Дали директори на болници, библиотеки, училишта и други јавни институции треба да се бираат со партиски договори или преку јавни конкурси е прашањето што се актуелизираше и по последиот договор меѓу лидерите на СДСМ и Алтернатива. Зоран Заев и Африм Гаши договорија претставници на новиот владин коалициски партнер да раководат меѓудругото и со болницата во Тетово, со Природно-математички музеј, со кино во Струга и други четириесетина позиции.
Миша Поповиќ, раководител на Центар за добро управување во Институтот за демократија, кој пролетва објави анализа за начинот на кој се назначуваат раководителите на јавните институции, вели дека договорот на партиите мора да биде само за политичките функции од првиот ешалон, односно министри и заменици министри.
„Сето понатаму, доколку владата сака да промовира добро управување, треба да го насочи кон професионализација на раководните служби односно креирање на еден вклучувачки процес со кој ќе се охрабрат професионалците кои што се во моментов во администрацијата или надвор од неа да се пријават за на подолг рок управуваат со клучни служби“, вели Поповиќ.
Се користи позицијата вршител на должност
Конкретно, во нивното истражување набљудувале 116 именувања по предвремените парламентарни избори кои се случија летото 2020 година. Заклучиле дека скоро половина од именувањата се т.н. вршители на должност, а како што им одговориле од институциите, тие немале законска обврска да спроведат компетитивен процес во случаи кога именуваат вршител на должност. Во анализата се заклучува дека употребата на ваквите именувања доаѓа, пред се, за да се заобиколи процедурата и постави посакуваното лице.
„Од сите 116 именувања, Владата достави само една ранг листа и уште три записници од разгледување на кандидати. Во сите случаи постои само еден пријавен, што значи дека во услови на раширена недоверба во процесот, не е направено доволно за да се мотивираат потенцијални кандидати и да се пријават на огласот“, се наведува во анализата.
Министри бараат измени
Претседателот на ЛДП Горан Милевски, кој е и министер за локална самоуправа, вели дека тие се залагаат да се смени ваквата пракса за одредени јавни установи, но не за сите.
„Ние како партија, на пример, сметаме дека директорите на училиштата треба да ги бираат самите вработени како што било во минатото. Директорите на здравствените установи треба да ги бираат вработените во тие институции, затоа што тие најдобро знаат како нивната институција да се развива. Исто така и во други области“, вели Милевски.
Сепак, тој додава дека кај некои институции, каде што треба да се преземе политичка одговорност, како што е електроенергетскиот систем, Фондот за пензинско и инвалидско осигурување и Фондот за здравство треба да остане политичкото именување.
„Таму креирате политики, владини политики и мислам дека таму е во ред да дојдат партиски, но треба да има критериум кој сè може да биде директор на одредена позиција, да има одредено искуство, стручност, познавање на областа...“, вели Милевски во интервјуто што во целост ќе го емитуваме в недела.
Владата, сепак, сака да ја задржи контролата
Неодамна и вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров споменувајќи ја како пример Грција која веќе ја прекинала ваквата пракса рече дека е време е да се намали политичкиот колач што се добива на избори, споменувајќи ги позициите директори на болници, училишта и менаџери на јавни компании.
Според Поповиќ потребни се одлучни акции и на македонската влада за да се надмине ваквата ситуација. Тој вели и дека последната верзија на предлог законот за висока раководна служба е проблематична оти како што нагласува во него се предлага комисијата која ќе одлучува за изборот од пријавените кандидати целосно да биде под контрола на владата.
„Тоа покажува дека Владата сака да ја задржи контролата врз тоа кој ќе биде на раководните позиции и да остане овој принцип на партски заслуги“ , вели Поповиќ.
Инаку ова не е нова пракса во Македонија, па сите политички структури ја користеа можноста за поделба на ресорите и во државните и јавни институции преку меѓупартиски договори.