Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, демантира: „Изјавите на Бојан Јовановски се неточни – Заев негира дека му кажал на Јовановски оти го следат странски служби него и поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева“, насловува Нова Македонија. Порталот на истиот весник ја објавува и изјавата на обвинителката, Вилма Русковска: „Во телефонот на првообвинетиот е најдена фотографија со точна локација и време и торбата Луј Витон на неа“. Ова образложение, објаснува порталот, Русковска го дала по тврдењето на Јовановски дека од „домот на Орце Камчев торбата ја зел Кичеец и дека оттогаш ја нема видено“. Вечер го цитира потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски: „Бараме ЈО да поведе постапка против Заев, тој е главата на рекет шемата“; и уште еден наслов: „Боки 13: Во СЈО имаше снимки на кои Заев се слуша како збори за избори во Охрид“, и уште еден наслов: „Боки 13: Ме наместија, парите не сум ги ни видел, ни пипнал“. Истиве вести ги објавуваат и порталите Република и Курир.мк.
„Масовен верски собир без маски во Струга, МПЦ најави дека ќе биде без верници” – ја објави другата топ вест порталот СДК.МК. Слободен печат и други електронски изданија на печатените медиуми го цитираат потпретседателот на Владата за европски прашања и претседател на Главниот кризен штаб, Бујар Османи, од интервјуто за Слободна ТВ: „Она што се случи во Струга е разочарувачки. Сѐ она што се обидувавме, што вложувавме големи напори – во Струга се сруши”. СДК.МК го објави постот на министерот за здравство, Венко Филипче: „Разочаран сум, масовниот верски собир во Струга е непочитување на здравствените работници“. Плусинфо го цитира оној дел од постот на министерот каде што тој бара истрага за скандалозниот собир во Струга. Слободен печат, пак, го цитира постот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев: „Има само еден логичен чекор што Чулев треба итно да го преземе – Оставка!“ Курир го користи ФБ постот на поранешната потпретседателка на СДСМ и на Собранието, Фросина Ременски која го брани техничкиот министер за внатрешни: „Најдете еден министер за внатрешни работи што растурил или може да растури литија или верски обред во вонредна состојба!” Порталот Република и неделникот Фокус ја објавуваат веста дека „Обвинителството во Струга по допрен глас отвора истрага заради присуство на граѓани на литијата заради непридржување на здравствените прописи во услови на пандемија“.
ИВЗ на 12 мај ги отвора џамиите
Слободен печат информира дека од 12 мај се отвораат џамиите во Македонија, а порталот Курир веста ја објавува со следниов наслов: „ИВЗ контра коронавирусот: Џамиите се отвораат на 12 мај“.