Неколку недели е разликата меѓу посакуваниот датум за парламентарни избори во СДСМ и во ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на владејачката партија Зоран Заев смета дека тие треба да се одржат во средината на јуни, а првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека најдобар период е првата половина на јули. ДУИ испорача два услова- да биде безбедно за здравјето на граѓаните и да има набљудувачи од ОБСЕ/ОДИХР. Заедничко за сите, пак,е што велат дека ќе се водат исклучиво внимавајќи на здравјето на граѓаните во услови на коронавирус.
Министерот за здравство Венко Филипче воздржано вели дека се ќе зависи од препораките на стручните лица и Комисијата за заштита од заразни болести. Тој, според испитувањето на јавното мислење спроведено од Институтот за политички истражувања Скопје, пак, ужива доста висок рејтинг кај граѓаните. На прашањето дали сте задоволни од работата на министерот во однос на кризата со коронавирусот, 78, 3 отсто од испитаниците во анкетата спроведена од 21 до 24 април одговориле со „да“. Но, дали ваквиот рејтинг на министерот значи дека граѓаните ќе бидат уверени дека е безбедно да гласаат?
Универзитетскиот професор Никола Дујовски вели дека нема потреба да се „убедуваат граѓаните“, туку да се определи термин за избори, па кој сака нека гласа, а кој не сака, вели нека остане дома.
„Ние сме пред исклучително големи предизвици и да не создаваме непотребна паника, оти ако Комисијата за заразни болести каже дека нема потреба од полициски час, дека може граѓаните слободно да се движат не гледам никаква причина да не се организираат изборите“, вели Дујовски.
Како на избори со новото „свето тројство“?
А, ако се договорат изборите тие во време на коронавирус би изгледале сосема поинаку од досегашните изборни циклуси. На пример, едно од основните барања на избирачката комисија за да го утврди идентитетот на гласачот, е да го види неговото лице и да го спореди со тоа на личната идентификација. Сега, а и за понатаму, како што најави Филипче, ќе важиново свето тројство- носење маска, држење дистанца и дезинфекција на рацете.
Претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски за Радио Слободна Европа вели дека и тие чекаат насоки од здравствените власти за да го организираат изборниот процес. Но и сега е јасно дека ќе треба реорганизација, затоа што како што вели Деркоски на пример за претходните изборни процеси изнајмуваат околу 700 приватни објекти во кои се гласа, кои вообичаено се мали, па сега ќе треба да се бараат поголеми. Претседателот на ДИК додава и дека поголеми гласачки објекти ќе требаат и поради доволно голем простор во кој и членовите на избирачките комисии ќе имаат можност да ја одржуваат потребната физичка дистанца од два метра.
„Понатаму ќе треба дополнително да ангажираме луѓе, како на пример луѓе за пред влезот на избирачкото место кои ќе мерат температура, потоа некои кои што ќе се грижат за дезинфекцијата. Во ситуација кога во нормални услови за избори ангажираме околу 35 000 луѓе, замислете уште колку би требало да ангажираме сега. Сето ова е јасно дека ќе го отежне процесот и веројатно ќе влијае на излезноста“, вели Деркоски.
ДИК со повеќе работа
Работите, како и да е, се очекува да станат појасни по лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски идната недела. Тогаш, се очекува да биде договорен терминот за избори. Потоа ќе треба да се решат и други работи поврзани со нив, а Деркоски се надева дека измените ќе може да ги направи комисијата, оти во услови на нефукционален парламент би требало да ги заврши владата со уредба додека трае вонредната ситуација до 16 мај.
„Следнава недела ќе имаме состанок да се обидеме да ја превенираме ситуацијата, да видиме дали навистина постојат такви ситуации за кои ќе бидат потребни законски промени и нема да може да се решат со нашите подзаконски акти кои обично ги носиме за да ја доуредиме постапката“, вели Деркоски.
Инаку, недобивањето датум за преговори за членство во Европската унија во октомври 2019, беше причина лидерите на најголемите партии во земјава да договорат одржување на предвремени парламентарни избори на 12 април оваа година. Тие беа одложени поради избувнувањето на здравствената криза предизвикана од коронавирусот.
Собранието, пак, се самораспушти на 16 февруари и од тогаш не функционира. Првиот случај на заболен од коронавирус во Македонија беше регистриран десет дена подоцна, на 26 февруари, а претседателот Стево Пендаровски првата вонредна состојба ја прогласи на 18 март. Втората, со времетраење од 30 дена, е прогласена на 16 април и истекува следниот викенд.