Вонредна состојба или избори - лидерска кај Пендаровски

Архивска фотографија- Лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, по одлуката на ЕУ да не и даде на Македонија датум за почеток на преговори.

Лидерите на седум партии, премиерот Оливер Спасовски и претседателот на Собранието Талат Џафери денеска кај претседателот Стево Пендаровски ќе се обидат да најдат решение за неколку прашања меѓу кои како најважно во јавноста периодов се наметна датумот за избори.

Партиските позиции делумно се познати. Претседателот на СДСМ Зоран Заев, викендов по средбата со своите коалициски партнери даде конкретен датум - 14 јуни. Објаснувањето на владејачката коалиција е дека треба да се искористи моментот на стивнување на епидемијата на коронавирусот летово, оти од наесен е можно да има нов бран.

„Нашата држава навремено и соодветно презеде мерки и добро се справува со коронавирусот, но потребни се институции, потребни се Влада и Собрание со полн легитимитет за ефикасно спреавување со последиците од оваа криза“, вели Заев.

Од ДУИ, владиниот коалиционен партнер, засега не даваат конкретен датум туку испорачуваат два услова- едниот е Комисијата за заразни болести да каже дека таков процес нема да загрози здравје на граѓаните и второ – ОБСЕ/ОДИХР да констатира дека можат да ги следат изборите.

ОДИХР е спремна да ја прати својата набљудувачка мисија откога повторно ќе почне изборниот процес во зависност од здравствената ситуација, вели во писмениот одговор до Радио Слободна Европа Катја Андруз, портпарол на Канцеларија на ОБСЕ за демократски институции и човекови права ОДИХР со седиште во Варшава.

„ОДИХР за жал беше принудена да ја запре мисијата за набљудување на предвремените парламентарни избори во Северна Македонија кога изби пандемијата на КОВИД19. Покрај ограничувањата на патувањата, тоа исто така би можело да го загрози здравјето и безбедноста на нашиот персонал, што секогаш е најважно за нас. Ги информиравме властите дека ОДИХР е спремна повторно да ја прати набљудувачката мисија кога изборниот процес повторно ќе почне, зависно од здравствената состојба и можноста за патување и какви било други рестрикции кои ќе ги има тогаш“, се наведува во одговорот.

Видете и ова: Мицкоски за избори летово, ако не се загрозува здравјето на граѓаните


Во пресрет на средбата кај претседателот Пендаровски и позициите на ВМРО-ДПМНЕ стануваат појасни. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека се за одржување избори ова лето, но за избори кои нема да го загрозат животот на граѓаните.

„За да видиме кога ќе се одржат избори сакам да ги слушнам здравствените власти и по тоа да се водам, а исто така и претседателот на ДИК колку време се потребни за подготовки на предвремените парламентарни избори“, рече Мицкоски викендов.

Тој претходно како евентуален термин за избори ја спомена втората половина на јули. На средбата кај Пендаровски ќе учествуваат и лидерите на Алијанса за Албанците – Зиадин Села, Алтернатива – Африм Гаши, Движење Беса – Билал Касами и на ДПА – Мендух Тачи.

Избори под маски

Здравствените власти, конкретно Комисијата за заштита од заразни болести и покрај претходните најави за олеснување на мерките, ја одложи одлуката поради неколкудневното зголемување на бројот на заболените деновиве. И додека се чека развојот на настаните со епидемијата, од Државната изборна комисија (ДИК) веќе отворија прашања за тоа како би се одвивале избори во време на пандемија.

Видете и ова: Јуни или Јули - партиите сакаат избори

Претседателот на ДИК Оливер Деркоски за Радио Слободна Европа вели дека и тие чекаат насоки од здравствените власти за да го организираат изборниот процес. Но и сега е јасно дека ќе треба реорганизација, затоа што како што вели Деркоски на пример за претходните изборни процеси изнајмуваат околу 700 приватни објекти во кои се гласа, кои вообичаено се мали, па сега ќе треба да се бараат поголеми.

„Понатаму ќе треба дополнително да ангажираме луѓе, како на пример луѓе за пред влезот на избирачкото место кои ќе мерат температура, потоа некои кои што ќе се грижат за дезинфекцијата. Во ситуација кога во нормални услови за избори ангажираме околу 35 000 луѓе, замислете уште колку би требало да ангажираме сега. Сето ова е јасно дека ќе го отежне процесот и веројатно ќе влијае на излезноста“, вели Деркоски.

Како без избори и без парламент?

Инаку изборите беа закажани за 12 април, а Собранието се самораспушти на 16 февруари и од тогаш не функционира. Првиот случај на заболен од коронавирус во Македонија беше регистриран десет дена подоцна, на 26 февруари, а претседателот Пендаровски првата вонредна состојба ја прогласи на 18 март. Втората, со времетраење од 30 дена, е прогласена на 16 април и истекува следниот викенд. Во меѓувреме партиите договорија одложување на изборите поради пандемијата, а мандатот на овој парламентарен состав истекува во декември.

Видете и ова: Уставен суд нема да ги врати пратениците на работа

Дел правници посочуваат дека одржувањето на избори пред можниот нов пик на епидемијата наесен е неопходно бидејќи во спротивно ќе биде закочен целиот систем, без парламент и со поминат мандат на пратениците.

До изборите, пак, дојде по инсистирањето на опозицијата откако државава не доби датум за преговори со Европската унија на ланскиот есенски самит на западниот блок и покрај сменетото име во Република Северна Македонија.