Со разрешување на директорот на Управата за извршување на санкции, Марјан Спасовски, но не и на директорот на затворот Идризово, Шпенд Тахири резултираше случајот со осуденикот Беким Мемети кој избега како на филм додека бил превезуван со полициско комбе од затворот Идризово кон Ургентниот медицински центар „Мајка Тераза“. Суспензија веднаш добија четворица полицајци кои биле инволвирани во бегството, а премиерот Димитар Ковачевски ,во меѓувреме, донесе одлука да го смени Спасовски, бидејќи бил незадоволен од неговата работа, но, од Тахири одговорност не побара.
Видете и ова: Општа амнестија место одговорност за милионските отштети за државатаВладата ги назначува и разрешува директорите на јавните претпријатија и институции и ја има моќта да им ги одземе функциите. Но, не е прв пат првите луѓе на јавните претпријатија и институции да „избегнат“ одговорност за она што се случува во нивниот „двор“.
„Тие се луѓе обично недопирливи затоа што се дел од партискиот договор или втора варијанта се клучни луѓе на патот до парите и на патот до власта и затоа не може никогаш да лоцирате точна одговорност и кога цела јавноста знае, тоа луѓето на власт не го знаат“, вели Александар Цевтковски, претседател на невладината организација АГТИС, чија мисија е имплементација на европските стандарди во општеството.
Во случајот со издавањето на македонско државјанство на украинецот Олександр Онишченко, чие име се наоѓа на црната листа на САД, поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски, која е една од надлежните институции во процесот, беше сменет од функцијата, но, поради фактот дека е кандидат за амбасадор во Франција.
Ниту неговата кандидатура премиерот Ковачевски не ја доведе во прашање, иако Владата го предложи, туку топката ја префрли кај Собранието и Владата кои треба, според него, да кажат дали Димовски треба да биде амбасадор во Франција.
Наследникот на Димовски на чело на агенцијата Зарко Милошевски пак беше посочен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ како лицето кое всушност дало согласност дека за Онишченко нема безбедносен ризик.
Видете и ова: Партиски подобни директори, наместо професионалци- пракса која не се напуштаЗа случајот со Беса транс чиј автобус кој возел без лиценцата и изгоре на автопатот Струма во Бугарија и притоа загинаа 45 лица, беа суспендирани двајца цариници оти не го евидентирале излезот на возилото од земјата. Директорката на Царина, Славица Кутиров не само што воопшто не беше повикана на одговорност, туку беше и реизбрана на функцијата.
Во случајот „Двојник“ за издавање на пасоши со лажен идентитет на 214 странски државјани, од кои и познати криминалци, вработени во МВР добија од условни казни до 3 години затвор, како и забрана за вршење дејност и должност од десет години. Иако беше најавено дека истрагата ќе биде проширена за да се види кој бил вмешан во случајот од повисоката хиерархија на МВР новости нема до денес.
Според Цветковски, граѓаните потполно ја загубиле довербата во институциите и ја сфатиле играта дека морал и етика не може да најдат на институционално ниво.
„Веќе и на партиите не им е воопшто гајле затоа што нема критична маса во државата и луѓето се партизирани и ако едните речат вака, другите ќе речат инаку и не им е грижа едноставно“, додава Цветковски.
По предвремените парламентарни избори кои се одржаа во јули 2020 година, Институтот за демократија објави анализа за начинот на кој се назначуваат раководителите на јавните институции.
Видете и ова: Медиумите никако да им се погодат на властитеСпоред Миша Поповиќ, раководител на Центар за добро управување во Институтот за демократија, договорот на партиите мора да биде само за политичките функции од првиот ешалон, односно министри и заменици министри.
„Доколку владата сака да промовира добро управување, треба да го насочи кон професионализација на раководните служби односно креирање на еден вклучувачки процес со кој ќе се охрабрат професионалците кои што се во моментов во администрацијата или надвор од неа да се пријават за на подолг рок управуваат со клучни служби“, смета Поповиќ.
Во нивното истражување набљудувале 116 именувања и заклучиле дека скоро половина од нив се т.н. вршители на должност, а како што им одговориле од институциите, тие немале законска обврска да спроведат компетитивен процес во случаи кога именуваат вршител на должност. Во анализата се заклучува дека употребата на ваквите именувања доаѓа, пред се, за да се заобиколи процедурата и да се постави посакуваното лице.