За време на полициски час непознати лица во неколку наврати крадеа делови од покривот и други предмети од поранешната фабрика за трикотажа „Пелистер“, реагираат жителите од куќите во соседството. Тие кажуваат дека во период додека траела забраната за движење, виделе лица качени на покривот од фабриката како го корнат лимот и други материјали од објектот, ги вадат надвор, товарат на импровизирани колички и заминуваат.
„За ова неколкупати пријавувавме во полицијата. Последен пат ги видовме качени на покривот од фабриката и ги фотографиравме зашто на одговорните кога и да ги пријавевме ни велеа дека направиле контрола“, но не ги затекнале таму.
„Ова се лоши луѓе, крадци, сите сме вознемирени. Катастрофа. Што ќе посакаат ќе дојдат и ќе земат, слободно е.“
„Кражби има еден куп, бакарни кабли повеќе пати краделе. Ја исекоа насрешницата, вратата ја украдоа. Мислиме дека се организирани. Сè е пријавено, но не се фатени.“
„Катанците ги отвораат како да имаат резервен клуч, ако не можат ќе го скршат катанецот, а вратата со хебла ја отворат.“
„Да се пријавуваат сите кражби зашто ако не се прави тоа, им се дозволува да продолжат понатаму“, реагираат жителите од оваа населба.
При неодамнешна кражба на бакарни кабли предизвикале и проблеми со струјното напојување на околните објекти.
Фабриката е во стечај од 2017 година и запрен е производствениот процес. Таа беше најголемиот битолски конфекциски гигант кој успеа да ги преживее сите транзиции со распадот на социјализмот и на работа задржи околу 200 работници. Но, пред две и пол години по барање на доверителите за наплата на долговите, процесот на производство запре по 95 години работа. Сега доколку не се преземат итни мерки за заштита и одржување на просторот, фабриката може да ја доживее истата судбина како на другите некогашни текстилни фабрики чии објекти се распаѓаат.
Од Битолската полиција потврдија дека често добиваат пријави од соседите за крадци во Трикотажата. Неодамна интервенирале по таква пријава и таму затекнале неколку лица за време на полициски час. Но, лицата кај себе имале безвредни премети кои не потекнувале од кражба во Трикотажата. Сепак, против нив биле поднесени пријави за кривичното дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
Во првиот месец од пандемијата, Скопје, Битола и Штип предничат во кривичните дела од имотниот криминал каде од 515 тешки кражби, во овие три града извршени се околу 400. Вкупен број тешки кражби на подрачје на Скопје во анализираниот период е 227, од кои најголем број во возила. Потоа следи подрачјето на СВР Битола со 102 тешки кражби, од кои 65 на подрачје на ОВР Прилеп, СВР Штип 68.