Достапни линкови

Јуни или Јули - партиите сакаат избори


Комбо Фотографија - Зоран Заев и Христијан Мицкоски
Комбо Фотографија - Зоран Заев и Христијан Мицкоски

Изборите, вонредни парламентарни, кои беа сопрени поради коронавирусот и вонредната состојба се вашата нова тема за коментирање на ФБ страницата на РСЕ

Нова тема за коментирање на посетителите на ФБ страницата на РСЕ – изборите. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека тие се за избори летово, ако не се загрозува здравјето на граѓаните, но судејќи според реакциите во постовите граѓаните како да не му веруваат многу за искажаната грижа, не само нему туку воопшто на политичарите.

Постот на Блажо Коцев може да се земе како заеднички именител за напишаните коментари: „Многу се секирате за здравјето на граѓаните, на сите политичари им е важен само личниот интерес“. И Невруш Реџепоски е на истата линија: „Многу се грижиш за здравјето на граѓаните дури да го фатиш столот“. Благоја Котески потсетува: „До вчера бараше предвремени избори, сега се криеш зад граѓаните и короната, а од друга страна со министерот индиректно ги охрабрувате граѓаните да не ги почитуваат мерките“, па додал: „И Грујо беше помалку лицемерен од тебе!“ Благојче Наков ,исто така, го спомнува избеганиот Груевски: „... ќе се грижи да му го земе здравјето на народот како неговиот претпоставен во Будимпешта“.

Орце Цветковски смета дека Мицкоски се плаши дека ќе изгубат на изборите и „тоа е проблемот“ - вели. СДСМ и коалицијата „Можеме“ се за избори на 14 јуни, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, а Гоце Анимаг Атанасовски му се обраќа на Заев: „На Македонија ѝ треба вистински лидер, а не како тебе забеготина“. Надица Дамјановска има спротивно мислење: „Во овие услови само Зоран Заев и никој друг, јасно како ден!“ Зулко Зуко Зекири му реплицира на Атанасовски: „Што мислиш, кој е подобар, забеганиот Заев или остатокот од криминалниот режим на споменичарот со стиропор фасади, Груевски...“, а потоа апелира: „Разбуди се Македонче, доста е од изолација и пресија, од две ЗЛА одбери го помалото... размисли сам, не дозволувај други да мислат за тебе, а ти само да следиш“.

Изјавата на потпретседателот на Владата за евроинтеграции Бујар Османи дека верниците не се криминалци и треба да се најде начин за практикување на верските обреди, многумина од оние што коментирале прават споредби. Димитар Каев постирал: „... Што има врска криминалец со верник?? Каква споредба и логика??? НЕМА групирање за НИКОЈ, бил верник или неверник, криминалец или не“. Никола Илоски со коментар: „Акал невиден... нели бараше одговорност за струшката литија... а сега што збориш... повлечи се!“ И Седит Бекироски размислува аналитички: „Хммм, значи ако не почитува закон а оди во верски објект, тој човек е, ок? А ако не почитува закон и излезе да прошета, тој човек е криминалец?? Многу глупа и смешна изјава, законот или се почитува и важи за сите или не се почитува и не важи за никого... ова што го изјавуваш веќе е политикантство, нема врска со правна држава...“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG