Достапни линкови

Власта избегнува одговорност за штетите од поплавите


Опозицијата бара да запре изградбата на Панорамското тркало и парите да се одат за поплавените подрачја. Власта вели дека сега е време кога треба да се помогне, а не да се разговара за одговорност.

Власта сака да им се помогне на настраданите од поплавите, но избегнува одговорност за штетите од поплавите. Собраниското мнозинство не ги прифати заклучоците за справување со поплавите предложени од СДСМ и изгласа заклучоци предложени од Илија Димовски од ВМРО-ДПМЕ и Талат Џафери од ДУИ. Пратениците од опозицијата не гласаа за овие заклучоци. Димовски изрази жалење што не е постигната заедничка согласност, иако, како што рече, во нив биле инкорпорирани и предлозите на СДСМ.

Собранието денеска одржа седница за штетите од поплавите на барање на пратеничката група на СДСМ.

Според усвоените заклучоци, државните органи треба да им излегуваат во пресрет на поплавените подрачја сè до конечно санирање на последиците од поплавите, авансно да се обесштетуваат поплавените семејства, да се направи брза проценка на штетите и да се преземат законски мерки против оние кои ја злоупотребуваат настанатата состојбата за финансиска корист. Парите предвидени за нови возила, мебел, репрезентација и репрезентативни објекти, а за кои досега нема склучени договори за набавки, целосно или делумно ќе се прераспределат за штетите од поплавите. Заклучено е да се дезинфицираат поплавените подрачја, да се направи анализа на дивата сеча на шумите и да се продолжи со масовно пошумување, особено на места каде што има ерозија, како и да се преземаат превентивни мерки за справување со идни непогоди.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески, пред затворањето на расправата рече дека заклучоците предложени од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се неприфатливи за опозицијата бидејќи во нив не се вклучени нивните главни барања за исплата на итна помош на настраданите и за одговорност на надлежните за направените пропусти.

Опозицискиот СДСМ, пак, побара, да се одложат сите владини непродуктивни трошоци и да се спречат сите градби во коритото на реката Вардар, вклучително и Панорамското тркало кое веќе почна да се гради и тие пари да се пренасочат во поплавените подрачја.

Освен заклучоци за помош на настраданите, опозицијата бара одговорност за штетите од поплавите, додека власта се брани дека се не е време за одговорност, тука за лопата.

„Состојбата е прилично лоша и после седум дена од она што се случи. Улиците можеби се исчистени, но домовите внатре се уништени. Реконструкцијата на домовите веројатно ќе трае. Сакаме да предложиме конкретни мерки“, рече пратеникот Благоја Стојановски од СДСМ.

Вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров истакна дека ова невреме било најголема природна катастрофа по скопскиот земјотрес. За два часа наврна повеќе дожд отколку за цел месец, рече тој и побара да престанат поделбите.

„Ќе направиме сè за нормализација и враќање во првобитната состојба. Паралелно со ова, еден од најголемите предизвици е спречување на појавата на заразни болести, за таа цел тимови од центрите за јавно здравје се на терен и вршат дезинфицирање на домовите и објектите зафатени во поплавите“, рече Тодоров, кој детално информираше за преземените мерки од страна на Владата.

За преземените мерки информираа и министрите за одбрана, внатрешни работи, транспорт и врски и за животна средина, Зоран Јолевски, Митко Чавков, Владо Мисајловски и Башким Амети.

Пратеничката Софија Куновска од СДСМ смета дека мора да има морална, политичка, па и кривична одговорност и да се откријат вистинските причини за овој настан. Според неа, мора да има и поединечна одговорност. Побара од власта целокупната помош и оштета да бидат ставени во јавно достапен документ. Според неа, 6 август покажа дека Македонија има комплетно колабирани институции.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ побара да престанат поделбите, а пратеничката Даниела Рангелова од истата партија дека очекувала дека денеска нема да се собираат политички поени. Пратениците од власта велат дека сега не е време за барање одговорност, туку за фаќање за лопата.

Куновска праша кој е датумот од кога ќе почнеме да дискутираме за одговорноста, а пратеникот Стефан Богоев од СДСМ дека и тој се залага да нема поделби. Ајде сите заедно да ги изгласаме предложените мерки, меѓу кои и запирање на градбата на Панорамското тркало, рече тој. Тој рече дека институциите потфрлиле и затоа треба да има одговорност. Според него, институциите и законите не функционираат туку се се одвива по партиски наредби и затоа мора да има политичка, но и кривична одговорност.

Пратеникот Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ реплицира дека невремето е најголема катастрофа во Македонија по 1963 година. Посочи на одлуката на Владата за 100-процентна отштета на настраданите. Тој ги отфрли критиките за задоцнета реакција на институциите, особено на МВР и АРМ.

Пратеникот Беким Фазлиу од ДПА рече дека државата потфрлила во спречувањето на справувањето со поплавите и побара морална и кривична одговорност од одговорните во институциите. Секој споменик значи канализација за една населба, рече тој.

Власта се брани дека невремето било природен феномен кој не може да се предвиди и оти власта прави се што е во нејзина моќ да им помогне на настраданите. Пратениците од владејачкото мнозинство бараат да не се политизира несреќата, но опозицијата вели дека власта не прави ништо за заштита од непогоди и оти не извлекува поуки.

Опозицијата предлага итно да се преземат превентивни мерки за заштита од природни непогоди во иднина, одложување на непродуктивните буџетски трошења и запирање на градежните активности во реката Вардар, парите за репрезентативни објекти, мебел и возила целосно или делумно да се пренасочат за поплавените подрачја, авансно исплаќање на три илјади евра на секое поплавено домаќинство, евакуација на населението додека не се исчисти и дезинфицира просторот, да се направи безбедносна проценка на теренот и организирање на надзорна расправа за одговорност за институции и поединци за имплементирањето и организирањето на системот за заштита и спасување и системот за управување со кризи.

На седницата се присутни многу министри, првите луѓе на Центарот за управување со кризи, Сузана Салиу и на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу, но не присуствуваат премиерот Емил Димитриев и претседателот Ѓорге Иванов.

Владта претходно донесе неколку мерки за помош на настраданите.

Во невремето во скопскиот регион на 6 август загинаа 22 луѓе, десетици се повредени, а причинета е огромна материјална штета.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG