Владата ја поништи одлуката за доделување на македонско државјанство на Украинецот Олександр Онишченко, чие име е на црната листа на САД, но одговорните се уште не се казнети. Од Владата не ги откриваат ниту причините врз основа на кои ја донеле таквата одлука и каде конкретно се пропустите во случајот.
Онишченко е на „црната листа“ на САД поради неговите врски со руските власти, а доби македонско државјанство како спортист во еквестријан на предлог на Коњичката федерација. Одлуката за доделување македонско државјанство на Онишченко ја донесе Владата, по добиено позитивно мислење од сите надлежни институции.
Она што останува нејасно за јавноста е како ниту една од овие институции не проверила барем на Интернет кој е украинскиот репрезентативец со руски пасош, каде што има бројни информации за него.
Од Владата избегнаа да дадат конкретен одговор за РСЕ околу одговорноста како за првиот човек на Агенцијата за национална безбедност - АНБ, Виктор Димовски, како и сите надлежни во случајот. Ќе ја почекаат истрагата.
„Во рамките на институциите се врши проверка односно истрага за да се констатираат пропустите при носењето на одлуката“, изјави портпаролот на Владата, Мухамед Хоџа.
На сослушувањето во Собранието, директорот на АНБ, Димовски изјави дека е лоцирано едно лице во институцијата кое без да се консултира со меѓународните партнери во НАТО, дало согласност дека за Онишченко нема безбедносен ризик. Но, Димовски вина не виде во себе иако е прв човек на АНБ, која е надлежна да изврши проверка на Онишченко.
Допрва ќе се открива дали се работи за пропуст, намера или лукративен интерес на искусниот оперативец во Агенцијата, како што најави Димовски пред пратениците.
„Останувам тука и подготвен сум да се соочам со се, ако се цени дека треба да сносам одговорност“, изјави Димовски.
Владата најпрво се правдаше дека дала позитивно мислење за државјанството на Онишченко бидејќи се било согласно законите, за потоа премиерот Димитар Ковачевски да изјави дека мора да има одговорност за случајот. Иако Ковачевски рече и дека е огорчен што институциите во земјава дозволиле таков пропуст, причините очекува да ги открие внатрешната истрага во Агенцијата за национална безбедност. Но, премиерот, воопшто не ја спомена улогата и одговорноста на Димовски.
Ќе го чини ли скандалот Димовски амбасадорското место?
Инаку, Димовски е кандидат за македонски амбасадор во Франција. Тој топката за тоа дали треба да биде назначен на функцијата ја префрли кај институциите, кои како што рече, треба да донесат одлука дали овој случај ќе влијае на неговата дипломатска кариера.
Со сличен став излезе и премиерот Ковачевски, кој за амбасадорската кандидатура на Димовски, рече дека најдобро би било одговор да се даде исто така во Собранието, односно во надлежната Комисијата за надворешни работи во Парламентот.
Претседателот на Комисијата за надворешна политика, Антонијо Милошоски за РСЕ вели дека продолжението на седницата на комисијата во однос на кандидатот за амбасадор Димовски зависи од завршувањето на седницата на Комисијата за надзор на АНБ, каде треба да се расправа за степенот на неговата одговорност.
„Од МНР побараа амбасадорските тези Димовски да ги презентира на затворена седница, веројатно заради критиките за оваа афера во која АНБ безбедносните проверки ги претворила во меѓународна трговија со државјанства. Но, после завршувањето на Комисијата за надзор над АНБ, најбитно е владата и претседателот на државата да размислат дали во држава како Франција, за амбасадор сакаат да испратат човек кој е компромитиран со вакви проруски безбедносни афери“, вели Милошоски.
Министерството за надворешни работи е надлежно за пополнување на амбасадорските места. Но, министерот Бујар Османи иако изјави дека скандалот со државјанството на Онишченко е тежок удар и голема дамка за репутацијата на државата, но дека Димовски и натаму е кандидат за амбасадор.
Одговорност има и МВР?
Во Законот за државјанство пропишани се условите за стекнување државјанство, а меѓу нив, наспроти тврдењата на шефот на АНБ, нема член дека проверка треба да се врши и во консултација со НАТО партнерите. Ако се суди според законот, вина за случајот треба да сноси и Министерството за внатрешни работи - МВР.
Според законот, овластеното службеното лице од Министерството за внатрешни работи кое ја води постапката за државјнството е должно да ги побара доказите и податоците кои се потребни за докажување на исполнетоста на условите. Воедно и барање за стекнување, престанување или утврдување на државјанство се поднесува до МВР.
Не е прв пат првите луѓе на надлежните институции да „избегнат“ одговорност за она што се случува во нивниот „двор“. Таков беше примерот и со случајот „Двојник“ за издавање на пасоши со лажен идентитет на 214 странски државјани, од кои многумина и познати криминалци, при што вработени во МВР добија од условни казни до 3 години затвор, како и забрана за вршење дејност и должност од десет години. Иако беше најавено дека истрагата ќе биде проширена за да се види кој бил вмешан во случајот од повисоката хиерархија на МВР новости нема до денес.
Иницијативата да му се даде македонско државјанство на 53-годишниот Украинец, Онишченко кој инаку има и руски пасош, дошла од македонската Федерација за коњички спортови. Позитивно мислење дал и Македонскиот олимписки комитет и Агенцијата за млади и спорт.
Она што останува нејасно за јавноста е како ниту една од овие институции не проверила барем на Интернет кој е украинскиот репрезентативец со руски пасош. Оничшенко станал пратеник во Украина во 2012 година, како дел од „Партијата на регионите“ на поранешниот проруски претседател Виктор Јанукович. По промената на власта во 2014 година, тој станува бизнис-партнер со новиот претседател Петро Порошенко сѐ до 2016 година, кога украинската Антикорупциска комисија отвора предмет против него.
Тој, како заменик-претседател на комисијата за енергенси е осомничен дека направил шема за користење на државните средства за набавка на гас во која биле инволвирани голем број лица, меѓу кои и неговата 72-годишна мајка. Осомничен е дека преку државната компанија за производство и дистрибуција на гас „Нафтогаз“ бил оштетен буџетот за над 100 милиони евра.
Тогаш украинското собрание му го одзема пратеничкиот имунитет, а Онишченко му станува најголем непријател на Порошенко. Онишченко избегал, прво во Велика Британија, а потоа во Шпанија, од каде што требало да биде екстрадиран во Украина. Од Шпанија заминал во Германија, но тие одлучиле да не го екстрадираат. Германскиот суд ја укинува потерницата по него и тој е ослободен, меѓутоа Украина сѐ уште го бара.
Во јануари 2021 година, САД воведуваат санкции против него поради тоа што е „член на руската мрежа за влијание врз американските претседателски избори што се одржаа претходната 2020 година“.