Вести
Македонското вино тема на муабет меѓу премиерот Ковачевски и тенискиот ас Ѓоковиќ
Светскиот тениски ас Новак Ѓоковиќ вечерва го посети саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград, каде се сретна со балканските лидери, меѓу кои и македонскиот премиер, Димитар Ковачевски.
Како што напиша премиерот Ковачевски на својот ФБ профил, со него поразговарале за македонското вино.
„Светскиот тениски ас Новак Ѓоковиќ, покрај љубовта кон тенисот има уште една пасија, а тоа е виното. Семејството Ѓоковиќ има своја винарија и денес со задоволство поразговаравме за македонското вино кое добро го познава. Убавото вино ги поврзува луѓето, а саемот во Белград е прекрасна можност за поврзување на земјите од регионот“, напиша Ковачевски.
На средбата присуствуваа и српскиот претседател Александар Вучиќ, како и црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ.
Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска Визија на Отворен Балкан“, се одржува во рамките на Самитот Отворен Балкан во следните четири дена во Белград, под покровителство на Република Србија, Република Северна Македонија и Република Албанија.
Под слоганот „Вкуси го животот”, нашата земја ќе се претстави пред сѐ со 42 винарии и три дестилерии кои пред посетителите ќе презентираат повеќе од 300 различни типови македонски вина и ракии.
Како дел од активностите во Белград ќе се одржи и традиционалниот лидерски политички самит на Отворен Балкан предводен од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски и премиерот на Албанија, Еди Рама.
види ги сите денешни вести
Крвави отпечатоци од раце на новиот протест во Нови Сад
Граѓани и активисти на 24 ноември оставаа крвави отпечатоци од раце на транспаренти и на тротоари во Нови Сад, барајќи одговорност за уривањето на бетонската настрешница на железничката станица во градот, кога загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.
На Булеварот на ослободувањето со црвена боја е испишан натписот „Булевар на крвавите раце“.
Студентските организации „Став“ и „Свиќе“ повикаа на истоимената акција.
Овие организации бараат кривична постапка против одговорните и ослободување на преостанатите активисти уапсени по протестите на кои граѓаните бараа одговорност за уривањето на настрешницата на Железничката станица.
Активистите и граѓаните кои им се придружија се движеа по Булеварот на ослободувањето, најфреквентната сообраќајница во градот, бојадисувајќи ги улиците во црвено, како што велат, „за цел Нови Сад да види крвави траги“.
„Нема да се откажеме од улица“, рече активистката Мила Пајиќ.
„Булеварот „Ослободување“ е првото здружение на жителите на Нови Сад и на сите што доаѓаат во нашиот град во она што е Нови Сад. Секој чекор на Булеварот на ослободувањето ќе биде крвав од нивните крвави траги“, додаде таа.
Тие траги, како што велат активистите, „почнуваат од железничката станица и завршуваат во градските и државните институции“.
Народниот пратеник Срѓан Миливојевиќ од опозициската Демократска партија, пред железничката станица со црвена боја напиша „Булевар со крвави траги“.
Насобраните низ булеварот го носеа „крвавото“ знаме на Нови Сад и транспаренти со пораки „Одговорност, слобода, правда“ и „Сите сме под настрешница“.
Тие извикуваа „Затвор, затвор“ и „Рацете ви се крвави“.
Пред просториите на владејачката Српска напредна партија (СНС) на булеварот „Ослободување“ се собраа неколку десетици нивни приврзаници и имаше вербални конфликти кога помина колоната активисти.
Активисти застанаа и пред одделението на Безбедносно-информативната агенција (БИА) во Нови Сад.
Минатата недела докажавме дека режимот попушта пред притисоците на граѓаните, активистите и опозицијата“, велат активистите.
Тие додадоа дека нема да им веруваат на надлежните на збор, туку „ќе ги потсетуваат повторно и повторно на улица“ дека сакаат, како што рекоа, „активисти на слобода и убијци во затвор“.
20 дена по несреќата, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад на 21 ноември соопшти дека се уапсени 12 лица, меѓу кои министерот за градежништво во оставка Горан Весиќ, поранешниот директор на српската железничка инфраструктура Небојша Шурлан и актуелната директорка во оставка Јелена Танасковиќ. За нив се определени мерки притвор.
Во меѓувреме, во Нови Сад и во Белград се одржаа неколку протести под паролите „Рацете ви се крвави“ и „Корупцијата убива“, од кои најголемиот беше одржан во Нови Сад на 5 ноември, кога по уривањето пред Градското собрание неколку активисти беа уапсени, од кои некои се уште се во притвор.
Опозициските политичари и активисти бараат ослободување на уапсените, обвинувајќи дека зад демолирањето стоеле „упаднатите елементи“, а бараат и апсење на сите одговорни за несреќата и откривање на сите тајни договори за реконструкција на Железничката станица.
Покрај оставките поднесени од Весиќ, Танасковиќ и министерот за внатрешна и надворешна трговија, кој беше министер за градежништво во времето на почетокот на реконструкцијата на станицата, Томислав Момировиќ, се бараат оставки на градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ и премиерот Милош Вучевиќ.
СДСМ избра ново раководство: Фани Каранфилова Пановска е заменик претседателка на партијата
СДСМ избра нов состав на Централниот и Надзорниот одбор, како и заменик претседател на партијата, на 30. Конгрес којшто се одржа на 24 ноемвери во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.
За заменик претседателка на партијата е избрана Фани Каранфилова Пановска, а беа одбрани и нови членови на Централниот и на Надзорниот одбор.
„Таа е човек со кој јас се познавам долго време и знам дека ги носи во себе и цврсто верува во социјалдемократските вредности. Учествувала во работата на многу граѓански организации, најмногу во Фондацијата Отворено Општество и соработувала со други правни субјекти кои ги делат вредностите, така како што се поставени во постулатите на нашата партија“, рече Филипче.
Меѓу членовите на Централниот и Надзорниот одбор се Велимир Смилески кој е поранешен градоначалник на Бутел, поранешниот пратеник Мартин Костовски и поранешниот директор на затворот „Шутка“, Филип Андов.
Исто така, меѓу членовите е Горан Трајковски кој беше дирктор на Државниот пазарен инспекторат, како и заменичката министерка за правда Викторија Мадиќ Аврамовска.
Филипче, во своето обраќање пред делегатите на 30-тиот Конгред истакна дека овој конгрес ќе биде пресвртница за СДСМ.
Тој рече дека СДСМ била фокусирана на евроинтеграциите, но не и на сервисите за граѓаните, дека биле сервилни кон коалициските партнери и дека тоа е дел од причините за нивниот пораз на последните избори.
Тој исто така рече дека секој што се огрешил треба да одговара за криминал и корупција, но дека правдата треба да биде иста за сите вклучувајќи ги и функционерите на власта.
„Ароганцијата ќе биде закопана длабоко под земја додека сум јас претседател“, рече Филипче кој додаде дека СДСМ е особено горда што Радмила Шекеринска станала првата дама од Балканот што ќе ја извршува функцијата втор човек на НАТО.
На конгресот присуствуваат 536 делегати од 626 односно, 85 отсто, а присуствуваат и претставници на други опозициски партии НСДП, ЛДП и други.
Пред да почне 30 Конгрес на СДСМ, продолжи и 29-тиот на кој се констатираше недоверба на органите на Централниот и Надзорниот одбор и се констатираше оставката на досегашната заменик претседателка на СДСМ, Сања Лукаревска.
Конгресот доаѓа откако партијата доживеа голем пораз на изборите во мај, кога освои само на 18 пратеници што водеше до оставки на раководството, вклучително и од поранешниот премиер и лидер Димитар Ковачевски.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ на изборите освои 58 мандати, заедно со коалициските партнери Вреди (14 мандати) и ЗНАМ (6 мандати) има 78 пратеници во 120-члениот парламент.
Зеленски бара повеќе системи за воздушна одбрана за Украина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 24 ноември изјави дека на неговата земја „ѝ требаат повеќе системи за воздушна одбрана“ за да го заштити својот народ, додека Русија продолжува да ја таргетира Украина со воздушни бомби, борбени дронови и проектили.
„Зајакнувањето на заштитата на нашето небо е апсолутно критично“, напиша Зеленски на социјалните мрежи, додавајќи дека Киев „активно работи“ со своите партнери на подобрување на воздушната одбрана на земјата.
Според Зеленски, Русија лансирала повеќе од 800 воздушни бомби, околу 460 ударни беспилотни летала и над 20 проектили од различен тип против Украина во текот на изминатата недела.
И Украина и Русија на 24 ноември објавија дека одбиле десетици дронови од другата страна во текот на ноќта.
Украинската војска рано утрото соопшти дека нејзината противвоздушна одбрана соборила 50 од 73 руски беспилотни летала, а повеќе од 10 од пресретнатите беспилотни летала биле насочени кон главниот град Киев.
Иран ќе води нуклеарни преговори со три европски сили
Иран на 29 ноември ќе разговара со три европски земји за својата спорна нуклеарна програма, соопшти иранското Министерство за надворешни работи.
Денешната објава доаѓа неколку дена откако атомскиот надзор на ОН усвои резолуција против Техеран.
Иран реагираше на резолуцијата предложена од Британија, Франција, Германија и Соединетите држави, наводно со различни мерки како што се активирање на бројни нови и напредни центрифуги, машини кои збогатуваат ураниум.
Јапонската новинска агенција Кјодо, која прва објави дека состанокот ќе се одржи во Женева, наведе дека владата на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан бара решение за нуклеарниот ќорсокак, пред инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во јануари.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Есмаил Багаи подоцна изјави дека замениците министри за надворешни работи на Иран и на трите европски земји ќе учествуваат во разговорите, кои, како што рече, ќе ги опфатат регионалните прашања, како и нуклеарното досие.
Пукање во близина на амбасадата на Израел во Јордан, убиен напаѓач
На 24 ноември, во зори, едно вооружено лице беше убиено, а тројца полицајци беа ранети во пукање во близина на израелската амбасада во Јордан, објавија безбедносни извори и државни медиуми.
Полицијата застрела напаѓач кој отвори оган врз полициска патрола во населбата Рабија во Аман, објави државната новинска агенција Петра, повикувајќи се на извор од безбедносните сили и додаде дека истрагата е започната.
Многу од 12-те милиони граѓани на Јордан се со палестинско потекло кои беа протерани или побегнаа во земјата во војната што следеше по создавањето на Израел во 1948 година. Тие семејства имаат и роднини на израелската страна на реката Јордан.
Откако се слушнале истрелите, јорданската полиција го опколила просторот кај амбасадата. Двајца сведоци изјавија дека полициски возила и брза помош се упатиле кон населбата каде што се наоѓа амбасадата.
Во населбата често се одржуваат антиизраелски демонстрации. Јордан беше домаќин на една од најголемите мирни демонстрации во регионот против Израел поради војната во Газа.
Јордан склучи мир со Израел во 1994 година, но тој договор не беше широко прифатен бидејќи многу граѓани сметаат дека нормализацијата на односите е предавство на правата на нивните палестински сонародници.
Утрово полицијата ги повика жителите да останат во своите домови додека трагаат по инволвираните во престрелката.
Јорданскиот министер за комуникации Мухамед Момани потоа изјави дека пукањето во близина на израелската амбасада било терористички напад и дека целта биле силите за јавна безбедност.
Активистите најавија нов протест во Нови Сад
Активистичките групи „Став“ и „Свиќе“ најавија нов протест во Нови Сад за денеска во 14 часот, кој ќе започне кај железничката станица, каде на 1 ноември загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени, кога врз нив падна бетонски настрешница.
Како што објавија групите на социјалните мрежи, во рамки на денешната акција ќе се движат по Булеварот на ослободувањето и ќе го обојат црвено.
„Така цел Нови Сад ќе ги види крвавите траги кои започнуваат на железничката станица и завршуваат во градските и државните институции. Донесете боја и ракавици, а на патот ќе имаме оперативна поддршка“, се вели во објавата.
„Став“ и „Свиќе“ најавија дека ќе продолжат со различни форми на граѓанска непослушност се додека не се исполнат сите барања и не се ослободат активистите.
„Минатата недела докажавме дека режимот попушта под притисокот на граѓаните, активистите и опозицијата, нема да им веруваме на збор, туку будно ќе ги следиме започнатите процеси и повторно и повторно на улица ќе ги потсетуваме дека сакаме: активистите на слобода, убијците во затвор“, се додава во објавата.
20 дена по несреќата, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад на 21 ноември соопшти дека се уапсени 12 лица, меѓу кои министерот за градежништво во оставка Горан Весиќ, поранешниот директор на српската железничка инфраструктура Небојша Шурлан и актуелната директорка во оставка Јелена Танасковиќ. За нив се определени мерки притвор.
Во меѓувреме, во Нови Сад и во Белград се одржаа неколку протести под паролите „Рацете ви се крвави“ и „Корупцијата убива“, од кои најголемиот беше одржан во Нови Сад на 5 ноември, кога по уривањето пред Градското собрание неколку активисти беа уапсени, од кои некои се уште се во притвор.
Опозициските политичари и активисти бараат ослободување на уапсените, обвинувајќи дека зад демолирањето стоеле „упаднатите елементи“, а бараат и апсење на сите одговорни за несреќата и откривање на сите тајни договори за реконструкција на Железничката станица.
Покрај оставките поднесени од Весиќ, Танасковиќ и министерот за внатрешна и надворешна трговија, кој беше министер за градежништво во времето на почетокот на реконструкцијата на станицата, Томислав Момировиќ, се бараат оставки на градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ и премиерот Милош Вучевиќ.
Мицкоски: Фирмите ќе добиваат кредити од унгарскиот заем со камата од 1,95 отсто
Премиерот Христијан Мицкоски денеска објави дека со неколку банки добиле потврда дека кредитите кои ќе ги добиваат фирмите од унгарскиот заем од 250 милиони евра, ќе бидат со каматната стапка од 1,95 отсто, до три години грејс период и до 15 години рок на отплата во зависност на потребите на компаниите.
„Ценам дека е ова историски договор со историска најниска каматна стапка“, рече Мицкоски кој присуствуваше на пуштање во употреба на новата спортска сала во ООУ „Наум Охридски“ во скопското село Булачани.
Тој додаде дека од неколку банките веќе имаме потврда и дека очекува најголем дел од нив да застанат зад проектот, за 250-те милиони евра од унгарскиот заем да бидат поделени на македонското стопанство.
Тој додаде дека за компаниите да добијат кредит ќе треба да имаат минимум 20 отсто сопствено учество, а максималниот износ кој можат да го добијат е ограничен на 10 милиони евра.
„Тоа значи дека ќе имаме инвестициски бран од 300 милиони евра. Сите компании ќе имаат можност да ги вложат овие средства во основни средства за работа, во обновливи извори на енергија, како и во објекти кои ќе ги користат како свои административни згради, односно за сопствена потреба“, рече Мицкоски.
Кредитите за компаниите се дел од 500 милиони евра заем кој Северна Македонија го доби од Унгарија.
Половина од парите се за инфраструктурни проекти на општините, а половина ќе одат како кредити за фирми.
250 милиони евра за компаниите ќе одат преку Македонската инвестициска банка и ќе се пренесат во комерцијалните банки каде што фирмите ќе аплицираат за кредити.
Македонскиот премиер Мицкоски и неговиот унгарски колега, Виктор Орбан, го договорија кредитот на маргините на НАТО самитот во Вашингтон, во јули годинава.
Израел потврди дека е убиен рабинот кој исчезна во Емиратите
На 24 ноември Израел потврди дека рабинот Зви Коган, кој исчезна во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) на 21 ноември, е убиен и дека неговото тело е пронајдено, нарекувајќи го убиството „монструозен антисемитски терористички инцидент“.
Во соопштението од кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, беше најавено дека Израел ќе ги искористи сите средства за да ги изведе пред лицето на правдата криминалците одговорни за смртта на рабинот.
ОАЕ се уште не објавија ништо за овој настан.
Зви Коган (28), ултраортодоксен рабин кој исчезна во четвртокот, водеше кошер продавница во Дубаи, град кој го посетуваа израелски туристи и трговци откако двете земји воспоставија дипломатски односи во 2020 година.
Договорот беше склучен за време на повеќе од една година на зголемени тензии во регионот поради нападот во јужен Израел на 7 октомври минатата година на палестинскиот Хамас, група на листата на САД и ЕУ како терористичка организација.
Гневот на Емиратите, Арапите и другите што живеат во Емиратите беше предизвикан од израелската офанзива во Газа и инвазијата на Либан по неколкумесечни прекугранични судири со либанскиот Хезболах, проиранско движење кое САД го сметаат за терористичка организација, додека Европската унија (ЕУ) го стави на црната листа само неговото вооружено крило, но не и политичката партија што е претставена во либанскиот парламент.
Иран, кој ги поддржува Хамас и Хезболах, исто така се закани дека ќе возврати на Израел откако земјата изврши воздушни напади во октомври како одговор на иранскиот балистички ракетен напад.
Државната новинска агенција ВАМ потврди дека Коган е исчезнат, но не спомна дека има израелско државјанство, само објави дека е од Молдавија.
Министерството за внатрешни работи на Емиратите соопшти дека не се знае каде се наоѓа Коган и дека нема никаков контакт со него и дека веднаш е започната потрага и истрага.
Израелскиот претседател Исак Херцог, чија улога во политиката на земјата е главно церемонијална, го осуди убиството и им се заблагодари на властите во Емиратите за нивната брза акција. Тој изрази уверување дека неуморно ќе работи на изведба на сторителите пред лицето на правдата.
Коган беше мисионер на движењето Чабад Лубавич, истакната гранка на ултраортодоксниот јудаизам, со седиште во Бруклин, Њујорк. Движењето соопшти дека Коган последен пат бил виден во Дубаи.
Во Емиратите има еврејска заедница, се подготвуваат синагоги и кошер оброци.
Продавницата што ја водеше Коган беше затворена во неделата. Од избувнувањето на војните во регионот, таа често беше цел на онлајн протести на поддржувачите на Палестинците.
Во израелското соопштение не се споменува Иран, но Асошиетед прес објави дека иранските разузнавачки служби претходно киднапирале луѓе во Емиратите.
СДСМ ќе го одржи 30. Конгрес
СДСМ денеска ќе го одржи 30. Конгрес, каде се очекува да биде избрано новото раководство на партијата: нови членови на највисоките тела, како и на Централниот и Надзорниот одбор.
Портпаролката на партијата Богданка Кузеска информираше дека конгресот ќе има отворен и работен дел, а ќе се разговара за идните политики на партијата.
Конгресот треба да започне во 13 часот во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.
Според најавата, прво ќе биде отворениот дел од конгресот на кој ќе се обрати претседателот на партијата, Венко Филипче.
Изборот на новото раководство на СДСМ доаѓа откако пред речиси пет месеци Филипче ја презеде лидерската позиција.
Романците гласаат во првиот круг од претседателските избори
Романците гласаат на 24 ноември во првиот круг од претседателските избори, на кои во вториот круг би можело да ги спротивстави екстремно десничарскиот националист против актуелниот левичарски премиер.
На изгорите се натпреваруваат 13 кандидати, а вториот круг од гласањето се очекува на 8 декември.
Во последното гласање, Георг Симион, водач на екстремно десничарската Алијанса за единство на Романците, или АУР, би можел да се соочи со актуелниот премиер Марсел Чиолаку, кој е поддржан од најголемата романска партија, Социјалдемократската партија или ПСД.
Претседателот има петгодишен мандат и значителни овластувања за одлучување во области како што се националната безбедност, надворешната политика и судските назначувања.
На 1 декември во Романија ќе се одржат и парламентарни избори на кои ќе се одреди идната влада и премиерот на земјата.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете