Достапни линкови

Маките на украинските бегалци и нивниот статус во Македонија


Украински бегалци од Мариупол, 20 март, 2022
Украински бегалци од Мариупол, 20 март, 2022

Расте бројот на украински граѓани кои бараат помош во Македонија, поради руската воена инвазија во нивната земја. Иако земјава најави дека ќе прима украински бегалци, скоро еден месец од почетокот на војната се уште отсуствуваат јасни насоки за тоа што треба да прават овие луѓe.

Педесетина украински државјани досега побарале помош од македонскиот Црвен Крст од почетокот на руската воена агресија во Украина. Како што појаснуваат оттаму, најголем дел од нив се сместени кај свои роднини и пријатели во земјава, а најмалку две лица во Гевгелија веќе планирале да бараат и меѓународна заштита од државата за да им го признае нивниот статус на бегалци.

Се работи за млад пар од Украина кој преку Грција влегол во Македонија, а во Гевгелија изнајмиле апартман додека да размислат што да прават понатаму. По првичната помош која им била понудена од Црвен крст, тие минатата недела решиле и официјално да побараат од државата да го реши нивниот статус.

Гевгелија има искуство со бегалци, бидејќи беше во центарот на бегалската криза во 2015 година, кога неколку милиони лица од државите како Сирија, Авганистан или Пакистан поминаа по т.н. балканската рута. Тие од Грција во Македонија влегуваа кај Гевгелија, а крајната цел им беа западните држави. Оваа општина и сега е домаќин на повеќе Украинци кои тука барем привремено побарале мир од сирените за тревога и секојдневните гранатирања на многу украински градови.

Како што појаснува градоначалникот Андон Сарамандов, во нивната општина покрај младиот брачен пар, допатувало уште едно семејство кое живеело близу Харкив, градот кој со недели е мета на руските сили. Гевгелија се нашла на нивната мапа бидејќи имале македонски корени, откако во 40-тите години од минатиот век нивни членови се иселиле оттука. Сега војната во Украина принудила шестмина од семејството, од три различни генерации да дојдат во Гевгелија. Уште едно украинско семејство два дена престојувало во градот, раскажува градоначалникот, но си заминале за Словенија бидејќи разбрале дека таму веќе има систем за прифаќање на украинските бегалци.

„Од наша страна им беше кажано, што и да треба, било каква помош, дека сме тука заедно со црвен крст Гевгелија. И ние како град и Македонија како држава, секогаш била хумана, така да мора да помогнеме“, вели Сарамандов кој укажува дека сега е неопходно државата да донесе конкретна стратегија и пакет мерки за луѓето што ги напуштиле своите домови.

Според информациите од Македонскиот Црвен крст, кај нив до петокот помош побарале 54 граѓани. Најголемиот дел се сместени во Скопје, Прилеп и Гевгелија. Во Црвен крст треба да се регистрираат за да добијат првична психо-социјална помош, но и храна, облека, хигиенски материјали. Како што појаснува Александра Ристевски од скопското одделение на организацијата, повеќето се жени со деца кои целиот живот го спакувале во еден куфер со најосновни работи. Пред да добијат помош од Црвениот крст мора да пријават престој во полиција. Во меѓувреме треба да решат дали ќе побараат азил, односно статус на меѓународна заштита во Македонија.

„Црвен крст секако дека дава поддршка во овој процес, и на државата и на државните власти, кажува, дојавува дека бројките се зголемуваат, дека треба да има олеснувања во целиот процес во делот на нивната регистрација којашто треба да ја добијат, нивната заштита и слично и тоа е многу важно бидејќи се работи за здравствена заштита, можности и услови за образовниот систем, градинките за децата и сето друго што им е загарантирано со една ваква заштита“, вели Ристовски.

РСЕ - разговараше со млад пар кој од Украина дојде во Македонија

Бегството на Вероника и Стефан од Одеса до Скопје
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:27 0:00

Од Министерството за образование и наука не одговорија на прашањата на РСЕ за тоа под кои услови децата на украинските бегалци би можеле да се вклучат во редовното образование. Во однос на здравствената заштита за бегалци од Украина, од Министерството за здравство посочија ќе им биде обезбедена на сите кои имаат потреба од неа.

„За таа цел веќе формиран е тим во МЗ кој работи на ова поле, и врши соодветно планирање со цел обезбедување на неопходната здравствена услуга за лицата на кои тоа им е неопходно“, велат од ова министерство.

Дел од украинските државјани кои во моментов се во Македонија веќе се обратиле за помош и до здружението „Млади правници“, кое веќе 15 години работи со бегалци и баратели на азил во земјава. Зоран Дранговски од здружението, појаснува дека во моментов најголем дел се влезени законски и имаат дозвола за тримесечен престој. Како што добива и секој турист. Тој додава дека според меѓународното право иако секој кој бега од војна се смета за бегалец, во пракса за да добие заштита во државава треба да го регулира својот статус. Она што го забележува во моментов, е дека Македонија се уште нема дадено јасни насоки што треба да направат овие луѓе.

„Државата се уште нема излезено со насока каков правен статус би добиле, затоа што и во Законот за странци има престој од хуманитарни причини од една година, меѓутоа во тој случај не може да ја уживаат таа заштита што би ја добиле доколку би имале привремена заштита или мегународна заштита согласно Законот за мегународна заштита. Очекуваме што е можно поскоро државата да излезе со јасни насоки околку нивната позиција“, дециден е тој.

Од досегашната пракса добивањето азил, односно меѓународна заштита во Македонија не е лесна работа. Така, во изминатите десет години биле поднесени над 6000 барања за азил во земјава, најголем број во 2014 и 2015 година. Од нив позитивно решени се десетина, односно статус на признаен бегалец добиле 15 лица, а азил заради субсидијарна заштита 14 лица.

За Дранговски, добар пример за надминување на проблемот со статусот на украинските бегалци едирективата за привремена заштита на украинските бегалци која пред две недели ја донесе Европската комисија. Со неа се овозможува издавање дозволи за престој, право на работа, социјална и здравствена заштита и образование. Таа важи за сите граѓани на Украина како и членовите на нивните семејства, а бегалците од Украина добиваат право на престој и работа во ЕУ во следните три години. Од „Млади правници“ се надеваат дека нешто слично ќе се донесе и кај нас.

„По првичниот шок на бегство од една држава во друга, после периодот на стабилизација луѓето мора да почнат нормално да функционираат, деца да одат во градинка, во образование, луѓето да имаат извори на финансирање односно вработување, затоа што никој не знае колку ќе трае оваа војна. Се додека луѓето се бегалци и се надвор од нивната држава, земјата домаќин мора да им ги обезбеди сите права што им следуваат согласно конвенцијата за заштита на правата на бегалците, за да имаат колку може нормален живот, додека заврши војната“, заклучува Дранговски.

Педесетината Украинци кои побарале помош од Црвениот крст не се еднинствените Украинци кои престојуваат во Македонија. Така, од почетокот на руската воената инвазија врз Украина, на 24 февруари во земјава влегле 1924 украински државјани. Во истиот перид од неа си заминале 1365 Украинци, односни 559 останале тука, покажува статистиката на Министерството за внатрешни работи.

Македонската влада во меѓувреме ги пребројува потенцијалните сместувачки капацитети на државните органи доколку има потреба за прифаќање бегалци од Украина. Минатата недела го задолжи Министерството за финансии да обезбеди 120 милиони денари за организирање и обезбедување на хотелско сместување и дополнителни услуги за украински граѓани кои како бегалци од воените жаришта би пристигнале во нашата земја.

Меѓу конкретните мерки кои беа најавени од владата се тие дека на украинските државјани затекнати во Македонија ќе им се овозможи продолжување на престојот во земјава, како и дека нашите институции ќе им обезбедат олеснет влез без обврска за поседување негативен ПЦР-тест за Ковид-19, поради хуманитарни причини.

Исто така нема да се бара зелен картон на граница, откако минатата недела од Националното биро за осигурување објави дека сите лица со статус на бегалци од Украина на влез во нашата земја ќе бидат ослободени од плаќање на гранично осигурување. Одлуката ќе важи до 30 јуни годинава, за сите возила со украински регистарски таблички кои превезуваат лица со статус на бегалци од Украина без разлика дали возилата ќе транзитираат низ македонска територија или ќе останат во нашата земја.

Во меѓувреме, додека повеќе украински градови се под опсада или гранатирани од руските сили, расте бројот на луѓе кои ја напуштаат Украина. Како што изјави вчера шефот на Агенцијата на ОН за бегалци УНХЦР, Филипо Гранди, десет милиони луѓе или повеќе од една четвртина од населението, ги напуштиле своите домови во Украина по руската инвазија.

Руската воена операција во Украина почна на 24 февруари и оттогаш 3,4 милиони луѓе побегнаа во соседните земји. Само Полска досега има примено повеќе од два милиона украински бегалци.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG