Украинските сили и жителите на Мариупол продолжија со, како што владата го нарече нивниот „херојски“ отпор на бруталниот руски напад. Во меѓувреме, руските сили ги интензивираа и ги проширија своите напади на други места, вклучително и врз главниот град Киев, каде во воздушен напад врз трговски центар и станбена зграда во близина, загинаа најмалку осум лица.
Украинските власти претходно го отфрлија рускиот ултиматиум за предавање на Мариупол. Претседателот Володимир Зеленски изјави дека Киев, Мариупол и Харкив нема да прифатат руска окупација. Тој ја обвини Москва дека се обидува да ја „уништи“ неговата земја.
„Украина не може да ги исполни руските ултиматуми. Прво треба да бидеме уништени, а потоа да се исполни нивниот ултиматум“, рече Зеленски.
Контрадикторни извештаи за преговорите
Видете и ова: Маките на украинските бегалци и нивниот статус во МакедонијаДодека војната, која започна со руската неиспровоцирана инвазија врз Украина на 24 февруари премина во својата четврта недела, има мешани извештаи кои произлегуваат од обидите да се најде решение за конфликтот преку преговори.
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во интервју изјави дека руските и украинските преговарачи се приближуваат до договор за „критичните“ прашања и дека се надева на потенцијален прекин на огнот насокоро.
Но, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска рече дека е потребен „значаен напредок“ во мировните разговори меѓу преговарачите пред да биде можна средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и Зеленски.
Русија во последните две недели се обиде да го опколи Мариупол, важно пристаниште на Азовското Море. Таа се обидува да ја преземе контролата врз градот, дозволувајќи му да го поврзе со Крим, кој го зазеде во 2014 година.
Жителите на Мариупол во последните две недели беа заробени без основни потреби, како што се вода, храна и гориво. Градот пред инвазијата броеше 400 илјади жители.
Руската војска и даде рок на Украина до 5 часот наутро по московско време на 21 март да го предаде Мариупол, ветувајќи дека за возврат ќе понуди два хуманитарни коридора, едниот ќе оди на исток кон Русија, а другиот на запад кон другите делови на Украина, за цивилите да го напуштат градот.
Полициски час во Киев
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, најави нов 35-часовен полициски час во главниот град на Украина, кој треба да започне денеска.
„Ги замолувам сите да останат дома или во засолништа кога ќе се огласи алармот“, рече Кличко.
Тој на социјалната мрежа Телеграм напиша дека полицискиот час ќе започне во 20 часот на 21 март и трае до 7 часот наутро на 23 март. Кличко рече дека продавниците, аптеките и бензинските пумпи нема да работат на 22 март. Делови од градот се под постојан оган од руските сили.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
ЕУ поделена за нови санкции
Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел денеска изјави дека Русија извршила многу воени злосторства.
„Тоа што се случува во Мариупол е огромно воено злосторство. Русија бомбардира и убива на неслективен начин. Ова е нешто страшно“, порача Борел пред почетокот на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ.
Министрите за надворешни работи на Европската унија денеска не се согласија околу тоа дали и како да воведат санкции за профитабилниот енергетски сектор на Русија поради нејзината инвазија на Украина, при што Германија рече дека блокот е премногу зависен од руската нафта за да се одлучи за ембарго.
ЕУ и сојузниците веќе воведоа низа мерки против Русија, вклучително и замрзнување на имотот на нејзината централна банка. Но, таргетирањето на руската нафта, како што направија Соединетите Американски Држави и Велика Британија ги подели 27-те земји членки на ЕУ, која се потпира на Русија за набавка на околу 40 отсто гас од своите потреби.
„Гледајќи го степенот на уништувањето во Украина во моментов, многу е тешко да се тврди дека не треба да се движиме во енергетскиот сектор, особено нафтата и јагленот“, рече ирскиот министер за надворешни работи Сајмон Ковени пред состанокот на колегите, повторувајќи ги коментарите од балтичките земји.
Но, Германија и Холандија рекоа дека ЕУ е зависна од руската нафта и гас и не може да се прекине утре со нивната набавка.
„Прашањето за нафтено ембарго не е прашање дали го сакаме или не, туку прашање на тоа колку зависиме од нафтата. Германија увезува многу (руска нафта), но има и други земји-членки кои не можат да го запрат увозот на нафта од еден ден во друг. наместо тоа, треба да работат на намалување на зависноста од Москва за нејзините енергетски потреби“, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок.
Дипломатите предупредија дека енергетиката е еден од најкомплексните сектори за санкционирање бидејќи секоја земја од ЕУ има свои црвени линии.
Русија ја нападна Украина на 24 февруари, но украинските сили пружија силен отпор, а Западот воведе огромни санкции кон Русија во обид да ја принуди да ги повлече своите сили.