Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на значајни мировни и безбедносни разговори со Москва, порачувајќи дека тоа е единствената шанса на Русија да ја ограничи штетата од грешките по инвазијата и дека во спротивно ќе бидат потребни генерации за да се опорави од загубите претрпени во војната.
„Сакам сите да ме слушнат сега, особено во Москва. Време е за средба, време е за разговор“, рече Зеленски во видео обраќањето објавено денеска.
Украина отсекогаш нудела решенија за мир и сакала значајни и фер преговори за мир и безбедност, без одложување, рече Зеленски, додавајќи дека „дојде време да се врати територијалниот интегритет и правдата на Украина. Во спротивно, загубите на Русија ќе бидат толку големи што ќе биде потребно неколку генерации да закрепнат“, додаде Зеленски.
Двете страни со недели се вклучени во преговори, но без знаци за напредок. Зеленски рече дека руските сили намерно го блокираат снабдувањето со хуманитарни материјали за нападнатите градови, коментирајќи дека тоа е „намерна тактика“.
Тој исто така рече дека нема информации колку луѓе загинале откако во средата беше погоден театарот во градот Мариупол, во кој се засолниле стотици луѓе, додавајќи дека досега се спасени повеќе од 130 луѓе.
Околу 400.000 луѓе се заробени во стратешкиот пристанишен град на Азовското Море повеќе од две недели, а силните бомбардирања го прекинаа снабдувањето со електрична енергија, греење и вода. Официјални лица во Мариупол велат дека 2.500 луѓе загинале откако руските сили ја преминаа украинската граница на 24-ти февруари.
Русија потврди дека употребила хиперсонични ракети
Руското Министерство за одбрана соопшти дека нејзините сили „го стегаат обрачот“ околу Мариупол и дека борбите стигнале до центарот на градот. Министерство денеска потврди и дека уништило подземно складиште во западна Украина со помош на хиперсонични проектили.
Се вели дека магацинот во регионот Ивано-Франковск содржел ракети и авионска муниција, иако тоа не е потврдено од другата страна.
Русија соопшти дека уништила и радија на украинската војска и разузнавачки центри во близина на пристанишниот град Одеса користејќи го крајбрежниот ракетен систем, наведува агенцијата Интерфакс.
Хиперсоничните ракети можат да патуваат пет пати побрзо од брзината на звукот, со брзина од 5 маха и повеќе.
Украинските вооружени сили пак тврдат дека во последните 24 часа собориле два руски авиони и три хеликоптери.
Се наведува и дека собориле четири непријателски крстосувачки ракети, додавајќи дополнителни детали за „херојскиот отпор на украинскиот народ“.
Украина тврди дека погодила вкупно 12 руски воздушни цели во последните неколку часа и дека Русија продолжува да трпи големи загуби, додавајќи дека руската опрема е уништена во регионите Николаев и Суми.
Девет загинати во гранатирањето на периферијата од Запорожје
Заменик-градоначалникот Анатолиј Куртиев потврди дека девет лица загинале, а 17 се ранети во руското гранатирање на периферијата на градот Запорожје во петокот.
Куртиев рече дека Запорожје во последните денови се соочува со напади на руските војници со минофрлачи, тенкови, хеликоптери и ракетни системи.
Украинската армија објави полициски час од 38 часа во Запорожје, кој започнува во 14:00 часот по Гринич и завршува во раните утрински часови во понеделник. Куртиев ги повика луѓето да не излегуваат во овој период.
Овој јужен град стана важна транзитна точка за околу 35.000 луѓе кои избегаа од опколениот град Мариупол во последните денови.
Сепак, Запорожје не беше без конфликти, со најголемата европска нуклеарна централа сè уште во рацете на руските војници. Во последните денови Москва уништи муниција на локација во Запорожје „во близина на урнатините на центар за обука“, која беше запалена од руски ракети претходно во конфликтот.
Украина се надева на отворање на десет рути за евакуација
Денеска ќе се направат обиди да се отворат хуманитарни коридори од градовите на првата линија на конфликтот со Русија, соопшти украинската вицепремиерката Ирина Верешчук. Таа рече дека се надева оти ќе бидат активни 10 рути за евакуација, но се уште не е јасно дали Русите се согласиле.
Сепак, таа потврди дека договорената рута е од опколениот јужен пристанишен град Мариупол, кој со недели се соочува со немилосрдно бомбардирање на руски ракети.
Минатата недела неколку илјади луѓе конечно успеаја да побегнат од пристаништето на Црното Море по бројните неуспешни обиди за прекин на огнот.
Во меѓувреме, регионалните власти во источниот регион Луганск потврдија дека хуманитарниот коридор е отворен во 7 часот по Гринич, иако не е јасно кон каде води.
Како течат мировните преговори меѓу Русија и Украина
Откако руските трупи ја нападнаа Украина на 24 февруари, се одржаа неколку рунди разговори меѓу делегатите од Киев и Москва. Тешко е да се процени колкав напредок е постигнат во дискусиите досега.
Претходно оваа недела, Фајненшл тајмс откри потенцијален мировен план од 15 точки, кој ќе вклучува откажување на Киев од своите амбиции за влез во НАТО и ветување дека нема да биде домаќин на странски воени бази или оружје во замена за заштита на Западот.
И главниот руски преговарач во петокот рече дека Москва и Киев ги приближиле своите позиции „колку што е можно повеќе“ до предлогот Украина да стане неутрална држава.
Сепак, Украинците беа понезадоволни во нивната проценка за состојбата на преговорите. Михаил Подољак, советник на претседателот Володимир Зеленски, кој учествува во преговорите, рече дека ставот на неговата земја не е променет.
Поранешниот руски премиер Михаил Касјанов во петокот за Би-Би-Си изјави дека претседателот Владимир Путин не е „сериозен“ во врска со мировните преговори и дека веројатно нема да понуди какво било решение за конфликтот „што би било погодно за украинскиот народ“.