Градскиот совет на Мариупол објави дека руските сили бомбардирале училиште во тој пристанишен град, во кое биле засолнети 400 луѓе. Официјални лица изјавија дека зградата е уништена и дека луѓето се под урнатините. Во училиштето биле сместени жени, деца и постари лица, соопштија украинските власти.
Комуникацијата со опколениот град е тешка, а Ројтерс наведува дека не може самостојно да ги потврди овие наводи. Локалните власти соопштија дека илјадници жители таму биле насилно префрлени преку граница.
„Во текот на изминатата недела неколку илјади жители на Мариупол беа депортирани на руска територија“, се вели во соопштението на градскиот совет на Телеграм.
Руските новински агенции објавија дека автобусите во последните денови превезувале неколку стотици луѓе, кои Москва ги нарекува бегалци од стратешкото пристаниште на Азовското Море, до Русија.
Во меѓувреме сирените за воздушни напади утрово се огласија во украинските градови, но нема извештаи за нови напади. Жителите на многу градови и региони низ Украина беа разбудени од сирени. Меѓу нив се главниот град Киев, Суми, Харкив, Запорожје и Лвив, јавуваат локалните медиуми.
Зеленски ја обвини Русија за воени злосторства
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека опсадата на пристанишниот град Мариупол ќе влезе во историјата поради, како што рече, воените злосторства извршени од руските војници.
„Да му се направи на овој мирен град она што го направија окупаторите е терор што ќе се памети со векови“, рече Зеленски во видео обраќањето до нацијата.
Руските сили навлегле подлабоко во опколениот и оштетен град, а локалните власти бараат дополнителна помош од Западот.
Најмалку 20 бебиња кои ги носеа сурогат мајка се заглавени во главниот град на Украина Киев, чекајќи нивните родители да ги земат во воената зона.
Бебињата, од кои некои се стари само неколку дена, ги згрижуваат медицински сестри кои не можат да го напуштат прифатилиштето поради постојаното гранатирање од страна на руските војници кои се обидуваат да го опколат градот.
Властите во источниот украински град Харкив соопштија дека најмалку пет цивили се убиени во најновото руско гранатирање.
Регионалната полиција во вториот по големина град во Украина соопшти дека меѓу жртвите во артилерискиот напад во неделата наутро има и деветгодишно момче.
Харкив е под опсада на руските сили од почетокот на инвазијата на 24 февруари и е под постојани ракетни напади.
Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук најави дека денеска ќе бидат отворени седум хуманитарни коридори за да им се овозможи на цивилите да ги напуштат линиите на фронтот.
„Украина евакуираше вкупно 190.000 луѓе од зоната на конфликтот од почетокот на руската инвазија на 24 февруари“, рече Верешчук.
Русија повторно истрела ракети, Украина предупредува на напади од Белорусија
Русија денеска истрела крстосувачки ракети кон Украина од бродови во Црното и Каспиското Море, објави новинската агенција Интерфакс. Министерство за одбрана вчера потврди дека уништило подземно складиште во западна Украина со помош на хиперсонични проектили.
Од истото министерство соопштија дека руската војска убила десетици „платеници“ во ракетен напад врз тренинг центар во западна Украина, јави државната новинска агенција РИА.
Портпаролот на министерството Игор Конашенков изјави дека повеќе од 100 украински војници и „странски платеници“ биле убиени кога „ракетна со голема прецизност“ погодила украинска база во регионот Житомир.
Во меѓувреме пак, Украина предуреди на можен ризик за напади од белоруска страна.
„Украина гледа висок ризик од напади од Белорусија врз регионот Волин во западна Украина“, објави канцеларијата на претседателот Володимир Зеленски, повикувајќи се на армијата.
Руската инвазија главно се фокусираше на северните, јужните и источните региони на Украина, иако проектили погодија воена база во близина на границата со Полска минатата недела.
Од соопштението од кабинетот на украинскиот претседател не е јасно дали гледаат закана во нападот на руските сили или белоруската армија, пренесе агенцијата Ројтерс.
Иако ја поддржува Русија, Белорусија досега официјално не ги ангажирала своите војници во руската инвазија на Украина.
Украина ги суспендираше проруските партии во земјата
Инаку Зеленски најави ограничување на активностите на 11 политички партии во таа земја, вклучително и некои кои се обвинети за врски со руската држава.
Во видео-обраќање, тој именуваше неколку партии, вклучително и опозициската платформа „За живот“, една од најголемите проруски партии со претставници во украинскиот парламент.
Украинското Министерство за правда веднаш ќе дејствува за спроведување на забраната, за која Зеленски рече дека ќе трае се додека е на сила вонредната состојба.
Русија на 24 февруари испрати десетици илјади војници во Украина во, како што ја нарече, „специјална операција за демилитаризација“ од нејзиниот јужен сосед.
Украинските сили пружија силен отпор, а Западот воведе сеопфатни санкции кон Русија во обид да ја принуди да ги повлече своите сили.