Достапни линкови

Двочасовен разговор Бајден - Си за војната во Украина, бомбардирањето продолжува


Руската инвазија врз Украина беше главната тема на денешниот двочасовен разговор меѓу американскиот претседател Џо Бајден и неговиот кинески колега СИ Џинпинг. Во меѓувреме руските напади врз украинските градови и натаму продолжуваат. Автор: Ивана Стојкова

Американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот лидер Си Џинпинг денеска два часа разговараа за руската инвазија врз Украина. Ставовите на Пекинг кон инвазијата, Тајван и билатералните односи беа дел од фокусот на разговорот се посочува во соопштението од Белата Куќа.

„Претседателот му ги опиша можните последици ако Кина ѝ даде материјална поддршка на Русија додека врши брутални напади врз украинските градови и цивили“, се вели во соопштението на Белата куќа.

Бајден во разговорот ја истакнал својата поддршка за дипломатско решение на кризата, се вели во соопштението.

Кинеските државни медиуми објавија дека Си Џинпинг му рекол на Бајден дека Пекинг и Вашингтон треба да работат заедно за мир.

„Кризата во Украина е нешто што не сакаме да го видиме“, му рекол Кси на Бајден, јавува кинеската државна телевизија.

Еден ден пред разговорот, американскиот државен секретар Антони Блинкен на брифингот со новинарите рече дека Бајден јасно ќе му стави до знаење на Џинпинг дека „Кина ќе сноси одговорност за сите дејствија што ќе ги преземе за евентуална поддршка на руската агресија и нема да се двоумат да преземат економски мерки“.

Тема на разговорот била и економската конкуренција меѓу двете земји, информира Белата Куќа без да открие повеќе детали.

Претседателите на САД и Кина телефонски разговараа за руската инвазија врз Украина

Претходно Кина и Русија ги интензивираа своите односи во последниве години, а Кина не успеа експлицитно да ја осуди руската инвазија на Украина, што предизвика загриженост во Вашингтон.

Во меѓувреме, денеска Јапонија и Австралија соопштија дека воведуваат посебни мерки со кои се санкционираат руски поединци и организации како казна за инвазијата врз Украина. Јапонија ќе воведе санкции против 15 руски поединци и девет организации, вклучително и претставници на одбраната и главниот државен извозник на оружје.Санкциите, кои вклучуваат замрзнување на имотот, се најнови во серијата мерки на Јапонија по руската инвазија на Украина.

Австралија воведе санкции за двајца руски милијардери, кои се поврзани со рударската индустрија во земјата. Австралиските мерки се насочени кон 41 руски олигарх и членовите на нивните потесни семејства кои веќе се соочуваат со финансиски санкции и забрана за патување.

Русија го гаѓаше аеродромот во Лвив, нови санкции против Москва

Русија пак продолжува со нападите врз Украина. Денеска мета на руските ракети беше фабрика за одржување на авиони во близина на аеродромот Лвив. Засега нема информации за жртви.

Проектилите кои го погодиле Лвив биле лансирани од Црното Море, објави западната команда на украинските воздухопловни сили на Фејсбук, додавајќи дека два од шесте лансирани проектили биле соборени. Руските сили вршат притисок и врз други украински градови, вклучително и врз главниот град Киев, каде беше забележано гранатирање во предградијата.

Истовремено, светските лидери инсистираат да се истражат руските напади врз цивилни цели, меѓу кои и на училишта, болници и станбени области.

Францускиот претседател Макрон разговарал со Путин

Спасувачките служби пак во Мариупол продолжија со потрагата по преживеани во урнатините на театарот кој беше цел на напади на 16 март. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека досега се спасени околу 130 луѓе од театарот во Мариупол кој беше погоден од руски воздушен напад, а уште стотина лица се уште се заробени во зградата. Зеленски во видео обраќањето објавено на социјалната мрежа Фејсбук рече дека спасувачките операции на терен ќе продолжат и покрај тоа што руските сили продолжуваат да го гранатираат опколениот пристанишен град. Театарот се користеше како засолниште за стотици жители заробени во градот кога руските гранати го уништија.

Руската телевизија го прекина говорот на Путин, Кремљ тврди- техничка грешка

Канцеларијата на Обединетите Нации за човекови права во Женева соопшти дека регистрирала 2.032 цивилни жртви во Украина, од кои 780 загинати и 1.252 повредени. Околу 3,2 милиони цивили побегнале во соседните земји, соопштија Обединетите нации. Повеќе од два милиони бегалци од Украина примила Полска, соопшти полската гранична служба. Тоа е повеќе од населението колку што има главниот град на Полска, Варшава.

Од полската граничната служба денеска на Твитер објавија дека бројот на луѓе кои преминуваат во земјата продолжува да се намалува. Изминатите 24 часа во земјата влегле нешто повеќе од 52 илјади луѓе, соопшти Службата. Се додава дека уште 7.100 влегле во земјата од 7 часот утринава.

„Тоа се претежно жени со деца. Стражарите се првите Полјаци кои им помагаат по преминувањето на границата. Честопати, само зборовите на поддршка значат најмногу“, велат од Граничната служба.

Повеќе од три милиони луѓе досега ја напуштиле Украина од почетокот на војната, откако Русија ја нападна земјата на 24 февруари, покажуваат податоците на Обединетите нации.

Не е јасно колку бегалци останале во Полска, бидејќи се смета дека многу од нив отпатувале во трети земји.

XS
SM
MD
LG