Достапни линкови

Општа амнестија место одговорност за милионските отштети за државата


Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

Нема одговoрност за случаите во кои државата треба да плаќа милионски отштети поради склучување лоши договори со компании или нивно прекршување. Експертите велат дека има општа амнестија при ваквите случаи, што ја разгорува корупцијата.

Никој не презема одговорност за тоа што Македонија плаќа милионски суми отштети поради склучување штетни договори за државата или нивно прекршување. Така на пример, за купопродажниот договор за рафинеријата ОКТА, државата сега треба да и плати 21 милион евра на грчката компанија „Хеленик Петролеум“, бидејќи не го испочитувала договорот потпишан во 1999 година. Со него земјава се обврзала годишно да купува по 500 илјади тони грчки мазут, иако немала потреба од толкава количина.

Но ова не е единствениот штетен договор за кој државата сега треба да плати огромна сума од буџетот, или поконкретно, од џебот на граѓаните. Околу 8 милиони евра отштета веќе побарала италијанската фирма што требаше заедно со две македонски фирми да го гради новиот Клинички центар вреден 72 милиони евра. Ова го потврди и самиот министер за здравство Беким Сали, кој најави дека се обидуваат да стапат во контакт со фирмата, за да разговараат за сумата. За новиот Клинички беше потпишан договорот, ископана една дупка, и работата застана со промената на власта.

Лани на пример, за неисплатената дезинфекција на поплавено Стајковци од пред шест години, ова Министерство требало да плати два милиони евра, од кои голем дел отишле за извршители. Освен овие пари, во изминатите две години Здравство само за извршители дало околу 150 илјади евра.

Меѓу ваквите бројни примери е и блокираната изградба на т.н. автобуско метро во Скопје за што Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) даде кредит од 70 милиони евра. Парите стојат, ама метрото не се гради, па годишно државата плаќа пенали од 350.000 евра, за камати.

Општа амнестија место одговорност

За ваквите трошоци, претседателката на Државната комисија за спречување корупција ( ДКСК) Билјана Ивановска е децидна дека мора да се бара одговорност.

„Тој што потпишува договор има одговорност и за негова реализација, како и во случај ако не се реализира и се предизвикаат дополнителни трошоци за државата. Значи неопходна е одговорност и отчетност на одговорните лица потписници на договори. Во спротивно ризиците од корупција се многу високи, бидејќи ако нема разумна причина за нереализирање на договор останува сомнеж дека таква била намерата“, вели Ивановска.

Во Случајот со ОКТА, договорот е потпишан во време на владата на Љубчо Георгиевски, од страна Борис Стојменов, тогашниот министер за финансии. За Клиничкиот центар, потпис стави поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров кој беше дел од Владата на ВМРО ДПМНЕ, а договорот беше раскинат од исто така поранешниот министер за здравство Венко Филипче, од Владата на СДСМ. Слична е ситуацијата и за автобуското метро- договорот е потпишан во времето на Петре Шилегов, поранешниот скопски градоначалник, а стопиран од актуелната градоначалничка, Данела Арсовска.

Според Џевдат Хајредини, поранешниот министер за финансии, во целиот процес има многу корупција, поткуп и личен профит на штета на државата, и на општинско и на централно ниво.

„Тие што треба да повикаат на одговорност, тоа се тие што ги прават овие работи. Државата на тоа се потпира сега, постоењето на овие државни институции, се потпираат на корупција со одлевање на имотот на народот“, вели Хајредини.

Не гледа излез од оваа ситуација. Напротив вели, има општа амнестија на сите нивоа на власта.

„Јас ќе те амнестирам, нема да кажам за тебе, ти нема да кажеш за мене“, дополнува тој.

Многу спорови за рудници и патиштата

Ако се земат предвид моменталните спорови, се чини дека допрва ќе има штети за државата поради штетни договори.

Така, шпанската компанија „Рубау конструксионес“ бара од државата 10 милиони евра пенали за раскинат договор. Таа работеше на изградба на експресниот пат Градско-Прилеп, но во 2019 најави дека нема да продолжи со изградба на една од делниците, од Фариш до Дреново долга 10 километри, како и дека се раскинати сите договори. Фирмата имаше склучено договор со Јавното претпријатие за државна патишта, а како проблем беше наведена неисплата на последната фактура. Случајот е даден на арбитража во Загреб. Фирмата беше ангажирана во 2015, а договорот изнесуваше 31 милион евра.

Државата може да се најде уште пред еден спор, откако Владата го раскина договорот со Компанијата „Еуромакс рисорсис“ за рудникот Иловица, за што има судски спор. Вишиот Управен суд во октомври ја поништи пресудата на Управниот суд за конечно одземање на концесијата на „Еуромакс ресурсис“, за експлоатација на рудникот „Иловица-Штука“. По жалбата на компанијата, по втор пат се врати процесот на почеток.

Арбитражна постапка се води за рудникот Казандол. Украинската компанија „Сардич“ ја тужи државата откако со владина одлука ја загуби концесијата на рудникот Казандол во Валандово. Компанијата бара отштета од 350 милиони евра.

И за рудникот Саса се водеше спор. Словенечкиот бизнисмен со македонско потекло бараше оштета од државата од 400 милиони долари, оти му беше одземен рудникот.

Сепак има и ретки позитивни случаи за Македонија. Така државата доби 3 милиони долари обештетување од арбитражата против поранешните сопственици на индустрискиот комбинат Фени. Поранешниот вицепремиер за економски прашања, Кочо Анѓушев, во мај 2021 соопшти дека поранешните сопственици покренале арбитража против државата во Вашингтон и ја изгубиле, а ќе треба да и платат и на државата надокнада од три милиони долари. Рударската компанија „Кунико рисорсис“ со седиште во Амстердам ја даде Македонија на арбитража со тврдење дека македонската влада почнала кампања против фирмата и против Фени во времето на продажбата на друг купувач во 2017, што доведе до стечај на Фени. Изјавата дека земјата добила обештетување, Анѓушев ја даде по обвинувањата против него дека имал личен интерес од спроведувањето на стечајот на Фени.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG