Достапни линкови

Парите за капитални инвестиции си стојат во владиното чекмеџе


Лошо планирање на парите за капитални инвестиции и лоша техничка реализација, според експертите, се можните причини зошто е потрошено само малку од планираните пари за крупни проекти. Властите имаат изговори, но и очекувања дека годината ќе биде економска. Најавената „метла“ од страна на премиерот Зоран Заев треба да заигра и во економскиот сектор, велат аналитичарите.

Бројките покажуваат дека и во првиот квартал од годинава продолжува трендот на катастрофална реализација на капиталните инвестиции. За три месеци се потрошени 26 милиони евра од вкупно планираните 423 милиони, што е само 6,2 отсто од планираните пари за автопати, гасификација, пруга, училишта, болници. Овие податоци се полоши во споредба со истиот период лани, а 2018 беше историски најлоша година во реализација на капиталните инвестиции.

Во првите три месеци минатата година биле реализирани 7,46 отсто од предвидените пари за капитални инвестиции, а во истиот период во 2017 биле реализирани 18,75 отсто од парите.

Професор Марјан Петрески вели дека може да се претпостават два главни проблеми за слабата реализација на капиталните инвестиции. Едниот проблем се однесува на планирањето, а другиот на техничката реализација.

„Планирањето како проблем за волја на вистината беше присутен и порано. Секогаш на почетокот се проектираа многу високи износи на капитални инвестиции. Од моментот на проектирањето, што е некаде во октомври, ноември тековната за идната година, било јасно дека нема да дојде до целосна реализација на тие капитални инвестиции“, вели Петрески.

Тој вели дека недостига широка дебата за тоа какви капитални инвестиции требаат и како да се реализираат за да дадат најголем обрт на средствата.

Што се однесува, пак, до техничката реализација, вели професор Петрески, и владата минатата година призна дека имало значајни проблеми во однос на техничкото извршување во делот на распишување на тендерите и во мониторирањето на извршување на капиталните инвестиции.

„Претпоставувам дека голем дел од тие проблеми не се надминати, затоа што едноставно тоа сега се рефлектира врз оваа многу ниска цифра на реализација на капиталните инвестиции и ако сакате, во крајна линија, тоа се сведува во самата способност на министерствата и на агенциите да ги извршуваат капиталните инвестиции и мислам дека тоа е директно поврзано со овој сега процес што сите очекуваме дека ќе отпочне на елиминирање на тие слаби точки во Владата, кои, еве ви велам, мислам дека се сврзани толку со реализацијата на капиталните инвестиции“, вели Петрески.

Бизнисменот Мендерес Кучи вели дека е време власта да се преиспита.

„Од челото јас би рекол па сè до најситниот бирократ што завршува некаде во спроведување на некоја одлука и каде што има и можност за самоволие. Сите досегашни политики резултираат со резултат којшто е мерлив и евидентен и дава конкретна насока на каде се движи развојот на нашата земја. Не е некоја мудрост да се констатираат бројки и не е веќе време да ги оправдуваме со вакви или такви големи политики“, вели Кучи.

Тој додава дека се надева оти сигналите до владата стигнале и дека таа, како што вели, треба да почне да работи за да си ја заработи платата и да ги исполни очекувањата на електоратот. Бизнис секторот, вели Кучи, доби ветување дека стопанствениците ќе бидат консултирани за сите важни закони од економската сфера, но тоа во неколку наврати не се случи. И затоа се донесени некои брзи решенија, кои даваат негативни резултати, вели тој.

На почетокот од годината оправдувањето на власта им беше дека реализацијата на капиталните инвестиции е забавена поради зимскиот период во кој стагнира градежната индустрија, сега пак дека тие потфрлиле поради плаќањето на фактурите од минатата година.

Премиерот Зоран Заев најави дека на средина на годината ќе има ребаланс на буџетот, но дека тоа немало да биде поради потфрлањето со капиталните инвестиции, туку поради добрата наплата на приходите. Минатата година парите предвидени за инфраструктурни проекти не се потрошија, па со ребалансот на буџетот при крај на годината беа пренаменети за покривање на дупките во општинските буџети. Заев на крајот на април рече дека секоја недела го следи трендот на реализација на капитални инвестиции и оти засега, како што рече, е задоволен од деталните извештаи што ги добива.

„Секако, бројките ќе бидат во вториот и третиот квартал кога ќе се плаќа тоа што се реализира сега“, рече Заев, прашан дали очекува успешна економска година и покрај резултатите за реализација на капиталните инвестиции од 6,2 проценти во првиот квартал годинава.

Во Буџетот за годинава повторно приоритет е железничката инфраструктура. Предвидени се пари за подобрување на пругата Коридор 10, рехабилитација на пруга Коридор 8 и тоа од Куманово до Бељаковце, а ќе се гради и нова од Бељаковце до Крива Паланка. Исто така предвидени се и пари за гасификацијата, а има пари и за долго најавуваните Клинички центри во Скопје и во Штип.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG