„Криенката“ со францускиот предлог ја зголеми недовербата кај јавноста

Протест против францускиот предлог пред Собрание, 7 јули 2022

Селективна транспарентност и необјавувањето на сите документи за преговорите со Бугарија за старт на преговорите со ЕУ ја зголеми недовербата кај јавноста и отвори сомнеж дека власта нешто крие. Опозицијата вели дека Собранието добило само еден лист од Владата и го бараат Протоколот со Бугарија. Од власта сега велат дека Протоколот не го објавуваат, оти не е потпишан. Информацијата што ја испрати власта ќе оди директно на собраниска седница.

Објавувањето на францускиот предлог „на рати“ ја зголемува недовербата кај граѓаните и сомнежот дека власта нешто крие. Тоа, пак, отвора простор за појава на други центри на моќ, кои ситуацијата ја користат да „протнат“ свои видувања, лажни вести и дезинформации, велат комуниколози за РСЕ. Владата треба да игра со отворени карти, за да не подгрева страстите кај граѓаните.

Нема простор за селективна транспарентност

Лошо комуникациски се менаџира целата работа со презентирањето на францускиот предлог и необјавувањето на билатералниот протокол со Бугарија, вели Жанета Трајкоска, директорка на Институтот за комуникациски студии. Таа потсетува дека сè започна со ставот дека никој го нема видено предлогот, па го имаат видено, па дека не го добиле, па дека го добиле.

„Сè на сè тоа создава една несигурност и чувство дека нешто големо се крие кај јавноста. Кога имаме состојба кога најголем дел од населението е лично заинтересирано и има свој став за одредени работи кои ќе имаат влијае врз иднината на нашата земја, нема простор за селективна транспарентност, ниту за селективно информирање, односно потребна е целосна транспарентност, објавување на сите документи, нивно објаснување и отворање на една широка и долга дебата каде ќе се чујат сите гласови“, вели Трајкоска.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Трајкоска - Нетранспарентноста за францускиот предлог создава простор за дезинформации

Анатомија на еден предлог

На 17 јуни во Бугарија стигна францускиот предлог за надминувањето на спорот меѓу Софија и Скопје со што би се стартувале преговори меѓу Македонија и ЕУ. Со денови македонските власти тврдеа дека тие таков предлог не добиле, и најавија дека за тоа ќе се изјаснат откако за предлогот ќе се изјаснат сите членки на ЕУ. Во меѓувреме во бугарските медиуми се објавуваа делови за кои се тврдеше дека се од договорот, а македонските, во отсуство на информации, се повикуваа на своите бугарски колеги. Освен трите делови од таканаречениот француски предлог, се зборува и за Протокол со Бугарија, билатерален документ што, како што велат македонските власти, сè уште не е потпишан. На Самиот на ЕУ во Брисел на 23 јуни, премиерот Димитар Ковачевски му рече „Не“ на предлогот во првичната форма и побара негови измени, со неколку таканаречени црвени линии.

Видете и ова: Македонија со три, Бугарија со четири црвени линии за конечен француски предлог

Францускиот предлог, модифициран, како што објавија македонските власти, во земјава стигна на 30 јуни. Владата најави дека ќе го објави предлогот, но тој на владината веб-страна се појави неколку денови подоцна и тоа само на англиски јазик. Трите документи испратени од ЕУ после неколку денови беа преведени и на македонски јазик, но јавноста сè уште е куса за билатералниот Протокол со Бугарија, за кој се претпоставува дека ги содржи клучните прашања за историјата за кои луѓето негодуваат.

Протоколот, всушност е записникот од вториот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија формирана врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија.

Трајкоска од Институтот за комуникациски студии вели дека со селективното објавување на документите се создава простор за дезинформации.

„Целосна транспарентност во најголем дел го намалува просторот за дезинформации и не остава простор или можност да се шират дополнителни работи. Вака се создава огромен бришан простор каде што имаме секакви центри на моќ, кои пласираат секакви информации, дел од нив не се во интерес на нашата држава, но од друга страна криењето или недавањето на информациите ја дава таа моќ на овие центри кои шират спинови, дезинформации итн.“, вели таа.

Откако и македонските власти соопштија дека го добиле изменетиот францускиот предлог и дека тој е подобрен за разлика од првата верзија, за која официјално не кажаа дали ја добиле, на 2 јули почнаа протести против власта да не го прифаќа предлогот од Франција. Протестите влегуваат во втората недела, а на дел од нив имаше и инциденти, со материјална штета, приведени и повредени.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Една седмица протести против францускиот предлог

Одлуките се тешки, но мора да се игра со отворени карти

Граѓаните треба да имаат чувство дека се прашани и дека одлучуваат, особено, за големи работи, а од друга страна власта мора јасно да каже која е ситуацијата, вели експертот по социјални медиуми и односи со јавност Бојан Кордалов. Едно од сценаријата кое може да се искористи за оваа работа при презентација на Договорот е како кај Преспанскиот договор, кој, како што вели, исто беше тежок и за него имаше недоразбирање и отпор кај јавноста. Тогаш се одеше на целосна дебата, се презентираше, па се отиде и на референдум, потсетува Кордалов. По тој договор власта повторно освои мандат на избори, иако дотогаш партите стравуваа да склучат договор за да не ја изгубат власта.

„Ако не се води добра комуникација, јас не сум сигурен дека такво нешто може да се очекува во иднина со овој Договор. Давам насока зошто е важно работите отворено да се прават, и тешките одлуки кога се носат ако граѓаните имаат чувство дека се прашани, ако знаат дека одлучуваат, не дека сите ќе прифатат, меѓутоа ќе знае секој од нас да рационализира и да донесе свој суд, одлука“, вели Кордалов.

Другото сценарио, што може да го искористат е да им се објасни и контекстот во кој доаѓа овој договор.

„Во услови на воени кризи сме, енергетски, економски и дека светот едноставно се определува на која страна се наоѓа при што нашиот предлог е да бидеме на европскиот пат, бидејќи сме членка на НАТО и заради ова тоа е сценариото за кое треба брзо да се одлучиме и да донесеме одлука“, вели Кордалов.

Но, кое и сценарио да се користи, мора јасно да се каже што се прави, за да може граѓаните тоа да го ценат, вели тој.

А Протоколот?

Документите што Владата ги испрати до Собранието со Информацијата за предлог-преговарачката рамка со ЕУ ќе бидат ставени на пленарна седница, што претседателот Талат Џафери дополнително ќе ја закаже.

Информацијата, таква каква што ја добил, без да навлегува во содржината ќе им ја достави на пратениците, а нема деловничка одредба што му овозможува да ја врати на предлагачот, односно на Владата, се наведува во соопштението од Кабинетот на Џафери. На денешната координација во Собранието присуствувал и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кој вели дека ќе им ги пренесе во владата ставовите на опозицијата за потребата да се дополни Информацијата со сите материјали кои се јавно достапни и во неа да се наведени референци.

Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ велат дека листот хартија што го добиле од Владата, како информација за содржината на Предлог-преговарачка рамка со ЕУ, е крајно непочитување за пратениците.

„Дополнително, бараме под итно да се достави македонско-бугарскиот протокол, којшто претставува најважен документ во овој процес и којшто е клучен документ врз кој ќе се договараат правилата на игра помеѓу двете земји во наредниот период. Ако пратениците од владиното мнозинство се спремни на вакво понижување, ние од опозицијата не сме и затоа бараме да бидат доставени сите документи согласно собраниско-деловничката процедура“, рече координаторот на пратеничката група Никола Мицевски.

Тој вели и дека Собранието мора да биде спремно да ги слушне и реакциите на граѓаните, експертите, невладиниот сектор и сите други засегнати страни и да организира дебата и разгледување на овој предлог.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, по денешната координација во Собранието, рече дека содржината на билатералниот протокол со Бугарија сè уште не е договорена и таков документ не е потпишан.

„Кога ќе биде потпишан и кога ќе биде договорен, тогаш ќе биде објавен за цела јавност и верувајте дека сè ова што сега се зборува ќе видите дека, тогаш кога ќе биде објавен, ќе биде се побиено“, додаде Митревски.

Кога Протоколот ќе биде потпишан, ќе биде објавен во јавноста тврди и координаторот на ДУИ, Арбер Адеми.

„Сите документи поврзани со францускиот предлог се јавно достапни, граѓаните може да ги прочитаат, а протоколот не е уште финализиран и објавен. Кога ќе се потпише ќе биде објавен“, рече Адеми.

Тој вели и дека не треба да им се верува на лажни вести.

Претставници на Владата во неколку наврати обвинија дека се користат лажни вести, дезинформации, хибридни закани да се ослабне државната позиција. Тие ја обвинуваат опозицијата дека го прави тоа, а вицепремиерот Груби во изјава споменуваше и „долга руска рака“ и странски агенти кои се мешаат во протестите против францускиот предлог.

Адеми од ДУИ вели дека, како никогаш со сега, на најтранспарентен начин се објавени сите документи и јавноста е информирана за нивната содржина. Тој вели дека штом партиите нешто оспоруваат, и штом има протести, сигурно имале пристап до документите за да знаат што оспоруваат.

Не може официјални лица да излезат и да тврдат дека одредени центри на моќ шират дезинформации, а притоа да не ги даваат сите документи кои се од исклучителна важност за целиот процес, вели Трајкоска.

„Сето тоа создава простор за страв, простор за недоверба, намалување на довербата кон институциите и целосна поларизација и поделба на граѓанското тело и за жал, направена е штета што долгорочно ќе треба да ја поправаме сите ние“, вели таа.

Дека транспарентноста во однос на спорот со Бугарија е многу важна се согласува и претседателот на државата Стево Пендаровски. Тој во телевизиско интервју за ТВ 21 вели дека доколку тој лично се прашува протоколот би го објавил уште пред една година.

„Нема од што да се плашиме во тој документ, никој со сила не може да те направи Бугарин, изјави Пендаровски.