Им се допаѓаат македонските планини, па редовно ги посетуваат, воодушевени од природната убавина. Сепак, со потсетување и дека треба повеќе да се грижиме за природните реткости и богатства. Вакви се ставовите на неколкумината амбасадори на земјите од Европа во Скопје, кои имаа прилика заедно да планинарат на Шар Планина и до планинарскиот дом под врвот Љуботен.
„Сум бил тука неколку пати, на Љуботен и други врвови. Тука ве погодува убавината од пејзажот, но секако потребен е развој за да се привлечат туристи. Се надевам дека тоа ќе се направи на еколошки начин, со кој ќе се зачува природата и оригиналноста на ова место“, изјави амбасадорот од мисијата на ОБСЕ, Клеменс Која.
„Љуботен врвот што е пред мене навистина е неверојатен, кога го гледаш се чувствуваш дека пешачиш по планината. Мислам дека треба да го промовирате што повеќе овој дијамант што го имате во вашата земја“, истакна Сибил Зутер Техада, амбасадорка на Швајцарија.
Како и за македонските жители во време на пандемија, планината беше прилика за движење, вели нивната британска колешка Рејчел Галовеј.
„Се чувствувам многу среќна што во изминатата година кога беше тешко да се прават одредени активности поради пандемијата, што живеам во оваа земја и имав можност да ги поминам викендите на Шара и Бистра и да ги искористам сите можности кои природата ги нуди тука“, истакна амбасадорката Галовеј.
Анке Холштајн од Германија порачува дека имаме извонредна природа и недопрена убавина, која треба да се заштити.
„Луѓето мораат да разберат дека е оваа земја е нивна, да се грижат за неа, треба да ги едуцираат децата, во насока да се зачува за наредните генерации. Тоа подразбира да не се загадува. Ние навистина се грижиме за земјата за следните генерации, ова луѓето треба да го разберат и ние сме среќни да помогнеме околу тоа“, истакна германската амбасадорка Анке Холштајн.
Според зборовите на Кристин Форгсен Бенгстон, амбасадорка на Шведска, таа најмногу била на планинарење, но и на скијање, пешачење и слично.
„За помалку од една година сум била можеби десет пати тука, сум била во планинарскиот дом Љуботен, до врвот Љуботен, до многу други различни делови на Шар Планина. Се надевам дека сите жители на Северна Македонија ќе ја откријат оваа убавина и дека треба да го чуваме ова прекрасно место заедно“, вели таа.
Странските амбасади и нивните Влади се финансиска поддршка за голем број проекти со кои се предвидува заштита и унапредување на животната средина.