Судиите на Уставниот суд не ја прифатија иницијативата на нивниот колега, судијата Осман Кадриу, за поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието. Во соопштението на Уставниот суд се наведува дека на работниот состанок судиите едногласно зазеле став дека не постојат услови за прифаќање на иницијативата.
„Ова е од причина што во случајот станува збор за пресудена работа што значи дека Судот веќе се изјасни за уставноста и законитоста на оваа одлука на Собранието во предметот У.бр.40/2020, на седницата одржана на 8 и 15 април 2020 година, кога со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на нејзината уставност и законитост“, се наведува во соопштението.
Инаку, пратениците на 16 февруари гласаа за распуштање на Собранието за да се одржат предвремените парламентарни избори на 12 април, но тие се одложија поради пандемијата на коронавирусот. Засега се уште е неизвесно кога тие ќе се одржат, а работите се очекува да станат појасни идната недела, по лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски. Претседателот на СДСМ Зоран Заев смета дека тие треба да се одржат во средината на јуни, а првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека најдобар период е првата половина на јули.
Собранието,пак, речиси три месеци не функционира. СДСМ минатиот месец поведе иницијатива на која се потпишаа пратеници од владејачкото мнозинство и од неколку други партии за ставање на Собранието во функција. Од партијата велат дека има потреба за свикување на Собранието поради времетраењето на здравствената криза, а истовремено и за потврдување на одлуките од страна на Претседателот на државата за прогласување на вонредна состојба. Но, собранискиот претседател Талат Џафери не го свика повторно со образложение дека еднаш распуштен парламент не може повторно да се свика. Од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ не ја поддржаа иницијативата Собранието повторно да работи.
Ако Собранието, пак, не функционира, а треба да се одржат избори, тогаш сите неопходни измени би требало да ги донесе владата со уредби со законска сила, но тие може да ги носи само додека трае вонредната состојба односно до 16 мај. Во меѓувреме владата исто така со уредба ги стопира изборните дејствија и дека тие ќе продолжат од денот на престанок на вонредната состојба.
Судот не ја оценуваше уставноста на првата вонредна состојба
Инаку, на седницата на Уставниот суд, која се одржа денеска пред работниот состанок, мнозинството судии одлучија да не ја оценуваат уставноста на прогласувањето на првата вонредна состојба прогласена на 18 март со образложение дека таа е беспредметна затоа што првата вонредна состојба е веќе завршена.
Во однос на прогласувањето на вонредната состојба на дневен ред беше точката 4 од одлуката на претседателот Стево Пендаровски за прогласување на првата вонредна состојба. Во одлуката објавена во Службен весник, се наведува дека „за времетраењето на вонредната состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила“.
Во Уставот, пак, вонредната и воената состојба се регулира во седум члена, почнувајќи од 122 до 128. Конкретно за уредбите со законска сила, што е и оспорена пред Уставниот суд, во членот 126 од Уставот пишува речиси идентично како и во одлуката за вонредна состојба на претседателот односно дека „при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието“.
Претседателот на Уставниот суд Сали Мурати во интервју за МИА вели дека досега примиле и други иницијативи за уставноста и законитоста за речиси сите досега донесени уредби со законска сила од Владата.
Иницијативи и за втората вонредна состојба
Инаку, претседателот првпат вонредна состојба прогласи на 18 март, а вториот пат, во услови во кои Собранието е распуштено поради предвремените избори кои првично беа закажани за 12 април, прогласи вонредна состојба во траење од 30 дена на 16 април.
Ова во услови која Собранието не функционира, во Уставот е предвидено да го одлучува претседателот. Имено, во членот 125 се наведува дека вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии, дека постоењето на вонредна состојба го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници.
„Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане“, се наведува во Уставот.
Сали Мурати вели дека и за втората одлука на претседателот за утврдување на постоење на вонредна состојба донесена во април има оформен посебен предмет и штом ќе се изготви реферат ќе биде предложен за разгледување на седница на Судот.