Нема развој на домашниот туризам, а потенцијал има

Напуштени куќи во планинските села во Тетово се реновираат и стануваат сместувачки капацитети за планинско-рурален туризам.

Македонија е земја со огромен потенцијал за развој на домашниот туризам, но анализите покажуваат дека многу малку се „продава земјава“ како дестинација, а потенцијалот не се користи во целост...

Од бисерот на Балканот, преку Пелистерските очи, па се до безбројните живописни села со прекрасни пејзажи и природа.

Македонија е земја со огромен потенцијал за развој на домашниот туризам, но анализите покажуваат дека само три до четири отсто од домашните тур оператори ја продаваат земјава како дестинација, а потенцијалот не се користи во целост.

Тоа значи дека многу мал број на тур оператори и туристички агенции ги продаваат нашите места, што го намалува бројот и на домашните туристи, но и создава помала атрактивност и конкурентност за разлика од другите дестинации надвор од државата, објаснуваат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризам.

Директорот на Агенцијата, Љупчо Јаневски вели дека ова е проблем кој долго време се провлекува.

„Многу ни е полесно да ги подигнеме чартерите за некои други дестинации отколку да подигнеме чартери на домашни тур оператори кои што ќе ја сервисираат токму Македонија. Затоа голем број на странски тур оператори ја сервисираат нашата дестинација“, вели директорот Јаневски.

Нема побарување, а проблем се и сместувачките капацитети

Дел од тур операторите пак причините за ова ги лоцираат во повеќе фактори.

Дарко Панов, кој што е менаџер на туристичка агенција објаснува дека еден од проблемите на агенциите кога станува збор за домашниот туризам се сместувачките капацитети.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Како да се зголеми домашниот туризам?

„Нема добра соработка помеѓу туристичките агенции и сместувачките капацитети, заради тоа што немаме ние како агенции заштитни механизми од страна на сместувачките капацитети, каде што ќе имаме загарантирана цена и на пример секој може да се јави и да си закаже и да си отиде и ќе ја добие истата цена како преку агенцијата, затоа ние како агенции поретко ги продаваме“, објаснува Панов.

Видете и ова: Македонските планини се убави, ама треба да се чуваат

Друга причина е што за речиси исти цени граѓаните може да отидат во соседните држави каде добиваат подобри услови и услуги.

На пример за време на зимската сезона, повеќето граѓани одлучуваат наместо во Маврово или Шапка да отидат во соседните држави, затоа што таму се нудат подобри и посредени терени, помалку гужви, но и повеќе содржини како што се базен, фитнес центри, сауни и слично.

„Цените во нашите сместувачки капацитети со никакви содржини во споредба со цените кои што имаат огромни спортско рекреативни содржини плус патеки и инфраструктурата во некои од нашите соседни држави практично значат дека за многу поевтино добивате многу повеќе и тоа е нешто за што треба да се размислува“, потенцира Панов.

Решение - промена на системот на субвенционирање?

Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот оценува дека дел од проблемот е системот на субвенционирање.

Директорот Јаневски вели дека моделите за субвенционирање во другите земји се краткорочни и различни, но траат меѓу една до три години и имаат конкретни, таргетирани цели.

Видете и ова: Хостели наместо руинирани селски куќи


Во Македонија системот на субвенционирање не е сменет повеќе од десет години и нагласува дека време е да почне да се размислува за промени во овој дел.

„Овој модел е субвенционирање или поддршка на странските тур оператори и домашни кои што сервисираат одредени дестинации, но не и за сите дестинации. На пример имаме 19 дестинации кои што имаат 65 евра субвенции за разлика од некои други, но ако ги погледнеме резултатите ќе видиме дека тоа не е така во кумулативноста на дојдовните туристи, тогаш зошто одредени дестинации да имаат помали субвенции за разлика од другите. Гледано низ годините овој модел на субвенционирање не е развоен. Всушност субвенционирањето треба да биде 2-3 години да овозможи инпут во туристичката индустрија, да поттикне нејзин развој, нов инвестициски циклус и да овозможи еднаквост на дестинациите“, нагласува Јаневски.

Џабе се субвенции ако нема што да понудиме

Панов се согласува дека актуелните субвенции во туризмот не даваат резултати, но сепак вели „џабе се и субвенции ако државата не инвестира во инфраструктурата, сместувачките капацитети и содржините во спортско рекреативните центри“.

„Целта треба да биде посетителите односно туристите да се враќаат во земјава“, вели тој и додава дека:

„Македонија има потенцијал и многу малку е искористен. Можеме да го искористиме не само за домашните туку и за странските туристи. Низ држвава имаме многу места каде што може да се развие туризмот и места каде што е во зачеток, но не е добро маркетиншки поркиено“.

Две третини од туристите во Македонија се странци

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во јуни 2022 година изнесува 83.532, од кои само 32.3 % се домашни туристи, а останатите 67.7 % се странски туристи.

Бројот на ноќевањата во јуни 2022 година изнесува 189.111, од кои 39.0 % се од домашните туристи, а 61.0 % од странските туристи.

Видете и ова: Шарпланинските села со чист воздух, но и многу отпадоци


Во периодот јануари - јуни 2022 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 75.0 % и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 25.4 %, а кај странските зголемувањето е за 131.3 %. Но, треба да се има предвид дека во 2021-ва сеуште беше актуелна ковид пандемијата.

Нова долгорочна стратегија за развој на туризмот

Јаневски заклучува дека државата треба да направи нова стратегија во туристичката индустрија за развој во наредните десет години, каде фокусот меѓудругото ќе се стави и на развојот на руралниот туризам, екотуризмот и агритуризмот.

„Ако ние велиме дека треба Преспа да ја развиваме на еден поразличен наачин, не можеме тоа да го правиме ако имаме 800 категоризирани кревети во цела Преспа, ако немаме директна линија како да се стигне до Преспа, ако не ја развиваме инфраструтура. Сето ова треба да биде содржано во долгорочна стратегија во туризмот, а дотогаш мора да работиме на регулирање на пазарот, создавање на законска легислатива, се со цел да ги убедиме инвеститорите дека сериозно размислуваме за туризмот во Македонија кој што во моментов има директно или индиректно вработено над 15.000 луѓе во Македонија“, потенцира Јаневски.

На ваков начин очекувањата се дека во наредните две до три години домашните тур-оператори ќе се охрабрат во и вон сезона што повеќе да ја продаваат земјава како туристичка дестинација на домашните туристи.