Достапни линкови

Економско материјализирање на Преспанскиот договор


Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас очекуваат економско материјализирање на Преспанскиот договор. Ципрас од Бизнис форумот порача дека Северна Македонија заслужува да започне со преговорите со ЕУ во јуни. Заев очекува приклучување на земјава кон грчкиот гасовод.

Поврзување на грчкиот гасовод и вклучување на земјата во интерконтинентален гасовод, раст на трговската размена и инвестиции, зголемена соработка во енергетскиот сектор, избегнување на двојно даночење, реконструкција на коридори, подобрување на транспортоти искористеноста на железницата и Солунското пристаниште, решавање на проблемите со трговските ознаки и нови гранични премини беа во фокусот на првиот македонско- грчки бизнис форум на кој присуствуваат и премиерите на двете држави Зоран Заев и Алексис Ципрас.

Заев и Ципрас: нова ера во односите
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:11 0:00

Грчкиот премиер Алексис Ципрас порача дека бизнисмените и политичарите од двете земји придонесуваат во трансформацијата на Балканот од досега позната област на конфликти во парна локомотива на Европа. Тој додаде дека интересот на светските сили за Балканот бизнисмените треба да го искористат максимално, од кинеската иницијатива „Еден појас еден пат“ како и иницијативата 16 +1, потоа германската иницијатива, односно Берлинскиот процес,кој дава нов стимулна Балканот насочен кон ЕУ , следува и интересот на САД за економскиот раст на регионот и соработка во полето на алтернативни енергетски извори,како и Русија со која посакуваме да имаме добри односи. Тоа се рути кои треба да ги прошириме изјави Ципрас.

Сите тие иницијативи го прават Балканот важен регион, тие ја прават Грција влезна точка, а Северна Македонија е транзитна точка на енергетските рути и патишта како и на сите иницијативи и проекти. Секое проширување на тие рути не носи во срцето на Централна Европа преку Грција и Северна Македонија. Затоа ние мора да ја искористиме можноста од Договорот и да се избориме со 27 годишната инертност. Ние не сме тука денеска да извршиме економска инвазија на Скопје, како што пишуваа некои од медиумите, ние сме тука да ги искористиме можностите за зголемена економска соработка и да ги отстраниме пречките,“ изјави Ципрас.

Ципрас на бизнис форумот истакна дека Северна Македонија која што благодарејќи на Договорот од Преспа и тешки рефомски процеси и покажува на Европа дека е одлучна храбро да оди по патот на европските вредности.

„Грција во овој напор на Северна Македонија да стане дел од ЕУ ќе биде пријател и сојузник. Сакам да верувам дека сите европски партнери ќе сфатат дека земјата која го вложува овој напор за да биде вклучена во ЕУ, треба да биде наградена со отворање на пристапните преговори во јуни“ додаде Ципрас.

Премиерот Зоран Заев изјави дека во тридеценискиот спор најголема штета претрпеле бизнисмените кои поради дипломатските проблеми тешко соработувале со своите партнери.

„Вие претставниците на бизнис заедницата, во одреден дел од историјата бевте најверојатно најоштетени затоа што вам одамна ви бил очигледен потенцијалот за економската соработка доколку нашите две соседни држави се пријателски настроени. Вие бевте тие кои и покрај политичките пречки, кои го ставале својот политички интерес во фокус моравте да барате креативни решенија за да соработувате меѓу вас“ им се обрати Заев на бизнисмените.

Според податоците кои ги соопшти Владата со минатогодишната објава за склучување на Преспанскиот договор земјава забележала раст на трговската размена за 20,7 проценти во однос на 2017 година.

На Форумот учествуваат околу 400 стопанственици од двете земји. Грчкиот премиер го придружува делегација со над 140 директори и претставници од над сто мали и средни претпријатија, кои ќе земат учество на Бизнис форумот, меѓу кои се „Митилинеос груп“, „Интраком“, „Мотор оил“, „Прометеус гас“, „ГЕК Терна“, „Хеленик Петролеум“, „Актор“, „Апитивита“, ППЦ, ДЕСФА, ТИТАН, „Виохалко“, „Сиденор СА“, „Алфа дигитал“, „Алумил СА“, „Маламатинас & Сон СА“, „Охонос Снак СА“.

Бизнисмените кои го придружуваат премиерот Ципрас се од секторот на градежништвото, енергетиката, прехранбената индустрија и нови технологии, а на Бизнис форумот ќе бидат разгледани можностите на проширување на нивниот бизнис во земјава.

Над 400 грчки бизниси, што опфаќаат 25.000 работни места се активни во градежништвото, рударството, банкарството, нафтената инудстрија, козметичка индустрија и прехранбен сектор. Шест грчки компании се вклучени на листата на 50 најпрофитабилни бизниси во Северна Македонија.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG