за македонската економија е да се обезбеди одржливост на решенијата.

„Добредојдено е ако го зголемат просекот за 2,3 или 5 илјади денари, и тие 30 проценти што владата ќе ги доплаќа може да бидат поддршка, но што ќе правиме со долготрајноста на процесите, односно тие компании кога ќе ја нема оваа субвенцијата на минималната плата дали ќе може да продолжат, дали ќе се вратат на исто ниво дали ќе влезат во фер работење? Тоа е непозната категорија и е многу поврзано со економската и со политичката состојба, односно компаниите да почнат да се навикнуваат оти само со подигање на плата може да ги задржуваат работниците“, вели Бошков.

Според планот на Владата, со предложените измени и дополнувања на Законот за исплата на минимална плата во Република Македонија ќе се поттикне спиралата за покачување на платите. Но, поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини не верува во ова. Тој вели дека решенијата во измените на законот од економски аспект не даваат никакви позитивни ефекти и оти претствуваат модифицирана социјална мерка.

„Имајќи предвид колкав е тој број на корисници на таков вид субвенции не може да влијае многу врз вкупниот просек на плата. Тие се чисто од пропагандистички и социјален карактер од причина што Владата тие пари не ги создава сама, туку ги зема од работниците. Од едни дава на други. Тие пари се земаат од работниците во стопанство. Не е вистина дека владата дава. Сите пари владата ги зема од буџетот кој се полни од даноци кои ги плаќаат фирмите, граѓаните, итн. Гледано од економски аспект не дава никакви ефекти позитивни“, вели Хајредини.

90 илјади граѓани од минатата година со зголемувањето земаат минимална плата во износ од 12 илјади денари.

Хајредини смета дека за да се зголемат платите треба да има економски раст, а Бошков посочува дека со владата треба да се разговара за поттикнување на поголеми бинзниси и намалување на „пара“ трошоците на комапаниите кои не се поврзани со даноци. Тој посочува дека имаат многу трошоци за издавање лиценци, за увоз на храна, за дозволи за работење итн.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG