Во периодот од Осми март наваму се забележува раздвиженост на туристи во центарот на Скопје. Во моментов најмногу посетители доаѓаат од земјите од соседството, но има и од скандинавските, од земјите на далечниот исток на Азија и од Јужна Америка.
Елони Алеха е лекарка од Бразил која заедно со група нејзини сонародници за прв пат беа во посета на Македонија.
„Многу ми се допаѓа Скопје. Имав добра можност да го видам градот и многу работи се неверојатни. Ми се допаѓаат спомениците, историјата и мислам дека е многу убаво“, раскажува Алеха.
Освен главниот град на Македонија Скопје, Алеха вели дека нејзината група претходно го посетила и Охрид каде биле фасцинирани од убавината на Охридското Езеро и од вкусот на храната.
„Охридското Езеро е прекрасно, луѓето се многу љубезни, храната беше одлична“, вели Алеха.
Туризмот закрепнува од ударот на ковид пандемијата од пред две години. Но, во многу европски земји оваа индустрија сега е соочена со нов предизвик - започнувањето на руската инвазија врз Украина и откажаните тури од овие две земји.
Сезонава околу 600.000 Руси и 240.000 Украинци ги откажале резервациите за Грција. Во Македонија, пред пандемијата во 2019 година, околу 1,5 проценти од вкупниот број на странски туристи биле од Русија и од Укриана. Но, сега сите тури од овие земји се откажани.
Генерално официјалните статистички податоци покажуваат раст на туризмот во Македонија до околу 40 отсто во последните три месеци и тоа, според директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот Љупчо Јаневски, е знак на брзо закрепнување на овој сектор.
„Сепак мораме да кажеме дека кризата во Украина ги смени плановите на статешкото планирање на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот“, вели Јаневски.
Русите и Украинците ја спасија пандемиската сезона
И покрај позитивниот тренд на туризмот во Македонија, загубите од запирањето на турите од Русија и Украина ќе се почувствуваат.
Марина Спасиќ е турстички водич и преведувач од руски и украински на македонски јазик, која долго време работела во македонската амбасада во Киев и организирала и туристички тури.
Спасиќ вели дека минатата година голем бил бројот на руски и украински туристи што ја посетиле земјава, особено бидејќи ковид мерките за минувње на границите не биле толку строги како во другите европски земји.
„До пред почнувањето на пандемијата мал број на украински туристи доаѓаа во Македонија. Лани тие тоа го надоместија за пет години наназад“, вели Спасиќ.
Но, таа вели дека сега воопшто нема туристи, бидејќи Украина забрани мажите од 18 до 60 да ја напуштаат земјата, а дека посетите прават само жени, деца и постари лица кои бараат засолниште од бомбардирањата и насилствата, вели таа.
„Пред војната, ако се земе некоја средна бројка, секој втор ден имав по две-три групи кои доаѓаа со автобус, го разгледуваа Скопје, ги носев на Матка, потоа следниот ден секогаш одеа за Охрид и потоа продолжуваа во Албанија или Грција“, вели Спасиќ.
Ударот е евидентен, но кој најмногу ќе биде погоден?
И други туристички работници велат дека сезоната во ковид периодот во Македонија била спасена најмногу од туристите од Русија и Украина, а дека сега се чувствува отсуството на турите од овие две земји.
„Ударот е веќе евидентен. Со самото избивање на војната после Олимписките игри во Пекинг, голем број на тури од Русија и Украина беа стопирани, но и голем број на тури коишто беа стопирани, а беа најавени за оваа година се во затишје“, вели Бранко Босилков – претседател на Здружението на туристички водичи на Македонија.
Војната предизвика раст на цените на транспортот и енергенсите и тоа е едниот аспект за ваквата состојба, но според Босилков психолошкото влијание и чувството на несигурснот од војната повеќе влијае за намалениот број на посети. Во моментов, освен Украина, Русија, има и стопирани тури од Послка, вели тој.
„Стопирани се организираните екскурзии. Индивидуалци има од Украина, тоа повеќе се луѓе кои побегнале од таму. Се забележува закупување на станови за еден или за два месеци, не само кај нас, туку и во соседните земји“, вели Босилков.
Влијанието на војната во Украина е повеќе индиректно, отколку директно, поради чувството на нестабилност во Европа, смета директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Јаневски.
Балканот побрзо закрепнува
Македонија за време на ковид кризата имаше најмал пад на туризмот споредено со земјите во регионот и Европа, вели Јаневски кој додава дека во 2021 година земјава била меѓу петте во светот со најголем раст на туристи кој изнесувал околу 140 отсто.
Земјите од Западниот Балкан многу побрзо закрепнуваат и со поголем број на туристи отколку европските земји, вели тој.
„Фактот дека имаме се поголем број на линии со дестинациите и промотивните активности ќе овозможат поивторен раст во 2022 година“, вели Јаневски.
Тој зборува и за ситуацијата во Европа пред започнувањето на пандемијата, за кога вели дека 51 процент од вкупниот број на туристи кои патувале во светот ја посетиле Европа.
„Генерално гледано со самата криза (Украина) и сигурноста на дестинациите, Европа ќе го претрпи еден од поголемите удари и нејзиното закрепнување од пандемијата ќе биде многу поспоро“, смета Јаневски додавајќи:
„Последните истражувања покажуваат дека од четири испитаници од ЕУ, тројца сакале да патуваат надвор од границите на Унијата. Тоа е можност за целиот регион да има многу поголем раст и не затоа не очекувам некои поголеми удари од кризата“, вели Јаневски.
Олеснување на визниот режим за азиските земји
Во 2020 година Македонија по пауза од 20 години ги воведе првите авио линии: Киев-Скопје, Санк Петербург – Скопје и Москва – Скопје, со што туристичките водичи очекуваа повеќе патувања од овие дестинации токму сега во 2022 година, како што вели Јаневски.
„Генерално овие губитоци ќе бидат надополнети од други дестинации. Стартуваме со дестинацијата на „ТУИ Обединето Кралство“, ТУИ Полска и поголем број на туристи преку „ТУИ Холандија“. Дополнително ќе имаме нови линии, одредени чартер летови и поголем број на кружни патувања и се надевам дека тоа ќе се анулира и дека воопшто нема ни да се осети“, вели Јаневски.
Босилков смета дека за подобрување на состојбата Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот треба да побара државата да направи поголема флексибилност на визниот реажим за туристите од азиските земји, од каде може да дојдат солиден број на туристи, како што направија Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Јаневски вели дека за оваа сезона очекуваат над 2,6 милиони ноќевања и девизен прилив над 400 милиони долари во македонската економија од туризмот. Тој вели дека ако се погледнат податоците од приливот од туризмот во 2019 година и во 2021 година, тој изнесувал помалку за околу 3 проценти.
„Живееме нова реалност во туристичкиот сектор и треба да се фокусираме на подобрување на квалитетот, на подобрување на услугата и се надевам дека за многу брзо време инвестицискиот циклус ќе почне во нови сместувачки капацитети и подигање на некои други нормативи во туристичката индустрија“, вели Јаневски.
Грчката туристичка индустрија погодена од пандемијата се надева дека војната во Украина нема да го попречи закрепнувањето, иако веќе има стотици илјади откажани патувања. Ова свое очекување Грција го базира врз одлуката за укинување на ограничувањата за ковид како обид да го оживее клучниот сектор во земјата.
Војната во Украина избувна токму кога туризмот во Грција се враќаше во живот, при што официјалните лица се обложуваа на силна сезона по две години заклучување и ограничувања. Никос Макропулос, сопственик на туристичка продавница вели:
„Од претходните две сезони, кои беа блиску до нула, се надеваме дека оваа ќе биде подобра. Тоа го сугерираат првите знаци, но никој не може да знае како ќе се развива“.
Андонис Марис, сопственик на продавница за накит се надева дека годинава ќе биде подобра:
„Се надеваме дека сезоната ќе биде подобра од минатата година. Започнавме со многу добри индикации, но поради војната и зголемените цени, сега малку е застој“.
Но, војната значеше и загуба на околу 600.000 Руси и 240.000 Украинци кои ги откажаа резервациите, вели Лисандрос Цилидис, шеф на Федерацијата на туристички агенции на Грција. Според него, тие загуби изнесуваат околу 700 милиони евра за Грција, чија економија зависи од туризмот околу една четвртина од националниот приход.
Знаци за оптимизам
Грција го затвори својот воздушен простор за руските летови по инвазијата на Москва врз Украина на 24 февруари, во согласност со другите земји од ЕУ. Рускиот национален авиопревозник Аерофлот исто така ги прекина сите свои меѓународни летови од 8 март.
Недостатокот од туристите е акутно почувствуван на островот Крит, една од главните дестинации за патување во Грција.
Руските и украинските патници традиционално имаат еден од 10 посетители на островот „од кои Русите се мнозинство“, вели Никос Халкиадакис, претседател на синдикатот на хотели во Ираклион, додавајќи: „Оваа клиентела нема да биде заменета“.
Како и поголемиот дел од светот, Грција воведе различни заклучувања и ограничувања како што се зафати пандемијата во 2020 година, што доведе до пад на туризмот.
Откако во 2019 година земјата ја посетија 33 милиони туристи, бројките во 2020 година паднаа на 7,4 милиони - што е пад од 78 насто, соопшти Банката на Грција. Приходите исто така паднаа за 76 насто, односно на 4,3 милиони евра.
Но, како што земјата се отвори во минатата година, пристигнувањата скокнаа за 94 насто, а приходите се зголемија за 142 процента, покажаа бројките на централната банка. Во обид дополнително да го зголеми бројот на посетители, владата ги укина ограничувањата.
Задолжителните скрининг тестови за патниците кои поседуваат европски сертификат за вакцинација беа укинати во февруари. И картите за вакцини повеќе не се бараат во рестораните, баровите и продавниците од 1 мај, додека задолжителните маски во затворени простории ќе бидат укинати од 1 јуни.
Иако руската инвазија донекаде ги намали надежите за силно закрепнување оваа година, сета надеж не е изгубена. Заменик-министерот за туризам Софија Захараки вели дека експертите очекуваат „удвојување“ на минатогодишните пристигнувања.
„Сезоната веќе прикажа многу охрабрувачка слика, што ни овозможува да бидеме оптимисти“, рече таа за АФП.
Покачени цени
Министерот за туризам, Василис Кикилијас, вели дека некои клучни дестинации, вклучувајќи ги Крф, Санторини и Парос, веќе биле над 80 насто полни. Пристигнувањата во Атина и Солун, исто така, се зголемија за време на католичкиот Велигден.
Сигурд Роземаер, туристка од Германија вели: „Решивме да дојдене во Грција затоа што бевме во Грција пред кризата со коронавирусот и имавме убави спомени, и само размислувавме да се вратиме во Грција по короната и да ја заборавиме кризата. Прекрасно е чувството да се вратиш“.
Запрашана во врска со војната во Украинаа таа вели: Сигурд Роземаер, „И јас мислев дека можеби не е добро да се патува, но имавме толку тешки две години зад нас и рековме дека треба да одиме, треба да направиме нешто посебно за нас.
Нашите мисли сè со Украинците, но мораше да направиме нешто за нас овој пат“. Освен што го намали бројот на посетители, руската војна во Украина ги ги покачи цените на енергенсите.
Трошоците за енергија се зголемени за 70 насто, а храната и пијалоците се зголемени за 28 птоценти, вели Халкиадакис.
Сепак, Цилидис се надева на пораст, иако побавен од очекуваното.
„Откако го доживеавме најлошото во изминатите две години, не се плашиме, дури и ако темпото на закрепнување на туризмот остане бавно поради војната во Украина“, рече тој.