Историска - овој епитет за посетата преовладуваше во говорите и на двајцата премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас по денешната средба во македонската влада. Ципрас и неговата делегација од десетина министри пристигнаа на меѓународниот аеродром во Скопје со мало задоцнување. Пред Владата, на црвен килим, но без химна и гарда, поради како што рекоа доцнењето на авионот, ги пречекаа македонските колеги. Заев добредојдето, прво на грчки премиер во официјална посета на Северна Македонија, му го посака и со таканаречени селфи фотографии.
По заедничката средба и двајцата го пофалија договорот од Преспа и придобивките од него, набројувајќи ја поддршката од Грција за Северна Македонија на патот кон ЕУ, потоа грчките воено воздухопловство кое бесплатно ќе го чува македонското небо, отворањето нов граничен премин кај Кавадарци, но и зголемената бизнис соработка во повеќе сектори. Одговорајќи на новинарски прашања и Заев и Ципрас рекоа дека дека очекуваат опозициите во двете земји, ако еден ден дојдат на власт да се придржуваат до него.
„Јас верувам дека и господинот Мицотакис и господинот Мицкоски кои се претседатели на најголемите опозициски партии само низ текот на времето ќе дадат поддршка на новите можности што се отвораат и на сериозните перспективи кои ги има пред нас. Немаме некои докази дека договори некој поништува, особено не договори кои носат придобивки за двете земји и за двата народа”, рече Заев.
Ципрас, кој се пошегува дека и двајцата имаат намера да не ги изгубат следните избори, во контекст на интересот на светските сили за регионот рече дека тој е добредојден, но дека мора да се разбере оти треба да се почитува и суверенитетот на земјите.
„Ние сме земја членка на НАТО, но ние имаме воспоставено пријателски односи со Русија, имаме традиционално пријателски односи со Русија. И пред неколку дена тие ја признаа Република Северна Македонија под нејзиното ново име. Фактот дека има интерес од повеќе велeсили е всушност позитивен знак, секако доколку суверените права на државите се признаени во оваа област како и нивната подготвеност да креираат иднина на мир, стабилност, соработка и заеднички раст”, рече Ципрас.
Во текот на денот се одржаа билатерални средби на министрите од двете земји, се одржа првата седница на Високиот совет за соработка меѓу Република Северна Македонија и Грција, а се потпишува и повеќе договори меѓу двете земји. Договорено е и до мај да почне да работи комисија за трговските марки под надзор на МНР која ќе се обиде да ги реши тие проблеми, а ќе се прецизират и имињата на спомениците во Скопје дека припаѓаат на античка грчка цивилизација.
„Го менуваме наративот на национална омраза и поделби. Градиме нов наратив на соработка, разбирање и заеднички раст. Успехот на овие напори не е успех само за Грција и Северна Македонија и туку е успех на целиот Балкан и Европа", рече Ципрас
Покрај со бројната владина делегација, тој во Скопје е придружуван и од неговата партнерка Бети Базиана која на градските гробишта положи цвеќе на гробот на Гркот Зорба. Додека траеше посетата поголемиот дел од центарот на Скопје беше затворен и со засилено полициско обезбедување.